69 години од свирепото убиство на петте струмички студенти, Борис Белев, Мирко Пецев, Ѓорѓи Костуранов, Стево Топчев и Ѓорѓи Јармов од комунистичкиот режим, беа одбележани утринава со Панихида на струмичките Градски гробишта, а пред Споменикот во малиот Градски парк беше положено свежо цвеќе од членови на семејствата на убиените студенти, градоначалникот и членови на Советот на општина Струмица, политички партии и здруженија на граѓани.

Денешното чествување организирано од Општина Струмица, согласно безбедносните протоколи, помина без вообичаениот говор за настанот од 13-ти август 1951 година.

Инаку, студентите, чија цел била слободна и независна Македонија, биле стрелани кај селото Орманли на планината Беласица, дваесеттина километри од Струмица. Образложението на тогашната власт било дека студентите работеле против комунистичкиот режим и дека илегално се обиделе да ја преминат границата и да побегнат во Грција.

Претседателот Стево Пендаровски, денеска му го врачи мандатот на Зоран Заев, лидер на СДСМ, кои како Коалиција „Можеме“ освоија најмногу пратеници на последните Парламентарни избори.

„Врз основа на член 84, став 1, алинеја прва, а во согласност со член 90, став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и предлогот на Коалицијата „Можеме“, за мандатор за состав на Влада на Република Северна Македонија го определувам Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието на Република Северна Македонија“, изјави претседателот Пендаровски.

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 1848 тестирања, а регистрирани се 141 нови случаи на ковид-19. Четворица се регистрирани во Центарот за јавно здравје во Струмица, со кои во моментот активни се 31 лице од Струмица, а од почетокот на пандемијата се заразиле 47 лица.

На плоштадот „Гоце Делчев" и на Булеварот „Маршал Тито" во Струмица, претставници од СВР Струмица и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со делење на едукативни материјали, реализираа сообраќајно-воспитно едукативна кампања под мотото „Летна кампања 2020 - Вози одговорно“, со цел подигање на свеста и одговорно учество во сообраќајот во летниот период.

Поради заштита на уплатите од сметките за вода и избегнување на несакани компликации од затворање на една од банките во државата од страна на НБМ, ЈПКД „Комуналец“ Струмица им препорачува на корисниците своите сметки да ги плаќат во четирите наплатни пункта, во поранешната зграда на ЈПКД „Комуналец“, на старата чаршија, спроти Црквата „Св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, спроти СОУ „Никола Карев“ и до новата Управна зграда на ЈПКД „Комуналец“ на патот кон Просениково, како и „онлајн“ на линкот  https://ekomunalec.24x7.mk

Околу стотина посетители синоќа рекреативно се искачија на еден од најпознатите локалитети во Струмица - Цареви кули. Најголемиот симбол на градот и годинава понуди незаборавна ѕвездена глетка. Велосипедистите се движеа по велосипедската патека, а останатите по трим патеката Св. Илија. Атмосферата ја дополни DJ Циге. Организатори на настанот беа Атлетскиот клуб „Беласица Ран“ и ЗКУ „Југоисток“.

Третото издание на ноќните тури до Цареви кули во рамките на годинашното издание „Струмица ОПЕН фестивал 2020“, беа поддржани од Општина Струмица, Делегацијата на Европската Унија и Sunday.

Програмата продолжува вечерва со тренинг во Градскиот парк. Аеробик инструкторот Елена Илков ве очекува на нов и забавен тренинг на отворено. Посетителите на првиот термин дознаа многу нови и лесни трикови за правилен кардио тренинг, но и како да ја стекнат мотивацијата која им недостига!

Министерството за здравство информира дека во изминатите 24 часа регистрирани се 139 нови случаи со ковид-19 од направените 1627 тестови, меѓу нив и двајца струмичани, еден од градот Струмица, кој е префрлен на клиниката „8-ми Септември“ во Скопје и еден од селото Вељуса, кој е во домашна изолација.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 239 оздравени пациенти. Почина еден пациент од Охрид во болнички услови.

„Уметноста живее и треба да живее дури и тогаш кога светот се соочува со пречки кои го менуваат нормалниот тек на живеење. Во ова време - невреме кога пандемијата од ковид-19 влијае на расположението на граѓаните, група ликовни творци со својот креативен набој, ќе се обидат да го привлечат вниманието на јавноста и да дадат до знаење дека уметноста е посилна од се“ – кажа градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски кој синоќа ја отвори 57-та меѓународна Струмичка ликовна колонија, која до 20-ти август ќе го разубавува летното струмичко секојдневие.

Стартот беше означен со две изложби. Првата е самостојна изложба на Снежана Мелник, а втората е насловена „Пријателство“ со дела од македонски и бугарски автори која првично била планирана за месец март, но истата е одложена поради пандемијата со коронавирусот.

Годинава за прв пат во својата долга историја Струмичката ликовна колонија се одржува без уметници од странство, и со двојно помал број на учесници и тоа само од Македонија, поради коронавирусот кој владее низ светот.

За дванаесетте автори кои во наредните десет дена ќе творат во Струмица обезбедени се сите неопходни улови согласно здравствените протоколи, а организаторите ветуваат дека учесници ќе бидат безбедни.

„Просторот каде што уметниците работат и сликаат е голем простор. Значи ќе биде обезбедена дистанца помеѓу уметниците, ќе носат заштитна маска и ќе се користат средства за дезинфекција против вирусот“ - вели Александар Филев, раководител на уметничка галерија Струмица.

