Денеска во работна посета на Струмица беше шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, кој ги посети канцелариите за контакт со граѓаните на струмичките пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.

Тој во канцелариите во Струмица се сретна со пратеничката од СДСМ, Катерина Кузмановска и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Ванковер Манчев.

Амбасадорот Клеменс Која истакна дека е многу важно што пратениците остваруваат повеќе контакти со граѓаните.

„Отворени се 45 такви канцеларии и многу е важно што се надвор од Скопје и пратениците не остануваат само во главниот град. Денеска имам многу добри импресии од посетата на двете канцеларии во Струмица и се надевам дека и персоналот и асиститентите ќе придонесат овие канцеларии да бидат отворени за граѓаните и за нивните идеи и проблеми, рече амбасадорот Која.

Пратеничката Катерина Кузмановска истакна дека е добро што повторно почнуваат со работа канцелариите за контакт со граѓаните, бидејќи во 2013 година престанаа со работа.

„Добро е што се отвораат канцелариите во соработка со Собранието на Република Северна Македонија и локалните самоуправи, како и со голема морална поддршка на Мисијата на ОБСЕ, со која беа одржани тренинг едукации на пратениците за начинот на комуникација со граѓаните, на асистентите кои работат, а добивме и поддршка во опрема“ - рече пратеничката од СДСМ, Катерина Кузмановска.

Пратеникот Ванковер Манчев подвлече дека и покрај тоа што канцеларијата функционира само две недели, контактите со граѓаните не изостануваат.

„Верувам дека ова средба ќе даде плод и ќе се подобрат работите и се надевам дека ќе имаме нова посета од Мисијата на ОБСЕ. Ги поканив кога имаме ден за средби со граѓаните да дојдат и да се уверат како функционира канцеларијата, но и непосредно да ги слушнат проблемите на граѓаните“ - рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ од Струмица, Ванковер Манчев.

Амбасадорот Која по средбите со пратениците се сретна и со градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Вечерва околу 20:00 часот настанал пожар во табла во која биле сместени шест електрични броила на улицата „Бетовенова“ во близина на новите турски гробишта во Струмица.

По исклучување на електричната енергија од страна на ЕВН Македонија, струмичките пожарникари го изгасија пожарот во табалата со електричните броила, која била поставена на дрвен електричнен столб покрај улицата и не е дозволено проширување на пожарот.

Броилата се целосно уништени, а дополнител увид за причините ќе се прави во текот на утрешниот ден.

Од денеска Општина Струмица ќе започне да го креира буџетот за 2020 година. Од 18:30 часот во Домот на АРМ во Струмица започнува првата сесија од „Буџетските форуми“, кои ќе ги има пет во текот на месеците октомври и ноември. Втората ќе се одржи на 17 октомври, третата на 31 октомври, четвртата на 14 ноември и последната, петта сесија на 28 ноември кога и ќе се изберат трите приоритетни проекти предложени од граѓаните.

Преку форумските сесии граѓаните од општина Струмица ќе имат можност да дебатираат, да предлагаат, да доставуваат предлози до општинската администрација и до градоначалникот, што да биде приоритет во наредната буџетска година за да се реализира.

Портпаролката на Општинската организација на СДСМ во Струмица, Венерка Ристовска, на денешната прес конференција ги информираше граѓаните дека од 1 октомври Владата предводена од СДСМ ги укина квотите за обезбедување лекови на рецепт од аптеките и истите ќе ги има во сите денови од месецот, не само во првите, како досега.

„При препишувањето на лекот и неговото подигнување, пациентите покрај рецептот треба да приложат лична карта или пасош, а за децата и пациентите кои тоа не може да го сторат, лековите може да ги подигне некој друг кој ќе покаже негов документ за лична идентификација. Со оваа мерка се обезбедуваат три важни придобивки, и тоа: редовен пристап на граѓаните до лекови на рецепт во текот на целиот месец, значително намалување на гужвите во аптеките, избегнување злоупотреби и криминал со издавање фиктивни рецепти преку контролните механизми, како и поквалитетно здравство за сите“ – кажа Ристовска.

Како што истакна Ристовска со тоа ефикасно се надминува деценискиот проблем со кои се соочуваа пациентите, а со оваа мерка бенефитите ќе ги почувствуваат на најдобар можен начин, како што рече таа, не само пациентите, туку и матичните лекари и фармацевтите.

„Ете така работи СДСМ предводејќи ја Владата на Република Северна Македонија. Ете така се мисли за сите граѓани во оваа наша земја. Ете така се решаваат акумулираните проблеми од криминалното 11-годишно владеење на ВМРО ДПМНЕ. Продолжуваме понатаму, затоа што зборот е збор“ – заврши Ристовска.

Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, Александар Донев на денешната прес конференција рече дека веќе две години Советничката група во Советот на општината Струмица и нивниот Општински комитет, активно ги следат тековното работење и состојбите во општина Струмица и Советничката група секогаш укажувала на пропустите, со цел да ја поттикне локалната власт за ажурно работење во сите сегменти. Но, како што рече Донев, за жал работите станувале се полоши, па затоа во наредниот период преку прес конференции ќе информираат за состојбите, „за да ја разбудат“ локалната власт во Струмица и да ја преземе одговорноста за работите од својата надлежност.

„Имаме намера да го потсетиме градоначалникот на ветените и неисполнети ветувања, да го прашаме за одредени потрошени средства и за работата на неговите служби и јавни претпријатија. Ветуваа дека од Струмица ќе направат идеално место за инвестирање, водење бизнис, за живеење, школување, Струмица да биде трговски центар на регионот и Струмица да стане туристичка дестинација“ – кажа Донев.

Тој на прес конференцијата потсети на ветувањата на градоначалникот Коста Јаневски, за промена на инфраструктурата на населените места и создавање на подобри услови за земјоделците, за културниот живот, ветувања за животот на сограѓаните во турското маало.

„Ветувања чиј што рок за реализација неповратно изминува и кои реално не може да се реализират во преостанатиот дел од мандатот. Ако порано виновна беше тогашната Влада, сега со толку ангажирани струмичани во централната власт работите очекувано треба да бидат подобри“ – додаде Донев, потсетувајќи на уште неколку ветувања.

Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Донев, денеска информираше дека во претстојниот период, функционери од Општинскиот комитет, во рамките на „Разговори за обнова на Македонија”, ќе одржуваат директни средби со граѓаните на неколку локации во градот Струмица и населените места на кои ги покануваат граѓаните да говорат за своите проблеми, но и за идеите кои ги имат.

„Да се вклучиме сите во обновата на нашата општина и татковина и секој од нас да стане Македонија, за конечно после падот на оваа срамно и неодговорно владеење на СДСМ повторно да стане горда и достоинствена Македонија“ – истакна Александар Донев.

Поради дефект на водоводна мрежа, во моментот без водоснабдување се корисниците на дел од улицата „Крушевска Република“ во градот Струмица, односно од куќен број 60 до број 80.

Екипа на ЈПКД „Комуналец“ е на терен и работи на отстранување на дефектот. Нормализирање на водоснабдувањето се очекува до 12:00 часот.

Денеска (четврток, 3 октомври), од 10:00 до 12:00 часот без електрична енергија ќе бидат населените места: Костурино, Орманли, Мемешли и Дорломбос во општина Струмица, како и населните места: Иловица и Штука во општина Босилово – информираат од ЕВН Македонија.

Прекинот е поради реализација на инвестициони зафати за подобрување на квалитетот во снабдувањето со електрична енергија.

„Од неодамна Струмица е во самиот врв на моите омилени места“, вели Академик Луан Старова, кој во сабота, 5-ти октомври во 20:00 часот ќе има „Книжевна вечер“ во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.

Старова е прозаист, поет, есеист, член на МАНУ, на Медитеранската академија, на Европската академија и на Албанската академија на науките и уметностите. Поранешен дипломат, во своите помлади години - новинар, добитник на повеќе книжевни и општествени награди и признанија и во Македонија и во странство. Луциден промислувач во книжевноста на судбината на балканскиот човек и балканското семејство, оставени на крстосницата помеѓу Ориентот и Западот. Преведуван на повеќе светски јазици.

За Луан Старова и за неговите книжевни дела ќе говорат Кире Козаров и Димитар Башевски, а осврт на првиот роман „Татковите книги“ од циклусот „Балканска сага“ за кои се напишани голем број критики, книжевни студии, одбранети се дисертации на универзитетите во Варшава, Тирана, Скопје, ќе има Ацо Гогов.

На „Книжевната вечер со Академик Луан Старова“, за егзодусот во неговите романи од „Балканска сага“ ќе говори Благој Стојанов од Здружението на бежанците, бегалците и децата на бегалците „Незаборав“ од Струмица.

Инаку, во циклусот „Балканската сага“ на Луан Старова се опфатени 16 книги, „Татковите книги“, „Времето на козите“, „Атеистички музеј“, „Пресадена земја“, „Балкански клуч“, „Патот на јагулите“, „Тврдина од пепел“, „Ервехе – книга за една мајка“, „Во потрага по Елен Лејбовиц“, „Љубовта на генералот“, „Амбасади“, „Нови амбасади“, „Балканвавилонци“, „Балкански жртвен јарец“, „Враќањето на козите“ и „Граница“.

