Советот на општина Струмица утре ќе ја одржи 31-та седница на која ќе се расправа по предлог Буџетот на општината за наредната 2020 година.

Освен за новиот предлог Буџет и одлуката за негово извршување, членовите на Советот на општина Струмица ќе расправаат и за уште 40-тина точки од дневниот ред на ова седница. Предлог програмите за 2020 година за активностите на општина Струмица во областа на локалниот економски развој и туризмот, за активностите поврзани со спроведување на проекти финансирани од фондовите на Европската Унија, за активностите во областа на меѓународна соработка за 2020 година, предлог Програмата за уредување на градежното земјиште, за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локални патишта и улици на територијата на општина Струмица, за изградба и одржување на јавното осветлување, предлог програма за изработка на урбанистички планови во општина Струмица за 2020 година и уште многу други програми кои се и составен дел на новиот Буџет.

На утрешната седница советниците ќе расправаат и по предлог одлуката за основање на Општински совет за социјална заштита, за предлог одлуката за измена на Одлуката за авто-такси превоз на патниците на подрачјето на општина Струмица, а ќе се разгледуваат и програмите за работа на јавните општински претпријатија, како и извештајот за реализацијата на годинашното издание на Струмичкиот карневал.

Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов, по повод празникот Рождество Христово упати честитка до верниците од католичка вероисповед кои денеска го слават Бадник, а утре Божиќ.

„Еве, стојам пред вратата и тропам. Ако некој го слушне гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него и тој со Мене!“ (Откр 3,20).

„Браќа и сестри! Евангелието ни носи извештај дека Бог бара засолниште, но и дека нема место за Него (сп. Лк 2,7). „Дојде кај Своите, но Своите не Го примија“ (Ив 1,11). Бог бара простор во овој наш свет и во нашиот живот. Дали сме подготвени да го прифатиме, да му дадеме место и простор меѓу нас и во нашиот живот? Бидејќи, нашиот Бог, не може да се заклучи во црквите и не му е доволно да само еднаш седмично поминеме неполн час со Него на богослужението. Тој преку пророкот ни порачува: „Небото е Мој престол, а земјата – подножје на нозете Мои! Каде тогаш ќе изградите дом за Мене, каде е местото на Мојот спокој? Зашто, сето тоа го создаде Мојата рака и сето тоа е мое“ (Исаија 66, 1-2). Единственото прифатливо место што може да му го понудиме е нашето срце. Сигурно на Бог му се мили и црквите, всушност тие се место што нѐ потсетуваат на Неговото постојано присуство меѓу нас. Места каде што се собираме како заедница и каде доаѓаме пред Него. Но, за Бог е поважно да му дадеме простор во нашиот живот“.

„Во оваа Божиќно време, Црквата нè учи да ја живееме нашата христијанска хуманост, молејќи го Бога што нас во своето достоинство, чудесно нè создаде, а уште почудесно не препороди, да ни даде дел во божественоста на Неговиот Син, кој ја зеде нашата човечка природа (хорска молитва). Нека со нашата посветеност и меѓусебното дарување овој свет биде посветол, потопол и похуман. А тоа ќе се оствари ако едни со други излеземе во пресрет, не затоа што мораме, туку од љубов, како што Бог со своето овоплотување ни излезе во пресрет“.

„На сите христијани, во годината кога нè посети Христовиот намесник на земјата Светиот отец Папа, им посакувам Честит празник Рождество Христово – Божиќ, а на сите граѓани на нашата земја посакувам да ги прати секогаш и насекаде Божјиот благослов и Неговата неизмерна благодат исполнета со радост и мир! Христос се роди!“.

Тренерот на ФК „Академија Пандев“ од Струмица, Југослав Тренчовски е прогласен за најдобар тренер во македонскиот фудбал за сезоната 2018/2019, на гала-вечерта организирана од Фудбалската Федерација на Македонија.

„Иако е ова индивидуално признание, сакам да го споделам на мојата секојдневна поддршка, тоа се моето семејство, моите соработници, како и Горан Пандев, кој неуморно вложува во оваа приказна наречена Академија Пандев. За крај, ова е за фудбалерите затоа што без нив немаше да дојдам до ова признание“ - кажа Тренчовски на доделувањето на наградата.

