Општина Струмица утре ќе ги одбележи двата Илиндена, 116 години од Илинденското востание и 75 години од Првото заседание на АСНОМ.

Утре во 09:00 часот, пред споменикот Гоце Делчев на истоимениот плоштад, ќе се одржи мала свеченост на која ќе се говори за историографијата на двата Илиндена, по што ќе биде положено свежо цвеќе, а членови на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“ ќе рецитираат револуционерна поезија.

Од Струмица, чествувањето ќе продолжи во селото Попчево, пред Спомен – бистата на илинденскиот војвода, Ристоман Кочев Попчевски.

Илинден или денот на Свети Илија е голем македонски национален и православен празник, кој се одбележува на 2-ри август. Илинден има посебно значење за историјата на македонскиот народ, поради тоа што на 2-ри август започнало Илинденското востание во 1903 година, а во 1944 година е одржано Првото заседание на АСНОМ.

Денес, илинденската традиција е испреплетена со патриотски, фолклорни и религиски симболи, што го прави Илинден еден од најважните празници во Македонија.

Со изложба на цртежи и графики, вечерва во 20:00 часот започнува со работа 56-тата меѓународна Струмичка ликовна колонија.

Петнаесеттина ликовни творци од десеттина држави меѓу кои Македонија, САД, Русија, Грција, Бугарија, Полска и Србија ќе бидат дел од најстарата ликовна колонија на Балканот.

Во следните 12 дена, колку што ќе трае колонијата, се очекува да бидат создадени околу педесеттина нови дела во повеќе различни ликовни техники со кои ќе се  збогати големата збирка, која веќе брои над 2600 дела.

Струмичката ликовна колонија е една од најзначајните меѓународни културни содржини кои се одржуваат секоја година во Струмица и е една од најзаслужните за мапирањето на Струмица во земјава и надвор од неа, како исклучително важен културен центар.

Инаку на вечерашната изложба, ќе бидат презентирани цртежи и графики кои во изминатиот половина век во Струмица ги создале значајни имиња на македонската, но и светската ликовна уметност.

Фолклорниот ансамбл „Тримери“ од Струмица, кој по неколкумесечната пауза повторно заигра на сцена, годинава на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола, доби две значајни награди.

Оркестарот на овој струмички ансамбл, под раководство на етнокореологот Симе Стоилов од Струмица, беше прогласен за „најуспешен изворен оркестар“, а етнокореологот Александар Арсов го доби признанието за „најдобра практична сценска презентација, практична методска анализа на сцена“ со младите играорци од Струмица.

На синоќешното свечено затворање на фестивалот што се одржа во археолошкиот локалитет Хераклеа, стручното жири ги соопшти најдобрите на годинашниот 49-ти фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови”, а во чест на наградените, целовечерен концерт одржаа македонскиот гитарист, Влатко Стефановски и американскиот гитарист од српско потекло, Мирослав Тадиќ.

Годинава на овој фестивал на народни песни и игри настапија над илјада учесници, членови на културно уметнички друштва, фолклорни групи и ансамбли од три континенти во светот, чиј домаќин беше НУ Центар за култура во Битола.

Во организација на Општинската организација на Црвен крст од Струмица и Службата за трансфузиона медицина, денеска во фоајето на Центарот за култура во Струмица се одржа Крводарителска акција насловена „Биди нечиј херој, спаси живот, дарувај крв“.

До 13:00 часот триесеттина граѓани ја даруваа својата драгоцена течност за да спасат нечиј живот, најмногу млади струмичани, а дел од нив и за прв пат даруваа крв, и влегоа во големото хуманитарно семејство на крводарители.

Маријана Тошева од ОО на Црвен крст - Струмица вели дека се задоволни од одзивот на денешната акција во пресрет на празникот Илинден, но и се пресреќни што најголемиот број од крводарителите беа млади луѓе.

„Наша цел со оваа акција е и да ги информираме луѓето за важноста на крводарувањето, колку е тоа битно, колку тоа е хумано, колку тоа е корисно, а од друга страна да го подигнеме бројот на крводарители, посебно во нашата Општинска организација, затоа што долги години ние го немаме исполнето планот за крводарување и да ги поттикнеме младите крводарители, затоа што имаме тенденција на опаѓање на нивниот интерес за вклучување во крводарителските акции“ – вели Тошева.

Струмичкото јавно комунално претпријатие „Комуналец“, заедно со општината Струмица обезбедија 8500 канти за отпад на домаќинствата кои живеат во индивидуални станбени објекти и од денеска ќе бидат поделени бесплатно.

Станува збор за канти за комунален отпад со зелена боја со зафатнина од 120 литри и се наменети за домаќинствата, како во градот Струмица, така и во населените места на територијата на општина Струмица.

