Заврши изградбата на тениското игралиште во Ангелци

26 Август 2015

Двојното тениско игралиште во село Ангелци е комплетно завршено и подготвено за официјално пуштање во употреба

Двојното тениско игралиште во село Ангелци, кое општина Василево го градеше со средства обезбедени од Агенцијата за млади и спорт, е комплетно завршено и подготвено за официјално пуштање во употреба.


„Ова ќе биде првото тениско игралиште на територијата на општина Василево, на кое тениските вештини ќе може да ги совладуваат не само децата од Ангелци и соседното Градашорци, туку и од останатите населени места кои ќе пројават интерес за овој, кај нас сеуште редок спорт“ - вели градоначалникот на општина Василево, Ване Стојанов, според кој, со изградбата на спортски терени и игралишта во речиси сите населени места, на дело ја покажува својата заложба за приближување на спортот до сите граѓани на општина Василево.


Набргу на овој простор, освен тениското и повеќенаменското игралиште, кое од неодамна е во функција, овде ќе биде изграден и детски забавен парк, за кој во моментот во тек е изготвување на техничка документација.


„Со изградбата на детскиот забавен парк, за кој општината ги врши техничките подготовки, овој простор, ќе биде вистинско катче за одмор, рекреација и дружење на сите генерации наши сограѓани. Воедно жителите на двете соседни населени места Ангелци и Градашорци ќе добијат вистинско урбано, спортско -рекреативно катче“ - додаде Стојанов, во врска со изградбата на игралиштата и уредувањето на овој простор, кој се наоѓа на влезот во Ангелци односно меѓу Ангелци и Градашорци.