Младите од Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“ од Струмица го одбележаа 3-ти декември, меѓународниот Ден на лицата со попреченост.

Под мотото „МОЈА – ТВОЈА – НАША БОЈА“, во големата сала на Домот на АРМ се одржа хуманитарна манифестација на која беа претставени боенките, изработени токму од младите членовите во „ПОРАКА“, како и новогодишни украси кои ги прават во рамките на секојдневните креативни работилници на оваа граѓанска организација.

Струмичани ги поддржа, ги имаше во голем број, за симболична цена си купија од изложените украси, а парите собрани од продажбата на креациите ќе бидат искористени за опремување на Социјалниот Клуб на ЦПЛИП „ПОРАКА“, со потребните дидактички материјали за натамошна работа.

Покрај продажбата на ракотворбите од младите со интелектуална попреченост, беше организирана и мала приредба со ученици од основните училишта „Никола Вапцаров“ и „Видое Подгорец“ од Струмица, заедно со децата од посебното основно училиште „Св. Климент Охридски“ од Ново Село, кои ја пренесоа пораката за еднаквост, заедништво и потребата од поголема инклузија во сите пори на општеството.

„Нека се препреки сто, но го можеме ова заедно. Мојата боја е и твоја боја, твојата боја е и наша боја… Сите сме деца под ова сонце, исто се смееме, радуваме, плачеме, паѓаме, стануваме – нема разлика“, порачаа од сцената младите учесници на манифестацијата.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Доцна попладнево околу 17:00 часот на пешачкиот премин од детската градинка кон зградата до главната болница во Струмица, автомобил прегазил жена. Како што информираат очевидци за Радио СтрумицаНет, возачот на автомобилот по ударот не застанал за да и помогне на жената, побегнал во непознат правец.

Екипа на Итната медицинска помош веднаш пристигнала на местото и по укажаната прва помош со тешки телесни повреди жената е префрлена на Хируршкото одделение во ЈЗУ „Општа болница“ во Струмица. Полицијата е на местото на незгодата и врши увид...

Александар Донев од струмичкото ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес конференција побара Општина Струмица парите за Новогодишно украсување на градот да ги пренамени за купување амбулантно возило за Струмичката болница.

Интегрален текст од прес конференцијата:

„Централното градско подрачје на град Струмица секоја година добива новогодишно украсување. Општина Струмица улиците и булеварите ги украсува со светлечки елементи, голема елка и лампиони. Но, она што секако по малку изненадува е сумата пари што се троши за украсување.

Оваа година Општина Струмица ќе инвестира околу 35.000 евра или безмалку 2.200.000 денари. Да потсетиме: само минатата година оваа сума беше 2,5 милиони денари.

Секој би се согласил дека украсувањето е добро и дека за повеќе пари секогаш може и подобро.

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ смета дека во моментот во државата се налага потреба од вложување во поважни и итни работи како што се здравството и социјалатa.

Предлагаме алокација на оваа сума средства за набавка на амбулантно возило. Амбулантното возило да биде подарено на јавна здравствена установа во општина Струмица.

Ваквиот чин ќе покаже дека власта се соочи со реалноста во државата, посебно со состојбата во здравството и, работи на подобрување на условите за вработените и пациентите“ – кажа Александар Донев, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.

Под мотото „МОЈА – ТВОЈА – НАША БОЈА!“, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“ од Струмица утре (вторник, 3 декември), во Дом на АРМ во Струмица со почеток од 18:00 часот, организира хуманитарна манифестација по повод одбележување на 3-ти декември – меѓународниот Ден на лицата со попреченост.

На хуманитарната манифестација ќе бидат претставени боенките кои ги изработија членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА, во рамките на проектот, како и креации од серијата креативни работилници кои ЦПЛИП - ПОРАКА Струмица ги реализираше во текот на 2019 година, дел од Годишната програма.

