Од ЈПКД „Комуналец“ информираат дека во прекин е водоснабдувањето на улиците „Бетовенова“ и „Бошко Буха“ во Струмица поради настанат дефект.

Екипи од Одделението Водовод и канализација на струмичкото комунално претпријатие работат на отстранување на дефектот. Нормализирање на водоснабдувањето се очекува до 15:00 часот.

СВР Струмица информира дека вчера во Полициската станица во Струмица, лицето Т.Т. (55) од Струмица пријавил дека на 07.05.2020 околу 17:00 часот на улицата: „Крсте Мисирков“ во Струмица велосипедист удрил во неговиот 6-годишен син, по што застанал да му пружи помош.

По незгодата од доктор во ЈЗУ „Општа Болница“ Струмица на малолетникот му биле контстирани тешки телесни повреди.

Увид на местотот на настанот извршила увидна екипа од СВР Струмица.

Во изминатите 24 часа направени се 411 тестирања, а потврдени се 36 нови случаи на КОВИД-19 и тоа во: Скопје - 7, Куманово - 4, Прилеп - 4, Тетово - 12, Велес - 6, Гостивар - 1, Пехчево - 1 и Берово – 1, објави министерот за здравство, Венко Филипче. Досега во земјата се направени вкупно 18.821 тестирања на КОВИД-19.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина пациент од Велес на 58-годишна возраст, хоспитализиран на клиниката пред една недела со тешка форма на болеста, приклучен на механичка вентилација од 6 мај.

Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1622, бројката на оздравени пациенти е 1112, на починати е 91, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 419.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 13 оздравени пациенти. Во Скопје 6, Куманово 2, Прилеп 1, Тетово 1, Македонски Брод 1, Пехчево 1, Виница 1.

Поради новото ограничување за движење во текот на викендот, што Владата го донесе вчера, ЈПКД „Комуналец“ Струмица ги информира граѓаните дека зелените пазари „Чешел“, Кантон“, како и Кванташки пазар денеска ќе работат до 18:00 часот, наместо 14:00 часот како што претходно беше најавено.

Струмичкото комунално претпријатие секојдневно ги чисти и дезинфицира овие пазари, но сепак поради заштита од коронавирусот сите продавачи треба да носат заштитни маски и ракавици, а истите заштитни мерки важат и за купувачите, како и задолжително држење на растојание од 2 метри.

Љубовта кон производите на AVON е првиот мотив таа да стане претставник во компанијата од нејзините сами почетоци пред 15 години. Денес, Елена Зетова од Струмица е на највисоката позиција како зонален менаџер на Зона 005. Во видеото слушнете го нејзиниот пат до успехот.

Владата на Република Северна Македонија на тековната 50-та седница донесе одлука за скратување на забраната за движење за време на викенд.

Почнувајќи од утре (9 мај), во сабота и недела, граѓаните ќе можат да се движат во периодот од 05:00 часот до 19:00 часот.

Во сабота и недела, сите млади лица под 18 години ќе можат да се движат од 13:00 до 19:00 часот, а сите возрасни граѓани над 67 години ќе можат да се движат од 05:00 до 12:00 часот.

Остануваат на сила сите други мерки за заштита од КОВИД-19 донесени од Владата.

Во изминатото деноноќие потврдени се 14 нови случаи на Ковид-19 од направени 242 тестирања, почина пациент од Тетово на возраст од 61 година, хоспитализиран на 28 април во ГОБ „8 Септември“.

Во Институтот за јавно здравје денеска се регистрирани 20 оздравени пациенти. По градови во: Куманово 9, Велес 7, Прилеп 2 и по еден  во Скопје и Битола.