Денеска дел од кантите ќе бидат распоредени во населените места Баница, Водача и Велјуса. На 6-ти август канти ќе добијат домаќинствата во Добрејци, Просениково и Дабиље.

„Важно е да напоменеме дека кантите ќе се делат бесплатно и истите ќе бидат на товар на ЈПКД „Комуналец“ и Општина Струмица. До граѓаните апелираме на домаќинско користење на кантите за отпад. Исто да напоменам дека секоја друга канта за отпад освен овие кои ќе бидат поделени, нема да се подигаат. Aцијата ќе продолжи во текот на цел месец август, каде ќе бидат поделени сите 8500 канти и ќе бидат опфатени сите населени места, како и градот Струмица“ – вели Бранко Ѓоргиев, раководител на Одделението „Комунална хигиена“ при ЈПКД „Комуналец“.

За набавката на кантите за отпад, Општина Струмица и „Комуналец“ потрошија околу 8 милиони денари. Со распределбата на кантите се очекува значително да се подобри хигиената, како во градот така и во населените места, бидејки во моментот, металните канти се дотраени.

ЈПКД „Комуналец“ од Струмица согласно годишниот план за генерално чистење на населените места на територија на општина Струмица за 2019 година, деновиве работеше на чистење на населените места Добрејци и Градско Балдовци.

Како што информираат од оваа јавно претпријатие, вработените од Одделението „Комунална хигиена“, рачно и машински ги метеле улиците, а е подигнат разновиден отпадо од јавните површини.

Македонската интернационална фудбалска ѕвезда и капитен на репрезентацијата, Горан Пандев од Струмица, кој се уште активно игра фудбал и ги брани боите на италијанскиот калчолигаш „Џенова“, за својот 36-ти роденден, кој го прослави на 27 јули, доби ново специјално видео посветено токму на 36-от роденден, изработено од прилепчанецот Мартин Пресилски.

Видеото е насловено како „Легендата”, a во него се само мал дел од ѕвездените моменти на Пандев во дресовите на Лацио, Интер и Џенова.

Со изложбата на делата направени од учесниците на ликовната работилница со професор м-р Митко Тошев, пред библиотеката „Благој јанков Мучето“, синоќа, заврши културно-уметничката програма на „Струмица ОПЕН фестивал 2019“.

Учесниците на оваа бесплатна работилница имаа можност да совладаат неколку техники на сликање со кои во иднина ќе може подобро да ја покажат својата креативност и да ја преточат во нивни дела.

Овој настан е 17-ти по ред од богатата програма на „Струмица ОПЕН фестивал 2019“. Досега се одржаа спортски натпревари, како и вечери на поезија и афоризми, кино на отворено, board games и неколку концерти.

Од 9 до 15 август настаните ќе се префрлат на малата музичка сцена кај „чешмичката“ на влезот од големиот Градски парк во Струмица.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Волонтери на Црвен крст од Македонија, Бугарија и Србија учествуваа на меѓународната едукативна работилница „Спасување на планина“, што се одржуваше од 22 до 25 јули на планината Беласица.

Работилницата беше во организација на Општинската организација на Црвен крст од Струмица, а во соработка со Планинарскиот клуб „Ентузијаст“ од Струмица, но и Дирекцијата за заштита и спасување и Регионалниот центар за управување со кризи.

Педесеттина млади лица имаа можности да се едуцираат како да дадат прва помош при несреќа во планина. Паралелно имаше и предавања на тема „Ризици и опасности во планински предели“, но и како да направат ориентација за побрзо симнување од планина до првата најблиска урбана средина, се со цел да се помогне или спаси одреден човечки живот.

„Учествуваа  вкупно 54 млади волонтери на Црвениот крст од Струмица, Битола, Валандово, Велес, Виница, Гази Баба, Гостивар, Куманово, Кочани, Кичево, Неготино, Охрид, Пробиштип, Свети Николе, Тетово, Чаир и Штип. Беа поканети и учествуваа волонтери од Црвен крст на Благоевград, Бугарија и од Црвен крст на Раковица, Србија. Работилницата се одвиваше на планината Беласица во Планинарскиот дом „Шарена чешма“ на надморска височина од 1276 метри, каде младите се сплотија, стекнаа нови пријателства и научија вештини за спасување на планина“ – информираат од Општинската организација на Црвен крст во Струмица.

Освен што стекнуваа нови знаења и вештини младите од Македонија, Бугарија и Србија имаа можност преку четиридневното дружење да ги откријат и запознаат убавините на Беласица, но и да го искачат Ѕвездениот врв.

