Од ЕВН Македонија - КЕЦ Струмица информираат дека поради реализација на инвестициони зафати за подобрување на квалитетот во снабдувањето со електрична енергија, утре (петок, 16 август), од 09:00 до 11:00 часот без електрична енергија ќе останат улиците: „Атанас Нивичански“, дел од „Охридска“, дел од „Маршал Тито“, дел од „Трајчо Делиџаков“, „Ристо Ќурчиев“, „Елка Јанкова“, „Мара Минанова“, „Димитар Цветинов“ и дел од „Вардарска“, додека од 09:00 до 15:00 часот дел од населеното место Василево (на влезот од село Добрејци), и од 08:30 до 11:00 часот дел од селото Ново Коњарево.

Проект кампањата „Еко Фронт“ со мотото „Чиста да ни е“ во организација на Општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“ ќе се погрижат да се одржи хигиената во градот за време на фестивалските збиднувања.

Работни единици од одделенијата „Градско зеленило“ и „Комунална хигиена“ се на терен на сите настани на СОФ 2019.

Од „Комуналец“ и општината апелираат до граѓаните за совесно однесување кон јавните добра, со висока еколошка свест да се ужива во програмата на годинашното издание на „Струмица ОПЕН фестивал“.

Патувачкиот караван на фестивалот „One Love Tour“ низ Македонија и Бугарија, вечерва е во Струмица во рамките на „Струмица ОПЕН фестивал“.

Музичари од Македонија и од Бугарија ќе настапат на сцената кај чешмичката во големиот Градски парк. Од македонска страна ќе пејат и свират Љубојна, Слаткаристика, Џамбо Агушеви оркестар и јутјуберите ЏП и Стефонатор, а од Бугарија ќе настапат Михаела Филева и Графа.

Концертот започнува од 21:00 часот со настапот на ѕвездите од „ЈО-ЈО“ фестивалот.

Од ЕВН Македонија – КЕЦ Струмица информираат дека утре (четврток, 15 август), од 09:00 до 11:00 часот ќе има прекин на електричната енергија кај корисниците од улиците „11-ти Септември“, „Епименонда Поп-Андонов“, „Вардарска“, „Дунавска“, дел од „Крушевска Република“, „Елка Јанкова“ и „Охридска“ во градот Струмица, а од 09:00 до 15:00 часот корисниците од улицата „Мирче Ацев“, позади Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.

Утревечер Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица премиерно ќе ја изведе претставата „Шепоти од вода“ од Горјан Милошевски, а во режија на Срѓан Јанаќијевиќ.

Во драмската претстава играт актерите: Јулија Милкова, Анкица Бенинова, Јасмина Вучкова, Коста Ангов, Игор Тодоров, Стојан Велков-Трн и Бранко Бенинов.

Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, утре доаѓа во еднодневна посета на Струмица, соопшти бугарското МНР.

Захариева заедно со шефот на дипломатијата на Македонија, Никола Димитров, ќе присуствуваат на фестивалот „One Love Tour“, кој во рамките на „Струмица ОПЕН фестивал 2019“ ќе се одржи утре (четврток, 15 август) од 21:00 часот.

На настанот што е поддржан од УНЕСКО ќе бидат преставени традициите на двете земји и ќе настапат македонски и бугарски музичари.

Екипи на Противпожарната единица на Струмица во текот на вчерашниот ден интервенираа на четири локации во струмичко. Гореше запалена сува трева и дрвја во атарот на Баница и Сачево, контејнер за отпад, но и клима уред во Струмица.

Единаесет пожарникари и три противпожарни возила беа ангажирани на опожарените места – информираат од ТППЕ Струмица.

Од ТППЕ Струмица апелираат до граѓаните кога се на отворено да не фрлаат цигари и догорчиња, да не фрлат стаклен отпад и стаклени шишиња, да не палат оган и скара на отворен простор и шума, да не се дозволува на децата да си играат со запалки, пламен и жар, да не се пали отпад и друг горлив материјал, да не се палат стрништа и меѓи.

Ако се забележи пожар веднаш да се извести Територијалната противпожарна единица на бесплатниот телефонски број 193.

Во рамките на кампањата „Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени“, на Дирекцијата за заштита и спасување, која трае од 15 јули до 15 август, вчера доцна попладне на плоштадот во Струмица, претставници на Дирекцијата, ТППЕ Струмица, СВР Струмица и волонтери на ОО на Црвен крст од Струмица, на граѓаните, случајни минувачи им делеа едукативни флаери за подигање на свеста и едуцирање на граѓаните за фаталните последици од пожарите. Младите волонтери, во овие пеколни горештини на граѓаните им делеа и шишиња со вода.

Синоќа со претставување на новите создадени дела во работните простории во приземјето на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица и официјално заврши 56-тата меѓународна „Струмичка ликовна колонија 2019“.

Четириесет нови дела се создадени во изминатите 12 дена, колку што траеше ликовната колонија, од 14-те ликовни уметници од САД, Русија, Грција, Бугарија, Полска, Србија и Македонија. Тие традиционално ќе бидат изложени на 11-ти септември, денот на ослободувањето на градот Струмица.