Присутните гости на манифестацијата, за симболична сума, ќе можат да ги купуваат боенките, ракотворбите и украсите, а парите собрани од продажбата на креациите ќе бидат искористени за опремување на Социјалниот Клуб на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица со потребните дидактички материјали за натамошна работа.

На манифестацијата, ученици од општинските основни училишта ќе се претстават со рецитали, мини драми за еднаквоста на децата, во кои вклучени ќе бидат и членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, односно и лица со интелектуална попреченост, со што ќе се пренесе порака за еднаквост, заедништво и потребата од поглема инклузија во сите пори на општеството.

Од ЈПКД „Комуналец“ информираат дека поради отстранување на дефект на водоводна цефка, во моментот прекинато е водоснабдувањето на улиците „Моша Пијаде“, „Мајка Тереза“ и „Сава Ковачевиќ“ во градот Струмица.

Екипи на јавното комунално претпријатие се на терен и работат на отстранување на дефектот. Нормализирање на водоснабдувањето се очекува до 14:00 часот, велат од „Комуналец“.

Многу висока загаденост на воздухот вечерва има во Струмица. Сите шест мерни станици покажуваат висок процент на загаденост, која може да се види преку апликацијата „Мој воздух“.

Пред полноќ, односно во 23:00 часот во градот Струмица регистрирани се 337 ПМ честички на 100 микрограми во реонот на улицата „Мара Минанова“, 304 ПМ честички во реонот на улицата „Вера Циривири“, 289 ПМ честички на улицата „Методи Митевски“, 281 ПМ честички кај болницата – „Здравствен дом“, 228 ПМ честички на „Ленинова“, а најмалку, но сепак над нормалните граници, воздухот е загаден и во центарот на Струмица, односно на плоштадот „Гоце Делчев“ со 183 ПМ честички на 100 микрограми.

Препораките на надлежните во вакви ситуации е да се избегнуваат подолги периоди на отворена површина. На мали деца, стари лица и бремени жени здравствените власти им апелираат да не излегуваат без посебна потреба.

Полна сала народ, среќни, но и емотивни лица, од различни возрасти, возбудени деца, пресреќни што беа во улога на манекени, некои за прв пат, а некои по втор пат, а некој и по трет пат на третата манифестација, или модна ревија на деца со попреченост, насловена „Убави сме, свои сме“, што ја организираше Здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром „Вера“ од Струмица.

Хотелот „Сириус“ им ја отстапи свечената сала на овие млади и чисти души со искрено срце, да се претстават пред струмичани, но и граѓани од регионот. Сите беа облечени во креатции од различни бутици од Струмица и неколку градови од каде доаѓаа, а ги имаше од цела држава.

И нивните придружници, познати фаци ги имаше од секаде. Тука беа градоначалниците на Струмица и Валандово, Коста Јаневски и Перо Костадинов, сопругата на премиерот, Зорица Заева, од естрадата Васил Гарванлиев, Ленче и Горан Кукиќ, Александра Јанева, Игор Ангелов, Томе Лазаров со својата ќерка Вања ја отворија манифестацијата со песна и придружба на познатото девојче со даунов синдром, Верче Туфекчиева. Во придружба на децата со попреченост беа и директорката на музичкото училиште „Боро Џони“ во Струмица, Клара Патарова, бизнисменот Наско Пишев, сопственик на рафинеријата за масло „Ал-Макс“ од Струмица, д-р Кристијан Костов, директор на Градската Општа болница „8-ми Септември“ во Скопје, стилистот Марјан Петров, сопственик на „Hair studio MAGIC“, одбојкарките на ОК „Наковски Волеј“ и уште многу други, заедно со триесеттина деца и млади со попреченост. Сите тие испратија порака дека под оваа небо сите сме исти и еднакви и посакаа свет без различности.

