Кате, Ристе, Борис, Ристо, Илија и пак Ристо, синоќа во хотел „Студио ИН“, со своите пријатели организираа голема роденденска забава, за својот јубилеј - 10 години група „Легато“ на македонската естрада.
„Големо благодарам на сите кои дојдоа на одбележувањето на нашиот 10-годишен јубилеј и промоцијата на нашето првенче, нашиот прв албум насловен „Живи, здрави, весели“. Нашите пријатели, колеги, соработници и фанови, придонесоа оваа забава да биде побогата. Многу ми е драго што слушнавме позитивни критики од нашите гости, а имаше и една „негативна“, а таа беше што сме чекале дури 10 години да издадеме албум. Но, еве ветуваме дека повеќе нема да биде така, нема да чекаме толку години. За брзо време очекувајте уште нешто ново од нас“ - вели Кате од групата „Легато“, по роденденската забава.
Иако оваа им е прво ЦД, фолк групата зад себе, во изминатите 10 години има голем број на снимени македонски новосоздадени, но и традиционални македонски песни, настапи на фестивали и неколку концерти кај Македонците во Европските земји.
„Не сакавме да направиме албум колку да се каже дека го имаме. Така е и со песните. До сега секогаш сме ваделе минимум по една песна годишно, ама да биде квалитетна. На албумот се наоѓаат 12 песни, од кои четири се обработки на стари македонски песни, а осум се новосоздадени. Некои од нив се песни со кои сме настапиле на фестивали, а некои се студиски снимки“- додаде Кате.
Струмичката група „Легато“ брои шест членови, од кои вокал е Кате Ристова, Ристе Гогов - вокал и дувачки инструменти, саксофон, кларинет, гајда, зурла и кавал, Борис Граматиков - тапани, Ристо Попов - клавијатури, Илија Христов - клавијатура и Ристо Митев - гитара.