Согласно ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1586. Бројката на оздравени пациенти е 1099, на починати е 90, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 397. Последната дистрибуција по градови е:
Скопје – 531, активни 130
Куманово – 404, активни 61
Дебар – 51, активни 0
Штип - 35, активни 2
Прилеп – 169, активни 62
Тетово – 96, активни 42
Струга – 67, активни 16
Велес – 101, активни 46
Битола – 22, активни 3
Охрид – 15, активни 9
Кавадарци – 5, активни 1
Гостивар – 17, активни 3
Гевгелија – 4, активни 0
Струмица – 2, активни 0
Крива Паланка - 6, активни 2
Радовиш – 4, активни 0
Крушево – 3, активни 0
Кочани – 31, активни 5
Пробиштип – 2, активни 0
Кичево – 2, активни 1
Неготино - 9, активни 7 (7 заболени лица од ПЕ Неготино се жители на Демир Капија)
Демир Хисар – 1, активни 0
Македонски Брод – 2, активни 1
Пехчево - 2, активни 2
Делчево - 1, активни 1
Валандово - 1, активни 1
Виница – 2, активни 1
Кратово - 1, активни 1

Во изминатото деноноќие на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се два пациенти со потешка клиничка слика, а вкупно хоспитализирани се 42. На кислородна поддршка се 16, а на механичка вентилација четири пациенти.

Во ГОБ „8 Септември“ примени се четири нови пациенти, а вкупно хоспитализирани 20. На респираторна машина се двајца пациенти и уште двајца се со потешка клиничка слика.

Во болницата во Битола се лекува  еден пациент, а на домашно лекување се следат двајца пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани вкупно пет, а уште еден пациент се следи на домашно лекување. На ифективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Охрид и Тетово сe хоспитализирани 46 пациенти, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

ЈПКД „Комуналец“ Струмица ги информира граѓаните дека зелените пазари во Струмица, „Чешел“, „Кантон“ и Кванташки пазар, од понеделник до петок работат од 07:00 до 18:00 часот, а во сабота до 14:00 часот.

Од струмичкото комунално претпријатие информираат и дека започна со работа Сточниот пазар со работно време во сабота до 14:00 часот.

„Сите овие места секојдневно се чистат дезинфицираат, но сепак поради заштита од коронавирусот сите продавачи треба да носат заштитни маски и ракавици, а истите заштитни мерки важат и за купувачите, со задолжително држење на растојание од 2 метри“ – стои во соопштението на ЈПКД „Комуналец“.

Домот за стари лица „Отворено срце“, сместен во поранешниот комплекс „Цареви кули“ над Струмица на надморска висина од 600 метри во прекрасна и недопрена природа, нуди сместување на стари лица со 24-часовна грижа.

„Нашата мисија е да обезбедиме топол и пријатен дом за вашите родители и да се посветиме на нивното здравје и долговечност. Комплексот овозможува секојдневни разновидни активности како во домашни услови. Собите се на база на апартмани за едно, две или три лица и посебен дел за лица со специјална нега. Секоја соба е опремена со неопходна опрема за нормално живеење и купатило во самата соба“ – велат од Домот за стари лица „Отворено срце“.

Домот за стари лица со Дневен центар „Отворено срце“ е институција која има професионално обучен кадар, како што се социјален работник, доктор, медицински сестри, физиотерапевт, геро домаќинка, како и професионални кувари за подготвување на вкусна храна со продукти од руралните средини.

Начинот на живот на старите лица ќе им биде променет од самотничко живеење во четири ѕида во живот со активности во градинарскиот клуб, клубот за готвење, клуб за уметност и занаети, рекреативни лесни вежби, дневни прошетки и слично.

Тимот на „Отворено срце“ ве очекува да се стави на ваше располагање, бидејќи грижата за вашите најблиски стари лица е нивна основна цел.

Заинтересираните граѓани за престој во Домот за стари лица можат да закажат преку телефонскиот број: 075/499-188.

Комерцијална објава

Со полагање свежо цвеќе пред споменикот на двајцата загинати полицајци, Атанас Јанев и Кољо Китанов, од вооружениот конфликт во 2001-та година и со делење заштитни маски на граѓаните, случајни минувачи во центарот на Струмица, Секторот за внатрешни работи во Струмица го одбележа Денот на полицијата, 7-ми мај.

Мери Аврамова од СВР Струмица вели дека преку Отсекот на првенција и Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, а по повод празникот на полицијата се реализираше денешната превентивна активност со делење на заштитни маски, посебно на оние граѓани кои не носеа и им се укажуваше за почитување на мерките за заштита од Ковид-19.