Во градинките во населените места Куклиш и Муртино се вршат последните подготовки за прием на 86 деца од предучилишна возраст, 60 во Куклиш, 26 во Муртино.

Потребниот инвентар е набавен и по добивањето на решението за вршење дејност од Министерството за труд и социјална политика, градинките ќе бидат ставени во функција.

Истовремено, се врши и проширување на Детската градинка кај пазарот „Чешел“ во Струмица со 50.000 франци од Швајцарската агенција за меѓународна соработка, грант кој го насочија граѓаните кои учествуваа на минатогодишниот Проектен форум „Зајакнување на општинските совети“.

Течат подготвителните активности за изградба на новата градинка во поранешната касарна со капацитет од 300 деца, а за која средствата се веќе одобрени од државата.

„Со овие зафати го решаваме проблемот со недостаток од капацитети за згрижување на децата од предучилишна возраст во нашата општина“ – вели градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

ЈОУДГ „Детска радост“ во Струмица веќе подолг период се соочува со немањето простор за згрижување деца. Капацитетот им е за околу 650 деца, а ги има двојно, 1200 од различна возраст.

Инаку, двата објекти во Куклиш и Муртино се во поранешните општински згради и се адаптирани преку ИПА фондовите, проектот е администриран преку Светска банка и Министерството за финасии, а со дел од финансиските средства учествува и Општина Струмица.

Остатоци од искасапено мртво животно, односно коњ, преку канализациониот систем од фекалната канализација на градот Струмица, стигнаа до Пречистителната станица за отпадни води кај Сачево и направи проблем и краток застој на влезната груба решетка.

„Некој намерно и неодговорно го отворил капакот на канализационата шахта го искасапил животното и остатоците ги фрлил во канилизациониот систем“ – велат од „Комуналец“.

Дефектот се санира, Пречистителната станица за отпадни води и покрај сите проблеми нормално ја извршува својата функција, а целиот овој немил настан е пријавен  до комуналниот инспектор на општина Струмица

Изненадени од ваквата непромислена постапка, од ЈПКД „Комуналец“ апелираат до граѓаните за совесност и поодговорно однесување, посебно во делот на користење на канализационата мрежа.

Во организација на НУЦК „Антон Панов“ и Струмичката Епархија, во прекрасниот и инспиративен амбиент од манастирот „Свети Петнаесет“ во Струмица, во петок и сабота по 9-ти пат ќе се одржи фестивалот „Вечер на Источно црковно пеење“, и годинава со меѓународен Симпозиум на тема „Црковното пеење врз византиската традиција“.

Станува збор за фестивал преку кој се афирмира старото македонско црковно пеење, кое во православната традиција се интерпретира само вокално, без инструменти, за разлика од другите светски религии.

Во петок од 19:00 часот, започнува вечерта на Источно црковно пеење со Византискиот хор „Св. Нектариј Битолски“ од Битола, под диригентската палка на Игор Гулевски. Следуваат настапите на хорот „Смирна“ од Скопје со диригентот Ристана Николова Рина, Камерниот хор „Харувими“ од Скопје, диригент Мирјана Павловска Шулајковска, Младинскиот женски хор „Менада“ од Тетово, под диригентско водство на Ивица Зориќ, како и солистите Георги Илиев и Ивајло Борисов од Бугарија.

Следниот ден, во сабота од 11:00 часот, во конаците на манастирот „Свети Петнаесет“ во Струмица ќе започне меѓународниот Симпозиум на тема „Црковното пеење врз византиската традиција“, на кој свое излагање ќе имат Јане Коџабашија, Ивајло Борисов од Бугарија, Игор Гулевски, Мирјана Павловска Шулајовска, Игор Крстев и Ивица Зориќ.

Околу 800 ученици чии родители се со ниски примања или се корисници на социјална помош добија училишен прибор, обезбедени со пари од буџетот на општина Струмица.

Наскоро околу 5000 основци ќе добиваат „ужинка“ – овошје секој ден. Според објавениот тендер, за оваа учебна година општината планира да набави јаболко за секој ученик од прво до деветто одделение, со тежина од околу 200 грама.

И оваа учебна година од општинскиот буџет се обезбедени училишни униформи за околу 600 првачиња во деветте основни училишта на територијата на општина Струмица. Ова е втора година како првооделенците од општината добиваат бесплатна униформа.

Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски при денешната посета на ООУ „Сандо Масев” ги промовираше трите општински проекти со кои се очекува значително да се помогне на родителите чии деца се школуваат во струмичките училишта.

