Од ЕВН Македонија – КЕЦ Струмица информираат дека во недела и понеделник (21 и 22 јули), ќе има прекин на електричната енергија, поради реализција на инвестициони зафати.

Во недела од 08:00 до 09:00 часот без електрична енергија ќе остане Банско, цело село и хотелите, во Градско Балдовци, фирмите „Маби Трејд“ и „Студио 2“, во Куклиш цело село и околните објекти, како и во Свидовица цело село и ТИРЗ Свидовица.

Во понеделник од 09:30 до 15:00 часот без електрична енергија останат дел од корисниците на „Климент Охридски“, од Здружението на возачи кон Кванташки пазар, како и дел од корисниците на улицата „Иљо Шопов“ во Струмица.

Вечерва во рамките на „Струмица ОПЕН фестивал 2019“ во дворот на Струмичката гимназија се одржа настан на друштвени игри насловен „Board Games Day“.

Струмичани се натпреваруваа во шах, табла, рубикови коцки, IQ сложувалки и секаков вид на друштвени игри меѓу кои и најпопуларните Istanbul, Ticket to Ride.

Шах играше и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, а на овие игри се приклучи и советникот Јосиф Христов, кој со еден од организаторите, Петар Божинов играше Јенга.

На настанот беше промовирана и новата македонска игра Meet The Manchers на DeVanchi Games.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Струмичката компанија „Разнопромет АС“ и годинава по повод 25-годишнината од своето постоење, ја започнува роденденската акција со попуст од 10% на дури 30.000 артикли.

Станува збор за акција која традиционално секоја година, во последната седмица од месец јули, оваа реномирана струмичка компанија со продажен салон од 1000 м², го прави во интерес на своите клиенти, потрошувачи и деловни партнери, со цел да ја зајакне соработка и довербата.

После пазарувањето во „Разнопромет АС“, за сметка над 500 денари, ќе ве почастат со сендвич, а може да се освежите со пијалок, пиво или сок.

Роденденски, секој ден, почнувајќи од понеделник, 22 јули до сабота, 27 јули ќе има промоции на познати брендови со кои соработува „Разнопромет АС“.

Инаку „Разнопромет АС“ важи една од компаниите чии фокус се потребите на потрошувачите и во продажниот салон може да се најде буквално се за вашиот дом, како за изградба така и за опремување. Паралелно ова фирма во интерес на празниците и сезоните воведува и дополнителни акциски цени на голем број производи.

Вечерва (сабота, 20 јули), од 19:00 часот на програмата на „Струмица ОПЕН фестивал 2019“, ќе биде првиот ден за друштвени игри - „Board Games Day“.

Организаторите најавуваат поинакво маратонско дружење во училишниот двор на СОУ „Јане Сандански“ во Струмица.

Учеството е бесплатно, а учесниците ќе имаат можност да се натпреваруваат во шах, табла, рубикови коцки, IQ сложувалки и секаков вид на друштвени игри меѓу кои и најпопуларните Istanbul, Ticket to Ride и многу други.

На настанот ќе биде промовирана и новата македонска игра Meet The Manchers на DeVanchi Games.

„Board Games Day“ е од отворен карактер, а за натпреварувачите следуваат многу изненадувања.

СВР Струмица вчера поднесе кривична пријава против 48-годишен жител на селото Банско, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

Како што информираат од Струмичката полиција, на 18 јануари годинава во село Банско, полициски службеници извршиле претрес во дом и други простории на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

Традиционалната музичка средба на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност“, ќе се одржи утре од 21:00 часот на плоштадот „Гоце Делчев“.

Овој настан од програмата на „Струмица ОПЕН фестивал“ ќе биде отворен со перформанс „После дождот“ во изведба на групата „Надеж“ од Завод за заштита и рехабилитација „Бања Банско“, со Ева Стојковска, четврто одделение од ООУ „Маршал Тито“ во село Банско и Центар за балетска уметност „Reverence“, Оле Илиева.