Струмичката ликовна колонија е една од најзначајните меѓународни културни содржини кои се одржуваат секоја година во Струмица и е една од најзаслужните за мапирањето на Струмица во земјава и надвор од неа, како исклучително важен културен центар.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Камерниот оркестар на Битола „James Bond Symphony“ по втор пат ја освои Струмица, заедно со солистите Ѓоко Таневски, Тамара Стојковска, Ирена Димова и Агни Авшар, кои на сцената кај чешмичката синоќа ги изведоа најдобрите теми од серијалот Џејмс Бонд. По нив, по осми пат на „Струмица ОПЕН фестивал“ свој извонреден настап имаа „DISMISSED“ во проширен состав.

Вечерва е завршниот концерт од Летната школа за гитара со м-р Васко Пиличев, на кој специјален гостин на вечерта ќе биде македонскиот гитарист Дамјан Пејчиновски, кој свири електрична и акустична гитара, специјализиран за многу музички стилови меѓу кои: gypsy jazz, jazz fusion, blues, rock, country, traditional и многу други. Вечерва свој настап ќе има и триото Алиќ, Кукиќ & Русев.

ФОТОГАЛЕРИЈА

68 години од свирепото убиство на петте струмички студенти, Борис Белев, Мирко Пецев, Ѓорѓи Костуранов, Стево Топчев и Ѓорѓи Јармов од комунистичкиот режим, беа одбележани утринава со Панихида на струмичките Градски гробишта, а пред Споменикот во малиот Градски парк беше положено свежо цвеќе од членови на семејствата на убиените студенти, градоначалникот и членови на Советот на општина Струмица, политички партии, делегации на Здружението на политички затвореници од Скопје и неколку градови од југоисточниот дел на државата, навивачката група „Ајдуци“ и други здруженија на граѓани.

Претседателот на Здружението на политичките затвореници, Никола Андонов, во своето обраќање пред Споменикот на петте студенти, говореше за грозоморниот настан кога се убиени струмичките студенти, на 13 август 1951 година. За петте струмички студенти, поетски колаж интерпретираа членови на Рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица.

Студентите, чија цел била слободна и независна Македонија, биле стрелани кај селото Орманли на планината Беласица, дваесеттина километри од Струмица. Образложението на тогашната власт било дека студентите работеле против комунистичкиот режим и дека илегално се обиделе да ја преминат границата и да побегнат во Грција.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Поради дефект на водоводната мрежа, од утрово прекинато е водоснабдувањето во горниот дел на градот Струмица, односно без вода се корисниците кои живеат на потегот од улиците „Бетовенова“, „Бошко Буха“ и дел од „Славчо Стојменски“, како и во населеното место Просениково.

Екипи на ЈПКД „Комуналец“ работат на отстранување на дефектот и нормализирање на водоснабдувањето се очекува до 14:00 часот денеска, (вторник, 13 август) – информираат од ЈПКД „Комуналец“.

Нормализиран е сообраќајот на патниот правец Гевгелија – Граничен премин „Богородица“, кој беше во прекин поради сообраќајна незгода – информираат од СВР Струмица.

Во сообраќајната незгода, која се случила во 13:15 часот на еден километар пред Граничниот премин, учествуваа шест возила, при што полесно се повредени тројца државјани на Романија.

По укажаната лекарска помош во Гевгелиската болница тие се пуштени на домашно лекување.

На дваесеттиот настан од „Струмица ОПЕН фестивал 2019“, кој беше синоќа на сцената кај чешмичката на влезот од големиот Градски парк, настапија Летечки Пекинезери со својата авторска музика и Дикато со нивните уникатни аранжмани на најголемите домашни, балкански и светски хитови.

Вечерва на истата сцена од 21:00 часот настапуваат James Bond Symphony. Триесет инструменталисти со солистите Ѓоко Танески, Ирена Димовска, Агни Авшар и Тамара Стојковска, а ќе ги изведат најпопуларните теми од Џеjмс Бонд филмовите.

По филмската симфонија, градот ќе пулсира во ритамот на DISMISSED – бендот кој во своите осум години постење има настапувано на секое Опенфестовско издание во различни и секогаш уникатни состави.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Синоќа струмичани приредија заслужен одличен пречек на АРЕА, а бендот ја возврати љубовта со магичен и енергичен настап. Се нижеа рефрени и звуци за сите генерации и возрасти. Со одличниот концерт рок бендот го заслужи громогласниот аплауз и овациите од неуморната публика. Атмосферата ја загреа домашниот бенд Дактили.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Синоќа Игор Џамбазов со Гуру Харе и Јовче Пандев ја отворија малата музичка сцена кај чешмичката, каде до 15 август, секоја вечер ќе се одржуваат концерти во рамките на „Струмица ОПЕН фестивал 2019“.

Вечерва таму ќе настапат АРЕА и струмичкиот бенд Дактили.

ФОТОГАЛЕРИЈА