Општина Струмица ги информира жителите од улиците: „Кузман Јосифовски Питу“, „Херој Карпош“, „Жртви на фашизмот“, околу краците на улицата „Тимо Тренчев“ и дел од улицата „Киро Абрашев“ во градот Струмица, од утре (среда, 25 декември), да ги отстранат возилата и да го почитуваат привремениот режим на сообраќај, поради градежни активности, односно поставување втор слој асфалт.

Од денеска во Василево е отворена првата специјализирана продавница за слатки производи „El-Rimi“, сместена во непосредна близина на поштата во Василево.

Долгогодишното искуство на Светлана Јанакева Ристова, мајстор за слатки производи, со неодоливите вкусови, од традиционално до модерно со ексклузивно и единствено слатко задоволство, сега и во сопствената Слаткарница „El-Rimi“ во Василево, полна со среќа преточена во слатки залчиња, уникатни вкусови за сите сладокусци.

Нурнати во фантастичните вкусови на слатките кои се топат во уста, „El-Rimi“ дегустира и ги одбира најубавите и највкусните слатки за вашите семејни прослави, деловни свечености... Тука се и најубавите торти, по испробани рецепти, кои оние што ги пробале, за секој повод довербата за изработка на тортата ја дават на мајстор Светлана Јанакева Ристова.

Тајната за највкусните слатки од „El-Rimi“ е во посветената работа, постојаното изнаоѓање на нови вкусови и текстури, инсистирањето на врвни производи изработени од внимателно одбрани состојки.

Во Слаткарницата „El-Rimi“ во Василево, освен да уживате во највкусните слатки производи, можете да се освежите и со кафе, фрешови и лимонада, а порачки можете да направите преку телефонскиот број: 071/573-716.

ФОТОГАЛЕРИЈА од отворањето >>>

На 27 декември (петок) во НУ Центар за култура „Антон Панов“ во Струмица ќе се одржи Јубилејна прослава по повод 70 години од основањето на Струмичкиот народен театар.

Одбележувањето започнува во 20:00 часот со промоција на монографијата „Сцена, светлини“, ќе бидат поставени две изложби, на фотографии од театарски претстави одиграни во изминатите 70 години, како и Изложба на костими од театарски претстави.

На јубилејната прослава ќе бидат доделени плакети и благодарници на поединци, институции и поддржувачи на Струмичкиот театар, а вечерта ќе биде збогатена со настап на музичкиот бенд „Трио Осана“.

За 3 часа и 41 минута дваесеттина рекреативци истрчаа од Струмица до Дојран во чест на фудбалската легенда Благој Истатов.

Тргнаа од стадионот „Благој Истатов“ во Струмица, трчаа 42 километри, а некои и со велосипеди до комплексот на Благој Истатов во Дојран.

Освен струмичани, љубители на трчењето, велосипедистите од ВК „Актив“, на маратонот учествуваа и членови на Атлетскиот клуб „7-ми Ноември“ од Гевгелија, фудбалскиот судија Ѓорги Карајанов, како и Никола Перевски - Пере од „Нокаут“.

Организатор на овој маратон беше струмичанецот Николчо Ѓоргиев од Швајцарија со Велосипедскиот клуб „Актив“ од Струмица.

„Времето беше на наша страна, здрави и живи секој нареден подвик во уште поголем број“ – велат од „ВК „Актив“, упатувајќи и голема благодарност до персоналот на хотел „Истатов“ за топлиот прием и богатата трпеза.

Пред спомен-обележјето на Благој Истатов во хотелот што го носи неговото име, свежо цвеќе положија и градоначалникот на Дојран, Анго Ангов и сопственикот на ФК „Беласица“ и концесионер на стадионот „Благој Истатов“, Славчо Васков – Пинда. /Р.Ѓ./

„Градежните работи во Новата болница во Струмица се при крај, финалните работи ги завршува економскиот оператор. Во почетокот на Новата година целото ново крило ќе биде инфраструктурно подготвено, а ние работиме заедно со Владата и Министерството за финансии на обезбедување буџет за опремување на болницата“ – кажа министерот за здравство, Венко Филипче за новата болница во Струмица.