„Тоа се проектите кои што содржат набавување на училишен прибор за деца чии родители имаат пониски примања или се приматели на социјална помош и сите оние проширени категории кои што ги опфаќа Законот за социјална и детска заштита. Околу 820 дечиња ќе добијат бесплатен училишен прибор кој го финансира општината, се надевам дека ќе биде значителна помош за децата и родителите. Втора година по ред општина Струмица финансира исто така еден убав проект, а тоа е набавка на училишни униформи за сите првоодделенци, околу 620 дечиња ќе добијат бесплатни униформи и еден нов проект кој го најавивме и минатата година, а ќе почне да се применува од оваа година, тоа е здрава ужинка за сите деца. Тоа подразбира здрав оброк, пред се овошје, кој што се надевам дека ќе ги поттикне и децата и родителите на здрави навики со секојдневното конзумирање на овошје“ - рече градоначалникот Јаневски.

Се ближи 6-от роденден на најголемиот салон за мебел во Македонија „Home by Almak“ на Струмичкиот бренд „Алмак“, препознатлив цели 24 години во Македонија и надвор од нашата земја.

Овој викенд, 4, 5 и 6 октомври (петок, сабота и недела), во салонот „Home by Almak“ се подготвуваат големи попусти, изненадувања, но и подароци.

За 72 месеци откако постои овој салон, 72 производи ќе се продаваат по половина цена, односно намалени за 50%, сопствените производи на „Алмак“ се намалени за 15%, а попуст од 30% на сите теписи и опрема за спиење.

Во петок, сабота и недела, 25% попуст на цела колекција „Евергрин“, 25% попуст на цела колекција „Кентаки“, 15% попуст на цел асортиман „Матис“. Доколку купите комплет спална, душекот ќе ви биде намален за 30%, а со секоја купена гарнитура над 30.000 денари добивате гратис клуб маса „Фрида“.

Од „HOME by Almak“ отворена покана до сите потрошувачи, да го посетат салонот и да ги разгледат 10.000 парчиња производи за секој дом, сместени на површина од 5500 м², во салонот за мебел кој се наоѓа во Индустриска зона Василево, покрај патот Струмица – Радовиш.

Од ЕВН Македонија – КЕЦ Струмица информираат дека утре, (среда, 2 октомври), во периодот од 10:00 до 13:30 часот ќе има прекин на електричната енергија во населените места Рич и Белотино, општина Струмица.

Носителот на двојната круна на домашната машка одбојкарска сцена, ОК „ЏИО Струмица“ ќе биде организатор на Балкански КУП во одбојка за пласман во „Челенџ Купот“, помеѓу ОК „ЏИО Струмица“ (Македонија), ОК „Prishtina Volley“ (Косово) и ОК „Tokat Belediye“ (Турција), а ќе се одржува на 2, 3 и 4 октомври во Спортска сала „Парк“ Струмица.

Струмичани по пауза од неколку години се враќаат во натпреварувањето кое е во организација на Балканската одбојкарска асоцијација (БВА), на кое победникот обезбедува и директен пласман во ЦЕВ Челенџ купот.

За директниот пласман во второто коло од Купот на предизвикувачи, ќе се борат само овие три екипи, откако екипите ОК „Млади Радник“ од Србија и ОК „Борац“ од Босна и Херцеговина го откажаа своето учество.

„Косовскиот шампион е добар тим кој се обидува да изненади додека Токат од Турција е искусен состав со огромен буџет, но имаат нови играчи во тимот кои не се воиграни“ – вели за своите противници тренерот на ОК „ЏИО Струмица“, Кирил Ричлиев на денешната прес конференција која се одржа во хотелот „Сириус“ во Струмица, како најава на утрешниот старт на Балканскиот Куп.

На првиот ден „ЏИО Струмица“ ќе биде слободен, додека „Tokat Belediye“ и „Prishtina Volley“ се соочуваат на стартот. Прв противник на македонскиот првак ќе биде косовскиот тим, додека во третото коло ќе се соочат со Турците. Трите натпревари започнуваат во 18:30 часот, а влезот во салата „Парк“ ќе биде слободен.

Во Тренинг центарот во Иг, близу Љубљана, Словенија, од 22 до 27 септември се одржа Обука за теоретски познавања и основни практични вештини во гасење на пожари, позната како „Флешовер обука“, со поддршка на DPPI SEE - Иницијатива за подготвеност и превенција од катастрофи за Југоисточна Европа.

На обуката учествуваа пожарникари од Словенија, Романија, Бугарија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Македонија, меѓу кои и пожарникари од Противпожарната единица на Струмица.

Обуката се реализираше претежно во контејнери со оган, високи температури, кафези за ориентација и пребарување во затворен простор. Основата е флешовер, феномен кој е одговорен за смрт на многу пожарникари низ светот. Како да се препознае, да се заштитат пожарникарите.