После нив настап ќе имаат пејачи со телесен инвалидитет кои се натпреваруваат за најдобри соло-изведби, а ги придружуваат и инструменталисти со телесен инвалидитет. Само небото e граница за амбициите и креативноста на членовите на „Мобилност“.

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и градоначалниците на општините од Југоисточниот плански регион, денеска во Струмица го потпишаа договорот за финансирање на оперативните функции на Центарот за развој на Јуогоисточниот планскиот регион со седиште во Струмица, за тековната 2019 година.

Согласно Законот за рамномерен регионален развој, Министерството за локална самоуправа, на годишно ниво, го кофинансира работењето на сите осум Центри за развој на планските региони во висина од 1,2 милиони денари за активности и исто толку за имплементација на проектите за регионален развој.

Со овој договор се утвдуваат и активностите кои што Центарот за развој ќе ги реализира оваа година, а кои што произлегуваат од Програмата за развој на Југоисточниот плански регион.

За градоначалникот на Струмица и претседател на Советот на градоначалници на Југоисточниот плански регион, Коста Јаневски, важно е што покрај потпишувањето на договорите се разговарало и за децентрализацијата, која, како што рече, досега била малку закочена.

„Има едно големо расположение на сите чинители да се тргне кон следните чекори на децентрализацијата во областа на социјалната политика и други сегменти кои се значајни, како што е менаџирањето со шумите и патиштата. Тие се некои важни точки кои што во други прилики сме ги зборувале во ЗЕЛС и имаме начелно конкретни чекори кои треба да ги преземеме во текот на овој и наредниот месец“ – рече Јаневски.

Министерот Горан Милевски ги информираше градоначалниците дека вчера Министерството за локална самоуправа ги започнаа активностите на експертско ниво за подготовка на измените на Законот за рамномерен регионален развој и на новата Стратегија за регионален развој за периодот 2020-2029 година, во што се очекува своето искуство да го пренесат и локалните власти.

Во наредните денови договори за финансирање ќе бидат потпишани со сите Центри за развој на планските региони, за да не се доведе во прашање нивното тековно работење.

Во изминатите денови екипи на ЈПКД „Комуналец“ спроведоа акција на генерално чистење на поројот долж улицата „Крушевска Република“ во Струмица од каде извадија 78 м³ каваст и биоразградлив отпад.

По оваа генерално чистење, од ЈПКД „Комуналец“ повторно со апел до граѓаните од овој реон, да не го фрлат отпадот кои тие го создаваат, туку да ги повикат службите од „Комуналец“, преку телефонскиот број: 034/325-909, за да го подигнат отпадот.

Аплицирајте за „Европска младинска картичка“, која нуди низа поволности за младите, и кој ги доближува младите до европските услови и вредности. Во тек е процесот за аплицирање за проектот.

Со оваа картичка младите од 15 до 29 години ќе имат поволности и придобивки во секојдневниот живот, попусти за културно-уметнички настани, туристички центри, спортски настани, патување, транспорт, едукација и доусовршување.

Веќе е обезбедена соработка со над 400 субјекти, како што се угостителски објекти, театри, киносали, центри за едукација и развој, спортски центри и други кои за младите ќе обезбедат попусти на нивните услуги. Истовремено, траат преговори со уште стотици други правни субјекти на територијата на целата држава.

Аплицирањето за картичката е онлајн, преку апликација во која корисникот ги внесува личните податоци. Повикот за аплицирање за картичката е отворен на веб страницата www.mladinskakarticka.mk, а издавањето на картичките се одвива по аплицирање на линкот.

Младите ќе може да ги подигнат картичките и да се информираат на повеќе локации одредени од Агенцијата за млади и спорт, а постои можност картичката да им биде доставена и по пошта.

Во рамките на целиот овој процес, се опфатени и субјекти од општина Струмица, кои нудат попусти и бенефиции за младите со интенција во иднина истата постојано да се зголемува.

Викендот, во организација на Планинарското друштво „Ентузијаст“ од Струмица беше организирано „Ноќно искачување на Ѕвезден врв“ на планината Беласица, кој е на надморска висина од 1887 метри.