Во новиот дел кој се простира на површина од 6.500 m², ќе бидат сместени Ургентен центар и уште осум одделенија, а секое одделение ќе има своја сала за операција. Во кругот на болницата, односно во сегашната главна болница ќе бидат донесени и дисперзираните одделенија за неврологија, оториноларингологија, офталмологија и психијатрија.

Инаку, овој објект започнал да се гради во 80-тите години, па застанал. Останал на забот на времето до 2001-2002, кога почна негова понатамошна градба.

На прашањето дали ќе има нови вработувања во новата Струмичка болница, министерот Филипче рече дека во рамките на политиките на Владата за инвестирање во младиот кадар и во платите на здравствените работници се очекува и зголемување на бројот на вработените во новата болница во Струмица.

„Заедно со дежурствата, здравствените работници во февруари идната година ќе имаат во општите болници повисока плата за 70, 80 па дури и 90 проценти од тоа што беше на почетокот на 2018 година. Верувам дека младите ќе ја бараат и ќе ја најдат иднината овде, во нашата земја. Имаме издадено повеќе од 5000 согласности за вработување во изминатите две години и со тоа темпо ќе продолжиме понатаму“ – кажа министерот Филипче. /Р.Ѓ./

Вчера околу 06:30 часот се случила сообраќајна незгода на магистралниот пат Струмица - Радовиш, во близина на селото Калуѓерица, помеѓу патничко моторно возило „Форд Ескорд“, со радовишки регистарски ознаки, управувано од Ј.Л. (52) од Радовиш и товарно моторно возило „Волксваген Транспортер“, со струмички регистарски ознаки, управувано од Ж.П. (42), од село Ињево, радовишко.

Според информациите од СВР Струмица, во незгодата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот од возилото „Форд Ескорд“, Л.А. (53) од Радовиш, а со телесни повреди се здобил возачот и К.А. (56), кој бил сопатник од истото возило, по што биле пренесени во Струмичката болница за укажување на лекарска помош.

Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од Полициската станица во Радовиш.

/СВР Струмица/

Утрово точно во 10:00 часот од стадионот „Благој Истатов“ во Струмица, десеттина љубители на трчањето и десеттина велосипедисти од Велосипедскиот клуб „Актив“, го започнаа маратонот со ултрамаратонецот Николчо Ѓоргиев од Струмица, кој живее во Швајцарија, насловен „Трчаме со Николчо“ од Струмица до Дојран, а во чест на легендата во македонскиот фудбал, Благој Истатов. Пред стартот учесниците предводени од Николчо го посетија вечното почивалиште на Благој Истатов во Алејата на великаните на Градските гробишта во Струмица, каде положија свежо цвеќе.

Стартот го означи синот на Благоја, Мишел Истатов, посакувајќи им на сите учесници успешно совладување на патеката и со среќа и здравје да стигнат во Дојран, каде во хотелот „Истатов“ ќе биде организиран заеднички ручек за сите учесници.

Уште десеттина пријавени рекреативци ќе им се приклучат кај Валандово, а по пат може секој кој сака да трча, се до целта во Дојран.

Рекреативците кои тргнаа од Струмица се очекува за околу четири часа да истрчат 42 километри до Дојран, до познатиот угостителски и спортски објект на Благој Истатов.

Инаку струмичанецот Николчо Ѓоргиев минатата година во декември со уште дваесеттина љубители на трчањето и велосипедисти, организираа маратон од Струмица до Гевгелија за поддршка на лицата со „Пулмонална хипертензија“. /Р.Ѓ./

Актуелниот првак во одбојка „ЏИО Струмица“ полусезоната ја заврши со победа над „Лирија“ од Жеровјане. Вчера во Спортската сала „Парк“ во Струмица со 3:1 во сетови ја потврдија втората позиција во Првата одбојкарска лига (мажи). Струмичани заостануваат само со една победа од лидерот на табелата „Вардар“.