Свечената сала на хотелот „Сириус“ огромна, но сепак беше мала сала за оваа манифестација и претесна за толку народ кој дојде да ја даде поддршката на овие деца, но и на нивните родители. Градоначалникот, отворајќи ја манифестацијата вели дека треба да размислуваме за некоја поголема сала за оваа прекрасна манифестација „Убави сме, свои сме“, која веќе станува традиционална во пресрет на светскиот Ден на лицата со попреченост, 3-ти декември.

Анче Туфекчиева, упати голема благодарност до сите учесници, но и до компании и општините Струмица и Валандово за големата поддршка, оти децата со попреченост заслужуваат внимание и простор да ги истакнат своите квалитети, но потребна е поддршка и подадена рака.

Екипи на ЈПКД „Комуналец“ денеска долж булеварот „Маршал Тито“ во Струмица ги кроеја дрворедите.

Се кроеја дрвјата во „малото паркче“ спроти ТЦ „Глобал“, се отстрануваа и исушените гранки од двете страни на булеварот се до кружниот тек кај главната пошта.

Денеска „комуналци“ започнаа и со чистење на поројот „Крушевска Република“ во Струмица. Рачно и со механизација се врши есенско чистење на поројот од треви кои вегетирале во летниот и есенскиот период и од  разновиден отпад фрлен во него.

Од ЈПКД „Комуналец“ повторно апелираат до граѓаните кои живеат покрај поројот, својот отпад да не го фрлат во него, туку истиот да го пријават на телефонски број: 034/325-909, за да биде подигнат од страна на екипи од јавното комунално претпријатие.

Сашо Милковски од Коалицијата „За подобра Македонија“, заедно со членовите на Советот на општина Струмица од оваа коалиција, денеска пред управната зграда на ЈПКД „Комуналец“ одржаа прес конференција на која реагираат на склучениот договор за собирање на смет што го направи јавното комунално претпријатие со приватна фирма.

Интегрален текст од прес конференцијата:

Советничката група на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ денеска пред управната зграда на јавното претпријатие „Комуналец“ од Струмица го изразува незадоволството на граѓаните од досега невиден скандал.

Станува збор за веќе објавениот договор со кој, замислете „Комуналец“ од Струмица за 1.200.000 евра со договор ангажира приватна фирма за собирање на смет.

Дискутабилната причина за овој скандален чин, директорот на претпријатието со лесно ја објаснува: дотраеност на возилата на јавното претпријатие и широкиот регион за чистење.

Граѓаните се прашуват: Дали е нормално јавното претпријатие чија основна дејност е да го чисти сметот, да ги предаде своите работни обврски на друго правно лице на сметка повторно на граѓаните?

Со половина илјада вработени јавното комунално претпријатие ќе ги предаде своите работни задачи на друго, очигледно поефикасно правно лице.

Дали е нормално друга фирма да има подобра механизација од специфичен тип и заради кои активности веќе ја поседува таа механизација, и особено надлежните да утврдат кога ја набавила?

Да потсетиме: пред одредено време покачена е цената на водата, пред одредено време се согласивме на нов кредит заради менување на броилата, а ваму испаѓа дека сме имале пари дури и за приватни фирми.

Во оваа општина започна, и веќе 15 години се случува еден процес на финансиски поврзани садови, по системот „пола пие - пола на коњот му дава“.

Заради тоа се случува на државните тендери да се пријавува најчесто една група на фирми. Но, ова мора да престане и некој да сноси одговорност за неуспешно менаџирање.

Советничката група будно ќе ја следи оваа ситуација и ќе ги известува граѓаните, а ќе ја извести и меѓународната јавност за овој скандал.

Во пресрет на меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3-ти декември, Струмица и хотелот „Сириус“ денеска ќе бидат домаќини на триесеттина деца и млади луѓе со попреченост од Македонија, учесници на хуманиот настан на љубовта и забавата. Манифестација насловена „Убави сме, свои сме“, која веќе трета година ја организира Здружението за поддршка на лица со Даунов синдром „Вера“ од Струмица, предводено од Анче Туфекчиева, мајка на дете со Даунов синдром.