„Заштитните маски ги делевме на граѓаните кои ги затекнавме пред наплатни пунктови, пошти, банки, маркети и други објекти со цел да потсетиме на важноста од носење на заштитна маска од ширењето на коронавирусот и почитувањето на препораките на Владата“ – кажа Аврамова.

По повод Денот на полицијата, Секторот за внатрешни работи во Струмица на компании кои и помогнале на полицијата во спроведувањето на мерките за заштита од Ковид-19 им додели Благодарници, а истите наместо на свеченост, која вообичаено се организира во Струмичката полиција, а поради ситуацијата со пандемијата, им беа доставени од страна на полициски службеници во самите компании.

СВР Струмица информира дека вчера утрото околу 06:30 часот кај Кванташки пазар во Струмица, патничко возило „Мазда3“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од К.Н. (45) од село Миравци, гевгелиско, удрило во пешак В.Џ. (57) од село Стојаково.

Во сообраќајната незгода со тешки телесни повреди се здобил пешакот, кој е префрлен во болницата во Струмица.

Увид на местото на незгодата извршила екипа на Полициска станица Струмица.

Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски објави видео анимација со нов изглед на просторот околу Манастирот „Свети Леонтиј“ во Водоча, кој од денеска започнал да се уредува со пари од ИПА Програмата за прекугранична соработка 2014-2020.

Според информацијата што ја објави Јаневски, ќе се изгради парк во близина на манастирот, ќе се уреди влезот на населеното место Водоча, а ќе биде изградена и патека до помошните објекти на манастирот.

„Општина Струмица продолжува да ги користи сите расположливи фондови на Европската Унија за развој и подобрување на инфраструктурата во близина на туристичките локалитети и културно – историските знаменитости“ – напиша на Фејсбук градоначалникот Јаневски.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 44 оздравени пациенти. Во изминатите 24 часа направени се 292 тестирања, а потврдени се 13 нови случаи на Kовид-19 и тоа во: Куманово-1, Прилеп-3, Тетово-3, Велес-5 и Битола-1. Досега во земјата се направени вкупно 17.836 тестирања на Kовид -19.

Во ГОБ „8 септември“ почина пациент од Прилеп на возраст од 55 години, хоспитализиран на 22 април, кој 13 дена бил приклучен на респираторна машина. Во болницата во Битола почина пациент хоспитализиран на 4 мај како сомнителен на Kовид-19, чиј брис постмортем покажал присуство на вирусот.

Вкупната бројка на дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1539, бројката на оздравени пациенти е 1057, на починати е 88, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 394.

Ѓурѓовден е еден од најголемите и најубавите пролетни празници. Тој е празник на земјоделците и сточарите и го слават не само христијаните, туку и останатото население во Македонија и сите христијани во светот. Тој е неподвижен празник, секогаш се прославува на 6 мај по новиот или на 23 април по стариот календар. Суштина на празнувањето на овој голем празник е будењето на природата, вегетацијата и на животот воопшто.

Македонскиот народ го има прифатено Св. Ѓорги како свој голем заштитник и светец. На иконите е претставен како воин на силен коњ кој со копјето ја убива ламјата – симболот на злото, мразот и студот. За овој голем светец се испеани бројни песни во кои се слави победата на доброто над злото, на светлината над мракот, на топлината над студенилото.

Многу села во струмичко, како што се Дрвош, Сушица, Ново Село, Зубово, Пиперево, Муртино и други, Ѓурѓовден се прославува како селска слава, а оние кои го носат името Ѓорги, Гоце, Гоне или име изведено од ова име слават именден при што ги посетуваат бројни роднини и пријатели.

Во манастирите кои го носат името на Св. Ѓорги се организираат општонародни собори со богата трпеза сѐ со цел овој голем ден да се прослави посвечено, подостоинствено и побогато.

