Во организација на Елеуса Фондација, синоќа во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица се одржа книжевно-музичката вечер „Преместени хоризонти“. Настанот се одржа во прекрасен амбиент создаден од волантерите на фондацијата, а публиката уживаше во спојот на литературата, музиката и мислата.
Присутните имаа можност преку читањата на епископот Давид (Нинов) и проф. Синоличка Трпкова да се запознаат со епистоларната проза на двајцата автори, претставена во нивната книга „Проникнување“. Публиката ја почувствува и ерудитивната поезија на Сашо Гигов Гиш од стихозбирката „Indicta Causa, осуден во отсуство“, како и музичката интерпретација на Баховите „Голдберг варијации“ во изведба на пијанистката Јанинка Невчева.
Учесниците во „Преместени хоризонти“ се дел од уметничкиот кружок „Кино Дирижабл“, а нивните презентирани дела се создадени во текот на 2025 година.
По воведниот перформативен дијалог на авторите, разговорот продолжи под водство на проф. д-р Ана Витанова Рингачева и м-р Сузана Мицева, кои низ аналитички пристап направија длабока и инспиративна интерпретација на зборот и тонот, отворајќи простор за интерактивен дијалог со публиката.
Настанот го збогатија со своето присуство викарниот епископ г. Јаков Стобиски, директорката на Комисијата за односи со верските заедници Оливера Трајковска, претседателот на Советот на општина Струмица Никола Маџунков, свештенослужители и бројни љубители на книжевноста и уметноста.




























