Синоќа со претставување на новите создадени дела во работните простории во приземјето на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица и официјално заврши 56-тата меѓународна „Струмичка ликовна колонија 2019“.

Четириесет нови дела се создадени во изминатите 12 дена, колку што траеше ликовната колонија, од 14-те ликовни уметници од САД, Русија, Грција, Бугарија, Полска, Србија и Македонија. Тие традиционално ќе бидат изложени на 11-ти септември, денот на ослободувањето на градот Струмица.

Струмичката ликовна колонија е една од најзначајните меѓународни културни содржини кои се одржуваат секоја година во Струмица и е една од најзаслужните за мапирањето на Струмица во земјава и надвор од неа, како исклучително важен културен центар.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Камерниот оркестар на Битола „James Bond Symphony“ по втор пат ја освои Струмица, заедно со солистите Ѓоко Таневски, Тамара Стојковска, Ирена Димова и Агни Авшар, кои на сцената кај чешмичката синоќа ги изведоа најдобрите теми од серијалот Џејмс Бонд. По нив, по осми пат на „Струмица ОПЕН фестивал“ свој извонреден настап имаа „DISMISSED“ во проширен состав.

Вечерва е завршниот концерт од Летната школа за гитара со м-р Васко Пиличев, на кој специјален гостин на вечерта ќе биде македонскиот гитарист Дамјан Пејчиновски, кој свири електрична и акустична гитара, специјализиран за многу музички стилови меѓу кои: gypsy jazz, jazz fusion, blues, rock, country, traditional и многу други. Вечерва свој настап ќе има и триото Алиќ, Кукиќ & Русев.

ФОТОГАЛЕРИЈА

68 години од свирепото убиство на петте струмички студенти, Борис Белев, Мирко Пецев, Ѓорѓи Костуранов, Стево Топчев и Ѓорѓи Јармов од комунистичкиот режим, беа одбележани утринава со Панихида на струмичките Градски гробишта, а пред Споменикот во малиот Градски парк беше положено свежо цвеќе од членови на семејствата на убиените студенти, градоначалникот и членови на Советот на општина Струмица, политички партии, делегации на Здружението на политички затвореници од Скопје и неколку градови од југоисточниот дел на државата, навивачката група „Ајдуци“ и други здруженија на граѓани.

Претседателот на Здружението на политичките затвореници, Никола Андонов, во своето обраќање пред Споменикот на петте студенти, говореше за грозоморниот настан кога се убиени струмичките студенти, на 13 август 1951 година. За петте струмички студенти, поетски колаж интерпретираа членови на Рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица.

Студентите, чија цел била слободна и независна Македонија, биле стрелани кај селото Орманли на планината Беласица, дваесеттина километри од Струмица. Образложението на тогашната власт било дека студентите работеле против комунистичкиот режим и дека илегално се обиделе да ја преминат границата и да побегнат во Грција.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Поради дефект на водоводната мрежа, од утрово прекинато е водоснабдувањето во горниот дел на градот Струмица, односно без вода се корисниците кои живеат на потегот од улиците „Бетовенова“, „Бошко Буха“ и дел од „Славчо Стојменски“, како и во населеното место Просениково.

Екипи на ЈПКД „Комуналец“ работат на отстранување на дефектот и нормализирање на водоснабдувањето се очекува до 14:00 часот денеска, (вторник, 13 август) – информираат од ЈПКД „Комуналец“.

Нормализиран е сообраќајот на патниот правец Гевгелија – Граничен премин „Богородица“, кој беше во прекин поради сообраќајна незгода – информираат од СВР Струмица.

Во сообраќајната незгода, која се случила во 13:15 часот на еден километар пред Граничниот премин, учествуваа шест возила, при што полесно се повредени тројца државјани на Романија.

По укажаната лекарска помош во Гевгелиската болница тие се пуштени на домашно лекување.

На дваесеттиот настан од „Струмица ОПЕН фестивал 2019“, кој беше синоќа на сцената кај чешмичката на влезот од големиот Градски парк, настапија Летечки Пекинезери со својата авторска музика и Дикато со нивните уникатни аранжмани на најголемите домашни, балкански и светски хитови.