Ден пред Празникот, на 5 мај во повеќе села од Подгоријата и Огражденот се слави Овчарскиот празник, древен, ендемски обичај, при што се коли курбан, најубавото и најздравото машко јагне, се пече на ражен и со бројни обреди и дејствија во кои учествува целата фамилија и пријатели од други места, се прославува идењето на Ѓурѓовден. Некогаш, кога Струмичката котлина обилувала со стока. На Ѓурѓовден, рано, пред да изгрее Сонцето, стоката се носела „на роса“. Се терала покрај реките, изворите, пасиштата богати со бујна трева, обичај кој требало да ја манифестира слеаноста на земјоделците и сточарите со природата, а девојките го ваделе својот чеиз на балконите, го распостелувале за да се види колку и што имаат... Убави обичаи!
Девојки и момчиња во помали или поголеми групи се упатувале кон некоја блиска ливада или двор каде имало родно дрво погодно за правење лулка за лулање. Претежно се лулале девојките. Ергените стоеле потпрени на дрвото каде била врзана лулката и со очи полни со љубов ги следеле движењата на лулката во која се лулала саканата девојка. Тука блеснувале и првите љубовни искри. Лулањето било пропратено со пригодни песни со кои се поттикнувало дружењето, љубовта меѓу младите и овозможувале да се надмине јазот меѓу половите. „Во песните се раскриваат взаемните чувства што предвестуваат среќа и свадба“. Тие биле мигови кога се пеело:
На љуљките диљбер Стана љуљајте, фрљајте, и, и!
Од дол иде лудо младо, љуљајте, фрљајте!
Ф раци носе до две китки гороцвет, гороцвет.
Едната је на момата, љуљајте, фрљајте!
Ја другата на момчето, љуљајте, фрљајте, и, и!
Во овие песни што се одраз на будењето и буењето на природата, се раѓаат најблагородните чувства према убавината воопшто, а кон љубовта и убавината на девојката посебно:
–Ѓурѓе ле Ѓурѓе, убаво, море,
Ѓурѓе ле, Ѓурѓе, убаво!
Та што си толку убаво, море,
та што си толку убаво?
Дал си од Бога паднало, Ѓурѓе,
дал си од Бога паднало?
Ил си од земја никнало, Ѓурѓе,
ил си од земја никнала?
–Ни сам од Бога паднало, Ѓорѓи,
ни сам од Бога паднало!
Ни сам од земља никнало, Ѓорѓи,
ми сам од земља никнало!
И мене мајка родило, Ѓорѓи,
и мене мајка родило!
Со пресно млеко појило, Ѓорѓи,
со пресно млеко појило!
У рујно вино бањало, Ѓорѓи,
у рујно вино бањало!
На Ѓурѓовден ме родило, Ѓорѓи,
на ѓурѓовден ме родило!
Ѓурѓа ми име турила, Ѓорѓи ле,
Ѓурѓа ми име турила!
Затој сам толку убаво, Ѓорѓи ле,
затој сам толку убаво!

На овој празник се манифестирале силата, здравјето, снаодливоста и издржливоста на младите. Се организирале разни спортски, преди сѐ народни игри. Се практикувала „кушија“, трка со коњи, а се организирале трки за деца и возрасни, натфрлање камен, троскок и сл.

За жал, во некои села тоа полека, полека замира. За среќа, пак, сé уште, иако во рудиментирана форма, живее во некои селски средини.

Струмичанецот Иван Котев е познат фолклорист, собирач и запишувач на народното творештво од струмичкиот крај. Иван Котев многумина го нарекуваат современиот Марко Цепенков, но според бројот на собраните народни умотворби, тој го надминал и Цепенков.

Денеска православните верници го празнуваат празникот на светиот великомаченик Георгиј, познат како Ѓурѓовден. Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското, туку и целото население во Македонија, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем предхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар.

Кај нашиот народ со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна пословица се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”.

Се подобрува енергетската ефикасност во поранешната управна зграда на „Комуналец“, каде сега се сместени Јавните претпријатија „Паркиралишта Струмица“ и „Струмица Гас“.

Според информациите од Општина Струмица, деновиве започна замената на старите прозорци и врати со нови. На овој начин побрзо и полесно ќе се загрее просторот и значително ќе се намалат загубите на топлина, а со тоа ќе се намали и потрошувачката на енергија.

Овој зафат се реализира со средства во износ од 1.200.000 денари, грант добиен по јавен повик од Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година – енергетска ефикасност, објавен од Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, а аплициран преку Одделението за заштита на животната средина во општина Струмица.