Денеска од 16:00 часот, во големата сала на хотелот „Сириус“, точно 33 деца и млади од целата држава, придружувани од познати јавни личности од политиката, стопанството, естрадата, здравството, културата, спортот, ќе продефилираат низ импровизираната модна писта со креации кои специјално за нив ги изработија и обезбедија модни креатори и бутици.

Анче Туфекчиева вели дека се е подготвено да ги пречекат младите учесници, но и граѓаните, кои ќе ги поддржат овие млади луѓе со попреченост и ќе ја покажат својата хуманост со присуството и поддршката.

„Влезници нема да има, ќе има кутија за донирање на самиот влез и доброволно секој посетител може да донира во рамките на своите можности. Салата е доволно голема да не собере сите. Многу ми е мило што подготовките течат во најдобар ред, сите сме нестрпливи“ – ни рече Туфекчиева, упатувајќи јавна покана до сите граѓани да дојдат и да ја проследат модната ревија, да видат дека и децата со попреченост можат и умеат.

Попладнево во Струмица, струмичките одбојкарки на „Наковски Волеј“ беа гостинска екипа во салата на ООУ „Видое Подгорец“, а нивни домаќини одбојкарките на „Македонија Макс“.

И повторно победа, против градскиот ривал со 3:1. Го задржаа лидерството, се уште нема пораз за нив во оваа сезона од Првата женска одбојкарска лига.

Осум натпревари, осма победа на девојките на ОК „Наковски Волеј“, останува единствен тим со максимален ефект и секако ќе биде прв без разлика како ќе завршат меѓусебните соочувања на ривалите. 

Струмичка Беласица попладнево на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица го заврши есенскиот дел од полусезоната со победата од 4:2 против гостинската екипа на „Плачковица“ од Радовиш.

Струмичани беа доминантни во првото полувреме од натпреварот, три пати внесувајќи ја топката во голот на гостите. Првиот гол го даде Мартин Мирчевски во 11-та минута, а по 10 минути младиот Мирчевски уште еднаш ја затресе мрежата на „Плачковица“. „Беласица“ веднаш искористи уште една шанса и во наредната 25-та минута Дарко Размоски стрелаше за 3:0. Радовишани го дадоа својот прв гол на натпреварот од пенал во 44-та минута.

Во второто полувреме Ѓорги Марков поведе во 63-та минута, а во 83-та Кудијан од Плачковица ја внесе топката во голот на струмичани за конечни 4:2.

ФК „Беласица“ со денешниот натпревар полусезоната ја заврши на врвот од табелата од Втората лига - Исток со 34 поени. Струмичкиот тим во овој дел од сезоната успеа да победи на 11 натпревари, на оној со „Брегалница“ извади реми од 0:0, а во две наврати беше надигран и тоа дома против гевгелиски „Кожуф“ и во гости од „Кит-Го“ во Пехчево.

Општина Струмица за новогодишното и божиќно украсување планира да потроши 2.118.000 денари без ДДВ, или околу 35.000 евра, објави порталот Дрнка.мк.

Украсувањето треба да почне најдоцна до 8 декември при што се планирани Новогдишна елка на плоштадот во висина од 15 метри, како и разновидни светлечки украсни елементи на булеварите „Ленинова“, „Маршал Тито“ и „Гоце Делчев“, улиците „Балканска“, „Сандо Масев“ и плоштадот со соодветно украсување.

Како што пишува Дрнка.мк, украсите од сите локации треба да се отстранат на 25 јануари, освен на булеварот „Маршал Тито“ и тоа од крстосницата со булеварот „Ленинова“ кај ТЦ „Глобал“, до раскрсницата со булеварот „Гоце Делчев“, кои треба да се отстранат на 8 март.