Невремето, проследено со силен дожд и грмотевици, кое ги затекна додека се качуваа, го прекина качувањето на околу 30-тина планинари и љубители на убавините на планината Беласица, па се вратија назад во Планинската куќа „Шарена чешма“, каде преноќија.

Не се откажаа, следниот ден повторно се обидоа, иако времето беше облачно со густа магла, стигнаа до Ѕвезден врв, кој ги пречека со дожд, но за среќа со кратко траење.

Освен организаторите, членови на Планинарското друштво „Ентузијаст“ на овој несекојдневен настан учествуваа и членови на планинарската еко-група „Турни ме да кинисам“ од Битола, ПК „Трансверзалец“ од Скопје, ПК „Маратон“ од Струмица, како и други гости и љубители на природата.

„СДСМ е на власт само две години, а позитивните промени во земјата ги забележуваме на секој чекор“, вели младата социјалдемократка, Венерка Ристовска од Општинската организација на СДСМ во Струмица, која на денешната прес конференција најави дека ова лето, пратеници, советници, министри, градоначалници, директори на јавни и општествени установи, истакнати активисти и експерти од различни областии со различни специјалности, ќе имат средби со граѓаните.

Интегрален текст од прес конференцијата

СДСМ е на власт само две години, а позитивните промени во земјата ги забележуваме на секој чекор. Беше тешко и немавме многу време за ослободување на заробената и ограбена држава и создавање на услови за нормално функционирање на општеството и државата, но сепак, успеавме.

Клучните ветувања се исполнуваат. Едно по едно и од ден во ден, се повеќе.

Сведоци сме, борбата против сиромаштијата и за демократијата започна и континуирано се води во секој сегмент од нашето општество и на секоја педа од нашата земја. Стандардот на граѓаните постојано се зголемува – се намалуваат давачките и трошоците, а се зголемуваат платите, пензиите и сите останати приходи. Истовремено, се зголемуваат производството, инвестициите, вработувањата, социјалните програми, стандардот и позитивната атмосфера, а демократските процеси не запираат. Земјата станува градилиште, а борбата против корупцијата и криминалот започна и во најутврдените и највисоките бастиони и општествени структури – таму каде што пред две години воопшто не можеше ни да се замисли.

Нашата земја од земја во изолација стана земја лидер во регионот. Земја за пример, земја со многу пријатели, земја во која се градат перспективите и иднината, земја која во скора иднина младите веќе нема да ја напуштаат во потрага по гола егзистенција.

Но, СДСМ не застанува тука.

Зборот е збор и СДСМ секогаш останува со граѓаните.

Ова лето - пратеници, советници, министри, градоначалници, директори на јавни и општествени установи, истакнати активисти и експерти од различни областии со различни специјалности, повторно се на средба со граѓаните. Секој ден и во секое населено место, секаде каде што живеат луѓе и каде што има проблеми, насекаде каде што може да се помогне и насекаде каде што можат да се подобрат условите за работа и живеење.

Уште еднаш заеднички да ги евидентираме најургентните и највиталните проблеми и да ги пронајдеме најдобрите и најефикасните решенија. На тој начин, сите тие евидентирани проблеми и решенија во наредниот период ќе станат задачи и обврски за функционерите на СДСМ, за државните органи и институции, за државата и за нашата заедничка подобра иднина.

Почитувани,

Затоа да не ги штедиме пратениците, советниците, министрите, градоначалниците, директорите и активистите на СДСМ. Тие ќе дојдат во вашите средини, но и вие слободно побарајте ги и обратете се до нив. Наше е да бараме, а нивно е да слушаат и исполнуваат. Тоа е политиката на новото време и државата во која можеме убаво да живееме.

Зборот е збор и СДСМ секогаш останува со граѓаните.

За подобар живот и за подобра иднина за сите - мораме да се соочиме со вистината. Најискрено и најчовечки да ги нотираме состојбите - да им се спротивставуваме и да ги критикуваме пропустите и негативностите, но и да ги пофалиме успесите.