СВР Струмица информира дека И.Т. (32) од село Дабиле пријавил дека вчера околу 01:00 часот, во угостителски објект бил физички нападнат од И.П.

Во 05:10 часот С.С. (36) од село Борисово пријавил дека во казино во Ново Село бил физички нападнат од страна на Ж.Н. од село Габрово и Д.Н. од село Дражево.

Се работи на расчистување на случаите.

Земјотрес од 4 степени вечерва во 18:33 часот e регистриран во Грција.

Земјотресот е почувствуван во Солун, Серес, но и во Македонија, во струмичко, валандовско и во Гевгелија.

Епицентарот е на 2 км од местото Терпни, на 19 километри од Серес или на 56 километри од Солун. Измерен е на длабочина од 7 километри.

Ансамблот за македонски традиционални игри „Тримери“ од Струмица синоќа заиграа на летната сцена на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови 2019“ во Битола.

Младите струмичани, под раководство на етнокореолозите Александар Арсов и Симе Стоилов, се претставија со традиционалните македонски ора „Потрчано“, „Баба Ѓурѓа“ и „Црногорка“, воодушевувајќи ја публиката на отворената сцена во поранешното ракометно игралиште во Битола.

На овој традиционален фестивал, кој се одржува по 49-ти пат, освен фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија, настапуваат и ансамбли од Белгија, Индија, Израел и Мексико.

Оваа беше убава можност, младите играорци на „Тримери“ да ги видат и гостите од овие далечни земји и да се запознаат со нивните традиционални игри, а и тие се запознаа со овој наш ансамбл, кој постои веќе 13 години и е репрезент на градот Струмица и Македонија низ повеќе Европски земји со македонската традиција и обичаите од повеќе краишта на Македонија.

На 28 јули во врeмето од 00:00 до 05:00 часот на подрачјето на СВР Струмица е спроведена акциска контрола со цел откривање возачи кои управуваат моторни возила под дејство на алкохол.

Според информациите од струмичката полиција, во акцијата се санкционирани 10 возачи кои управуваа моторни возила под дејство на алкохол.

Истиот ден 07:00 до 12:00 часот на подрачјето на СВР Струмица е спроведена и акциска контрола за возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Во оваа акција се констатирани 22 прекршока, кои се соодветно санкционирани.

Утре (понеделник, 29 јули), од 19:00 часот пред библиотеката „Благој Јанков Мучето“ во Струмица ќе бидат изложени делата направени од учесниците на ликовната работилница со професор м-р Митко Тошев.

Учесниците на оваа бесплатна работилница имаа можност да совладаат неколку техники на сликање со кои во иднина ќе може подобро да ја покажат својата креативност и да ја преточат во нивни дела.

Овој настан е 17-ти по ред од богатата програма на „Струмица ОПЕН фестивал 2019“. Досега се одржаа спортски натпревари, како и вечери на поезија и афоризми, кино на отворено, board games, неколку концерти.

Од 9 до 15 август настаните ќе се префрлат на малата музичка сцена кај чешмичка на почетокот од големиот Градски парк во Струмица.

Голманот на Ракометниот клуб „Астраион“ од Струмица, 19-годишниот Васил Гогов од следната сезона ќе брани за европкиот првак „Вардар“. Тој потпиша тригодишен договор со црвено-црните и веќе се приклучи на првиот состав на „Вардар“, каде шпанецот Писионеро бил позитивно изненаден од перформансите и квалитетот што го презентирал момчето од Струмица.

Гогов кој е планиран за тимот на „Вардар Јуниор“, во моментов работи со тимот што ја покори ракометна Европа, поради ангажираноста на Марко Кизиќ со настапот на Светското првенство, па црвено-црните одлучија да биде дел од тренинзите на првиот тим на „Вардар“.

Гогов има 19 години и во дресот на „Астраион“ беше енигма за голем број екипи. Благодарение на неговите одбрани, струмичани станаа хит во последното првенство.

Гогов повеќе од две години работи по програма на врвниот вардаров тренер, познатиот „брусач на млади голмански дијаманти“, единствениот Александар Царчев. Истата во неговиот тим РК „Астраион“ ја споведуваше неговиот досегашен тренер, човекот кој предано се посвети на неговиот напредок, Лече Пиличев.

Општинската организација на Црвен крст од Струмица, во среда, 31 јули во фоајето на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, во периодот од 09:00 до 14:00 часот организира Крводарителска акција насловена „Биди нечиј херој, спаси живот, дарувај крв“.

Во овој летен период, кога крвта е најпотребна за да се спаси нечиј живот, од Црвениот крст апелираат до струмичани, кои имат можност да бидат дел од оваа Крводарителска акција и да ја даруваат својата драгоцена течност.