Вечерва на истата сцена од 21:00 часот настапуваат James Bond Symphony. Триесет инструменталисти со солистите Ѓоко Танески, Ирена Димовска, Агни Авшар и Тамара Стојковска, а ќе ги изведат најпопуларните теми од Џеjмс Бонд филмовите.

По филмската симфонија, градот ќе пулсира во ритамот на DISMISSED – бендот кој во своите осум години постење има настапувано на секое Опенфестовско издание во различни и секогаш уникатни состави.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Синоќа струмичани приредија заслужен одличен пречек на АРЕА, а бендот ја возврати љубовта со магичен и енергичен настап. Се нижеа рефрени и звуци за сите генерации и возрасти. Со одличниот концерт рок бендот го заслужи громогласниот аплауз и овациите од неуморната публика. Атмосферата ја загреа домашниот бенд Дактили.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Синоќа Игор Џамбазов со Гуру Харе и Јовче Пандев ја отворија малата музичка сцена кај чешмичката, каде до 15 август, секоја вечер ќе се одржуваат концерти во рамките на „Струмица ОПЕН фестивал 2019“.

Вечерва таму ќе настапат АРЕА и струмичкиот бенд Дактили.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Сообраќајна незгода во која учествувале пет возила се случи доцна попладнево на автопатот Скопје – Гевгелија, на околу еден километар од граничниот премин „Богородица“.

Од СВР Струмица велат дека во моментов се врши увид на местото на незгодата кај клучката Гевгелија, сообраќајот се пренасочува по стариот пат кон Граничниот премин.

Нема официјална информација за повредени, иако некои очевидци тврдат дека има и повредени. Од СВР Струмица повеќе детали најавија подоцна во текот на денот.

СВР Струмица информира дека вчера околу 11:30 часот во село Сарај имало нарушување на јавениот ред и мир, со физичка пресметка во која учествувале повеќе лица, жители на селото Сарај, а една жена на возраст од 61 година се здобила со тешки телесни повреди и е префрлена во Струмичката болница.

Причината за тепачката засега не е позната, а по целосното расчистување на случајот, против учесниците во тепачката ќе бидат поднесени соодветни пријави.

СВР Струмица информира дека синоќа околу 21:30 часот на магистралниот пат СтрумицаНово Село, во селото Босилово, Љ.Г. (43) од село Старо Коњарево, управувајќи автомобил „Опел омега“ со струмички регистарски ознаки, удрил во Ј.И. (61) од Струмица.

Во незгодата пешакот се здобил тешки повреди и бил пренесен во болницата во Струмица.

Синоќа пред 23 часот избувнал пожар во објект во селото Вељуса. Според информациите од ТППЕ Струмица гореше објект во кој се сместени кафе бар, сендвичара и продавница.

Екипи на Противпожарната единица на Струмица со седум пожарникари и три возила во 00:10 часот целосно го ликвидираа пожарот. Направена е голема материјална штета.

Синоќа по кратко боледување на 58-годишна возраст почина поранешниот одбојкар и спортски работник, професорот Илија Караманов од Струмица.

Караманов беше десет години одбојкар на некогашниот Одбојкарски клуб „Југославија“ од Струмица, тренер на некогашниот женски одбојкарски клуб „Македонија Траншпед“ од Струмица и помошник на тренерот Кире Ричлиев во ОК „Струмица“ од 1994 до 2004 година. Од 1992 година беше вработен во Општинскиот сојуз на спортови во Струмица, како одговорен за финансиското работење на оваа спортска организација.

Во последните десеттина година, до неговата смрт, беше професор во економските струки на СОУ „Јане Сандански“ во Струмица. Важи за еден од омилените професори меѓу учениците од Струмичката гимназија.

По повод смртта на Илија Караманов, утре (недела, 11 август), во 10:15 часот во СОУ „Јане Сандански“ ќе се одржи Комеморативна седница.

Посмртните останки на Караманов ќе бидат изложени утре од 11:00 до 13:00 часот во Градската капела, а погребот ќе се изврши во 13:00 часот на Градските гробишта во Струмица.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во придружба на раководството на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, денеска имаа средба со жителите на селото Банско.

Николоски вели дека во Банско гледаме многу нереализирани ветувања, уште во 2009 година беше ветено дека тука ќе се изгради голем и модерен СПА центар преку кој ќе може преку туризмот да остварува приход локалното население.