Во наредните десет дена се очекува да бидат создадени нови триесеттина дела во скоро сите ликовни техники. Со нив дополнително да биде збогатен фондот на колонијата кој брои над 2560 дела создадени од околу 1400 ликовни уметници.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Под мотото „Поинаква приказна“ во Струмица започна 9-то издание на „Струмица ОПЕН фестивал 2020“. Поради пандемијата со коронавирусот фестивалот ова година ќе се одржува под поинакви услови и без масовните концерти и настани кои беа карактеристични во изминатите осум години.

Синоќа се одржа првиот настан, аеробик тренинг на отворено. Во големиот Градски парк кај езерцето вежбаа 60-тина рекреативци од сите возрасти. Тренингот го водеше аеробик и пилатес инструкторот, Елена Илков од GoFit.

Општинската организација на Црвен крст – Струмица со свој волонтерски тим беше дел од синоќешниот настан со цел да информира за почитување на мерките за време на настанот.

Овој спортски настан е поддржан од Општина Струмица, Делегацијата на Европската Унија, Халк Банка и Sunday.

Програмата продолжува вечерва со „Ноќни патеки: Епизода „Цареви кули“. Збирното место за пешачката и велосипедската тура е малиот Градски парк. Идејата зад овој настан е да се промовираат трим и вело патеките и да покажеме дека со придржување до протоколите за организација на настани можеме да продолжиме со здравиот начин на живот и во време на пандемија.

СВР Струмица информира дека синоќа во 22:45 часот во Полициската станица, К.А. (30) од Струмица пријавил дека од домот се оддалечил неговиот татко А.А. (56). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

СВР Струмица информира дека вчера околу 07:30 часот, на шумски пат викан „Безгаштовски пат“, помеѓу Струмица и Берово, на планината Огражден, С.В. (31 година) од село Бориево, струмичко, управувајќи трактор со приколка, се излизгал од патот и паднал во дол.

С.В. се здобил со тешки телесни повреди констатирани во болницата во Струмица. На местото на незгодата излегле полициски службеници од СВР Струмица.

Во последните 24 часа во Македонија, од направените 1828 тестирања, регистрирани се 200 нови лица позитивни на ковид-19, меѓу кои и едно лице во Струмица, информираат од Министерството за здравство. Во изминатото деноноќие четири пациент со ковид-19 починале. Во Струмица во моментот активни се 24 лица заболени со коронавирусот, а од почетокот на пандемијата евидентирани се вкупно 40 лица.

СВР Струмица денеска информираше за пожарот кој во средата попладне се случи во селото Гечерлија.

Според информацијата, опожарена била куќа во изградба, сопственост на А.Н. (56) и парцела сопственост на И.Н., и двајцата од село Гечерлија, како и бали јонџа и сено, бела техника, мотоцикл, пченка и пластеници со засадени земјоделски производи. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Струмица, а увид на местото извршила екипа на СВР Струмица.

Традиционалната меѓународна Струмичка ликовна колонија и годинава ќе се одржи, но без странските уметници, поради ситуацијата со пандемијата. Ќе учествуваат само македонски уметници, а досега своето учество го потврдиле десеттина.

Со две изложби ќе биде отворено 57-то издание на Струмичката ликовна колонија, во понеделник (10 август) во 20:00 часот. Првата изложба е насловена „Пријателство“, на која ќе бидат изложени дела од македонски и бугарски автори, а втората е самостојна изложба на акварели на Снежана Мелник насловена „La Vie En Rose“.

Годинашното издание на Струмичката ликовна колонија ќе трае до 20-ти август, во кој период учесниците ќе ги создаваат своите дела во повеќе различни ликовни техники, а ќе бидат изложени традиционално на денот на ослободувањето на Струмица, 11-ти септември.

Струмичката ликовна колонија е една од најзначајните меѓународни културни содржини кои се одржуваат секоја година во Струмица и е една од најзаслужните за мапирањето на Струмица во земјата и надвор од неа, како исклучително важен културен центар.

Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнало во Струмица, 62 л/м², во Прилеп 54, Скопје 50, Претор 42, Битола 41, Демир Капија 38, Куманово 31, Штип и Виница 28, Гевгелија 27, Крушево 25, Берово 23, Тетово 17, Крива Паланка 16, Охрид 13, Дебар 10 и во Дојран 7 л/м².

Времето попладне и во вечерните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално и во форма на невреме со силен ветер и појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 22 до 28 степени.

И утре времето ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен дожд, засилен ветер и услови за изолирана појава на град.

Во недела претпладне времето ќе биде сончево, а попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Од понеделник ќе преовладува сончево и потопло време, но во попладневните часови ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи.

Најдобриот тренер во македонската одбојкарска лига, струмичанецот Кире Ричлиев го продолжи договорот за соработка со ОК „ЏИО Струмица“.

По потпишувањето на договорот, Ричлиев го комплетираше и стручниот штаб. Асистенти кај помладите категории ќе му бидат: Костадин Ричлиев, Јане Попов, Васе Михаилов, Киро Арабаџиев и Владо Милев, кој ќе помага во развојот на одбојкарите во сите категории по најновите европски програми на CEV. За здравјето на играчите повторно лидер на медицинскиот тим ќе биде д-р Кочо Манчев, а ќе му помагаат д-р Душан Королија и физиотерапевтот Александар Црвенковски, информираат од ОК „ЏИО Струмица“.