Царинските службеници на Граничниот премин „Ново Село“ на македонско-бугарската граница открија обид за криумчарење на текстилна стока кај македонски државјанин.

64 парчиња облека (панталони, тренерки, маици и чорапи) и 3 пара патики, откриени при контрола на македонски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Непријавените производи, пронајдени во багажникот под резервната гума и во патни торби завиткани во стара облека, под задното седиште и во преградите од вратите, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка“ – информираат од Царинската управа.

„Вечер на афоризми“ - позитивната атмосфера покрај езерцето во големиот Градски парк во Струмица, доминираше вечерва кај публиката која ги слушаше афористичарите Ацо Ѓоргиев, Ристо Филчевски, Љупка Цветанова, Атанас Крлевски, Ѓорги Панов, како и гостинката од Србија, Нада Караџиќ.

Оваа дружина од афористичари беше убава можност за директна средба и јавно споделување на мислата со публиката. Афоризмот како најкратка форма на хумор не е и најлесна. Иако близок до народната поговорка, сепак тој ја има таа своја нијанса да разведри и расположи. Со афоризмите авторите праќаат пораки и ставови за одредени појави и општествени текови кои знаат да развеселат, но и ќе го натерат читателот да подразмисли.

Така беше и вечерва, а на интерпретациите на афористичарите се потсмевнуваше и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, но и некои од Советот на општината, кои беа дел од расположената публика на оваа „Вечер на афоризми“.

„Вечерта на афоризми“ е организирана во рамките на годинашниот „Струмица ОПЕН фестивал“.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Полициски службеници од СВР Струмица вчера во периодот од 08:00 до 13:00 часот спроведоа акциска контрола на возила кои вршат јавен превоз на патници – информираат од СВР Струмица.

Во акцијата се контролирани 84 возила, од кои 45 се упатени на вонреден технички преглед, при што кај шест од нив се констатирани неправилности, поради кои возилата се исклучени од сообраќај и се издадени шест прекршочни платни налози.

Директорката на Јавната установа „Завод за заштита и рехабилитација - Бања Банско“, Стојанка Изова ќе биде сменета од оваа функција.

Премиерот Зоран Заев, денеска на прес конференција ги објави имињата на функционери и членови на Управни и Надзорни одбори на јавни претпријатија кои ќе ги разреши, а се именувани директно од Владата пред околу две години.

Во низата на кадровски промени се најдоа и струмичани кои раководат со јавни институции или пак се во управувачките структури на Установи и Јавни претпријатија како членови на Управен одбор.

Освен Изова, како директор, ќе бидат сменети и членови на Управните одбори во трите здравствени установи во Струмица. Според најавата, Ристо Ангелов ќе биде разрешен од функцијата член на УО на Центарот за Јавно здравје во Струмица, а член на УО на ЈЗУ „Здравствен дом“ во Струмица веќе нема да биде и Никола Тауков. Разрешување ќе има и во ЈЗУ „Општа Болница“ Струмица, каде во Управниот одбор нема да биде Живорад Ќурчиев.

Како што објасни премиерот Зоран Заев, разрешувањето се должи пред се поради непостигнување на потребните и очекувани резултати на дел од носителите на јавните функции или пак заради дуплирање во меѓувреме на повеќе функции.

Еден од најискусните македонски и интернационален фудбалер, Зоран Балдовалиев од Струмица ја напушти „Беласица“, дознава Радио СтрумицаНет. Балдовалиев ни ја потврди информацијата, но не сакаше многу да зборува за напуштањето, само кратко рече дека не сака да игра во Втора лига.

Каде ќе ја продолжи фудбалската кариера, се уште размислува, бидејќи преговара со фудбалски клубови од Грција, Кипар и Македонија.

Во својата кариера Балдовалиев, која ја почна со Беласица, настапуваше за Публикум, МТК Араз, Вентспилс, Локомотив Пловдив, Локомотив Софија, Шмона, Енозис, Најран, Ал-Кадисијах, Кијасо, Олимпијакос Волос, Хоризонт Турново, ПАЕ Керкира, Академија Пандев.