„Но десет години подоцна тој проект не е реализиран, што самото зборува дека се даваат многу лажни ветувања, но и многу малку реализација. Тоа беше ветување на Зоран Заев кога беше кандидат за градоначалник во 2009 година, со тоа ветување, меѓу другото, ја освои довербата на граѓаните, но не го реализира. На исти начин како што не ја реализира ниту индустриската промена во Струмица, каде што ветуваше три слободни економски зони со триста економски субјекти, каде би работеле околу 3000 луѓе. Гледаме дека економската зона ТИРЗ Струмица има само една фабрика, а тоа е „Џонсон контролс“, која што дојде тука уште во време на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, останатите зони се празни, изгледаат празни, и практично нема ниту една инвестиција“ – рече Николоски на денешната прес конференција во селото Банско.

Николоски вели дека ако во минатото причина им беше или образложението дека нема соработка помеѓу локалната самоуправа и тогашната Влада, сега нема никакво образложение, затоа што токму Зоран Заев е премиер на Република Македонија.

Големи нереализирани ветување има во целиот регион, како на пример магистралниот пат од Штип до Струмица, скоро и да не се работи, а треба да биде експресен пат со четири ленти, кој исто така беше започнат во време на претходната Влада, како и проекти кои беа започнати во тоа време, а се скоро запрени, како доградбата на крилото на ЈЗУ „Општа болница“ во Струмица, патот кон Ново Село и стариот Струмички театар.

„Ова што го гледаме во Струмица е исто што се случува низ целата држава. Имено, она што беше започнато е запрено, нови проекти нема, ветувања огромни, реализација нула, што само говори на кој начин се добивале избори, на кој начин за жал сега се владее“ - додаде Николоски.

За прв пат во Струмица во организациија на здружението „ПРОАГРО ФАРМЕРИ“ на 30 и 31 август ќе се одржи „АГРО САЕМ Струмица 2019“.

Саемот ќе биде отворен претпладне од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, високи гости од ЕУ, УНДП и градоначалникот на општина Струмица.

Попладне ќе биде одржана културно-уметничка програма на традиционални песни и ора од Југоисточна Македонија, каде што ќе има над 100 учесници и голем број на посетители.

Претседателот на здружението, Борче Јанев упатува јавна покана до сите заинересирани деловни субјекти од агро секторот да ја искористат оваа можност за нивно учество на саемот и презентирање на нивните производи.

Саемот ќе биде одлична можност каде што фармерите ќе можат да го претстават автентичниот начин на производството на градинарски производи, храна, вино, мед, додека пак увозниците на механизација ќе ги претстават последните технолошки достигнувања во производствениот процес.

Учество на саемот ќе земат фирми од областа на земјоделството и преработувачката индустрија, кои можат да ја искористат оваа одлична можност за промоција на своите производи и поврзување со деловни партнери од сите краеви на Македонија.

Посетителите на штандовите ќе имат можност да ги вкусат традиционалните македонски земјоделски производи и храна, но и да се запознаат со можностите за рурален туризам што ги нуди Југоисточниот регион. Дополнително поситетелите и изложувачите ќе имаат можност за воспоставување на меѓусебни контакти и размена на искуства.

Вториот ден ќе бидат организирани поединечни презентации на фармерите на своите производи и презентации од страна на дилерите на механизација за најновите трендови во земјоделието, додека од страна на општините ќе бидат презентирани нивните можности за рурален туризам.

Саемот и дел од проектот „Модерно и квалитетно производство кај градинарите во Банско, Муртино и Робово”, кој се спроведува во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD), која е финансирана од Европската унија (ЕУ), спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а со свој средства во проектот учествува и Општина Струмица. „Агро Саемот Струмица 2019“ е финансиран и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од својата програма за организирање на настани за промоција на земјоделските производи.

Синоќа околу 22:30 часот на патот Струмица – Радовиш, 17-годишно момче, управувајќи моторцикл „Сузуки“ без регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот, при што се здобил со тешки телесни повреди.

По укажаната прва помош во Струмичката болница, поради сериозноста на повредите момчето било треанспортирано во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

На моторциклот било уште едно момче на возраст од 18 години од село Баница, кој се здобил со телесни повреди и е примено на Хируршкото одделение во Струмичката болница.

Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Струмица.