На камерната сцена на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, синоќа премиерно беше изведена претставата „Мизантроп“, во режија и адаптација на Дамјан Тенев. Публиката со голем интерес и внимание го проследи ова современо сценско читање на класичното дело на Жан Батист Молиер, наградувајќи ја изведбата со долготраен аплауз и позитивни реакции.
Овој „Мизантроп“ претставува храбар режиски пристап што ги спојува духот на Молиеровата сатира со актуелните општествени теми, ставајќи го акцентот на лицемерието, моралот и потрагата по вистината во современиот свет. Со минималистичка, но ефектна сценографија и динамична игра, актерите го оживеаја класичниот текст на начин што ѝ е близок на денешната публика.
Во актерската екипа настапија Ванчо Василев, Анкица Бенинова, Стојан Велков-Трн, Кољо Черкезов, Васка Ангелова, Јулија Милкова, Танкица Стојанова и Игор Тодоров, кои со посветеност и енергија го изградија светот на ликовите исполнет со хумор, иронија и човечка слабост.
Сценографијата и костимографијата ги потпишува Радостина Тенева, преводот на текстот е на Никола Маџиров, а за видео монтажата и плакатот се погрижија Столе Ангелов и Ване Костуранов.
Премиерата уште еднаш потврди дека струмичката театарска сцена е дом на храбри, современи и возбудливи проекти, кои успеваат да ја спојат традицијата со новите уметнички изрази.


