„Втората декада од 21-от век ја завршуваме како најуспешна екипа во машката одбојка со шест освоени двојни круни во 2012, 2014, 2015, 2017, 2018 и 2019 година и доминантни настапи и освојувања на златни медали во младинските категории. И благодариме на публиката, Општина Струмица, бизнис заедницата и струмичката јавност за поддршката која ни ја даваат постојано и се надеваме дека истата ќе продолжи и во иднина“ – објавија струмичките одбојкари на својата Фејсбук страница и им посакаа на сите љубители на одбојката среќни Новогодишни и Божиќни празници. /Р.Ѓ./

Македонската поетеса од Струмица, новинарката Сузана Мицева, синоќа во сосема поинаков амбиент на малата сала на Центарот за култура „Антон Панов“, трансформиран во поетско-романтичен стил со многубројни свеќи во позадина, тивка музика и светло само кон поетите, ја промовираше својата четврта книга насловена „Тивко како молитва“ во издание на „Просветно дело“.

Во „Тивко како молитва“ се наоѓаат 72 песни од двата ракописа „Молитвеник од претходниот живот“ и „Животот отаде границите“ кои минатата година беа во најтесниот избор за наградите „Јован Котески“ и „Ацо Караманов“.

За Сузана Мицева и нејзината книга „Тивко како молитва“ меѓу многуте поети кои читаа стихови, Ѓорги Калајџиев, Мариета Дуќиќ, Билјана Костадинова, Ице Беличев, Катерина Панов Кожаров, Иван Котев, Киро Донев, говореше и професорката на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, д-р Ана Витанова Рингачева, потенцирајќи дека сите тие стихови постојано добиваат поинаква боја, зависно од индивидуалното доживување на читателот, во случајот сите ние вечерва којшто добивме една толку убава задача да прочитаме по нешто што ни е блиску.

„Да се оживее мрачната страна на нашето постоење, значи да се направи невозможен обид да се слече сопствената кожа за помалку да боли или пак да се отсече делот од неа за да се трансплантира парче љубов или топла свежа крв во смрзнатото тело на оние кои ни на сон не можеле да ги предвидат или да ги препознаат далечните патишта по кој животот ќе ги однесе. И каков е тој порив, да се поетизира болот, тоа често „и се замерува“ на Сузана, дека пишува премногу за смртта, за болката. Страдањето или смртта, тоа е всушност потреба, наместо солза, да се пушти зборот да ја измие душата. Егзилот, бегството од еден во друг живот е наша предодреденост, наша судбина, но не и кога тој егзил станува реален, кога туѓите граници стануваат и времени домови, а земјата под нив за некои несреќници и вечно почивалиште“ – рече во своето обраќање, рецензентот на книгата, д-р Ана Витанова Рингачева.

Поетесата Сузана Мицева за песните во книгата „Тивко како молитва“ вели дека се за бегството, (буквално и метафорично). Создавани се во периодот кога активно ја следела бегалско-мигрантската криза, а некои песни биле пишувани на самите шини, додека покрај неа минувала река од луѓе - бегалци.

„Тие слики од мене извадија нови приказни за човековата потреба да избега од се кога може, и неговата нужност да избега од се кога мора. Затоа сум особено благодарна што има можност да се објават заедно, како што се напишани“ – вели Мицева.

На самата промоција беше прикажан и петминутен поетски филм за бегалската сага, како дел од оваа книга, создаден со објективот и монтажата на Кире Пиличев од ТВ канал ВИС, кој заедно со авторката Сузана Мицева, како новинар ја следеа бегалската криза на граничниот појас помеѓу Македонија и Грција во изминатите години. /Р.Ѓ./

ФОТОГАЛЕРИЈА

Агенцијата за вработување од Струмица, преку мерките за самовработување, во соработка со „Академијата Fashion“ од Струмица во изминатите три месеци реализираше обука за невработени лица за стекнување вешти во Педикир Маникир и декорација на нокти.

19 лица избрани од Агенцијата за вработување се здобија со Сертификати за успешно завршена обука, а вчера во просториите на студиото „Fashion“ им ги додели директорот на Агенцијата за вработување во Струмица, Ристо Ангелов.

Лицата - практиканти, покрај научените вештини за работа, научија како да ја сакат професијата и да ја работат со љубов, да заработуваат, набљудуват, да размислуват и креират. Не само да го копират моменталниот тренд, туку и тие да бидат лидери во нивната работа и творци на новите трендови. Каде и да одат, што и да сакат да направат, едукацијата во „Академијата Fashion“ им отвори многу можности кои ќе ги следи во текот на нивната кариера.