Во раните утрински часови осумте пожарникари од ТППЕ Струмица во раните утрински часови се вратија од Драч, Албанија, каде беа дел од спсувачкиот тим од 30-тина пожарникари од Македонија кои учествуваа во пребарување и спасување од урнатините по катастрофалниот земјотрес во вторникот, во раните утрински часови со силина од 6,4 степени по Рихтер.

По четири дена, акцијата е прекината од албанските власти, македонскиот тим ја заврши спасувачката мисија во тешки услови на неколку локации во Драч и регионот. Тие добија признание од албанскиот претседател и началникот на Генералштабот на Албанската армија.

Со над триесеттина артисти на сцена, Васил Гарванлиев оддржа концерт кој долго ќе се памети не само по неговиот моќен глас, туку и спојот што го направи со изведбата на познати македонски народни песни во нови аранжмани. Сето тоа поткрепено со многу ритмички звуци со кои направи музичко шоу во кое патуваа сите присутни кои го наградуваа со силни аплаузи и овации.

Васил Гарванлиев кој сите го паметат по „Марионка“, момчето кое со својот баритон ечеше по оперските сцени ширум светот, предизвика бранови емоции во салата на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, каде меѓу пристуните беше и премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица. Со одлично избраниот репертоар, спој на негови авторски песни со познати рефрени од богатата македонска песна, предизвика музичко патување под ѕвездите на Струмица.

На концертот насловен „Мојата улица“, тој премиерно ја изведе истоимената песна што предизвика повторно емоции и позитивна енергија кај посетителите. Васил докажа дека ако се сака може да се направи одличен концерт.

Како што и најави самиот, „Мојата улица“ беше вистинско музичко уживање и патување со најдобрите музичари од земјава, бидејќи на сцена беа продуцентот Давор Јордановски на клавијатури, хорот „Св. Злата Мегленска“, Александар Јовевски на кавал и тамбура, Горан Алиќ од Јупитер на гитара, Кеми Асанов на труба, Ратко Даутовски од „Танец“ на перкусии, Оливер Јосифовски од „Љубојна“ на контрабас и други музичари.

Книжевната критичарка, есеистка и професорка, д-р Ана Витанова Рингачева од Струмица која минатиот месец беше избрана за добитник на наградата „Горан Бујиќ“ во категоријата за книжевници - новинари надвор од Хрватска, што ја доделува хрватското друштво на писатели и неговиот задарски огранок, вчера во Задар, на книжевната вечер во чест на Горан Бујиќ ја прими наградата.

При доделувањето на наградата, Ана Витанова Рингачева говореше за нејзината книжевна и научна дејност, но и за поттикот и поддршката што ги добива од родната Струмица.

„Морам да споделам со вас едно мое интимно чувство. Кога човек патува надвор од својата земја, тоа го доживува како предизвик да се соочи со нови луѓе, нови перспективи на перцепција, со нови културни вредности и придобивки. Но, моето патување на релација Струмица, како мој роден град и мое место на живеење и дејствување и Задар, како родно место на Горан Бујиќ, чие име ја носи наградата со која сум почестена, за мене претставуваше едно иницијациско патување, како во сказните, да се отиде во триесеттото царство и оттаму да се донесе златниот предмет или бесценетоста за на крајот да се заслужи среќата. Мојата среќа е што сум овде и сега и моето сознание дека во мојот град ќе се вратам со признание кое не е само лично мое, туку му припаѓа и на моето родно место, мојата преубава Струмица“ – кажа Ана Витанова Рингачева.

Инаку, пред доделувањето на наградата „Горан Бујиќ“, универзитетската професорка Ана Витанова Рингачева, во Задар ја промовираше и книгата „Шаманизмот во макeдонската народна традиција“, нејзин докторски труд.

Промоцијата ја организираше Македонското културно друштво „Билјана“ од Задар во рамките на XVI Денови на македонската култура. Ана Витанова Рингачева пред хрватската публика ја претставија Мирјана Мајиќ од МКД „Билјана“ и книжевната критичарка, Жаклина Кутија.