„Академија Fashion“ како сертифициран и верифициран провајдер од Министерството за образование и наука и Центарот за образование на возрасни имат развиено свои програми за обуки: Козметичар, Педикир и Маникир, Декорација на нокти, Фризер за жени, Фризер за мажи, Шминка, Масер.

Како давачи на услуги за обука „Академија Fashion“ 10 години опстојува на пазарот за обуки и има издадено стотина Сертификати со многу успешни приказни и помогнато на млади лица да се здобијат со сопствен бизнис и отворат свои салони низ цел југоисточен регион во државата.

Бугаринот Ангел Гранчов е првото зимско засилување за ФК „Академија Пандев“ Струмица.

Гранчов игра на позицијата централен дефанзивец. 27-годишниот поранешен младински репрезентативец на Бугарија во својата кариера има настапувано за екипите на ЦСКА Софија, Локомотив Пловдив, Славија Софија...

Во ФК „Академија Пандев“ доаѓа од редовите на косовски Фљамуртари. Ова е првото од неколкуте планирани засилувања за пролетниот дел од првенството, најавуваат од клубот.

Од денеска во СОУ „Јане Сандански“ во Струмица започна продажбата на влезниците за јубилејниот Хуманитарен празничен концерт „ДЕЦЕНИЈА“, кој ќе се одржи на 5 јануари.

Струмичани повторно ја покажуваат својата хуманост и на првиот продажен ден распродаден е 70% од капацитетот на салата за двата термина. Средствата од продадените влезници ќе бидат донирани за лекување на струмичанецот Стојче Јовановски.

Синоќа беше објавено ново промотивно видео кое открива дека на сцената во НУЦК „Антон Панов“ ќе настапат околу 100 учесници oд сите генерации меѓу кои и Александра Јанева, Јовче Пандев, Ивана Василева, Ристе Гавровски, Васко Дедејски, Ана Цамбулева, Ангела Илиева, Слободанка Караманова, Стефанија Стамболиска и други солисти придружувани од бендот и хорот.

Продажбата на преостанатите влезници по цена од 150 денари продолжува во понеделник во период од 12:30 до 13:30 во просториите на СОУ „Јане Сандански“.

И покрај дождот, заканите од професори и директори во училиштата, стотина средношколци од трите средни општински училишта во Струмица, денеска излегоа на протест на плоштадот „Гоце Делчев“ и го изразија својот револт кон надлежните за секојдневното енормно загадување на воздухот во Струмица.

Велат, ќе дојдевме повеќе, но имаме закани и притисоци од професори, па и од директори на училиштата во Струмица, до мерка дури и за исклучување од училиште. И покрај сите притисоци кои ни беа вршени ние се собравме и јасно даваме порака дека нема да дозволиме некој да си игра со нашите животи и нашето здравје.

„Мислиме дека е вистинско време кога треба нешто да се преземе за ова состојба и да сфатат тие што можат да направат нешто дека нашиот револт и нашето протестирање не се затоа што на некој така му текнало и дека навистина има причина за тоа што ние така постапуваме“ – велат средношколците.

Тие упатија и порака до градоначалникот и до надлежните институции кои се задолжени за овој проблем, дека можат многу да направат за почист воздух, само треба да се заинтересираат и да пробат барем мал процент од загадувањето да го намалат.

Младите струмичани велат дека овој проблем е во целиот свет, не само во Македонија, но секаде во светот надлежните ги земат проблемите во рака и ги средуваат и загаденоста се намалува, а во Македонија не.

„Ние младите треба да донесеме порака за тоа, да се среди овој проблем. Проблемот не е само во воздухот, туку и вршењето на притисок од страна на нашите професори, кои треба да не поддржуваат за тоа да го правиме, а не да не замолчат затоа што сакаме да дишиме чист воздух“ – велат младите средношколци кои неколку часа ја прекинаа наставата и стотина храбри дојдоа да го изразат својот револт на Струмичкиот плоштад, како што велат, оти Струмица е меѓу најзагадените градови на Балканот. /Р.Ѓ./