Градоначалникот на Василево најави инвестициски бум во општината

18 Август 2015

68 милиони денари финансиски средства ќе бидат потрошени во општина Василево до крајот на годината, за реализација на значајни проекти

До крајот на годината во општина Василево, градоначалникот Ване Стојанов најави вистински инвестициски бум и реализација на проекти кои ќе значат подобар живот за граѓаните на територијата на оваа општина.


68 милиони денари финансиски средства ќе бидат потрошени во општина Василево до крајот на годината, за реализација на значајни проекти за жителите на општината.


Вчера во просториите на Агенцијата за финансиска поддршка, градоначалникот Стојанов потпиша неколку договори за реализација на проекти, како што се за регулација на Сушевскиот порој, за фекална канализација во Владевци, изградба на улици во Добрашинци, Ангелци, Градашорци и улица покрај порој во Сушица.


Градоначалникот Ване Стојанов на денешната прес конференција ја најави и реализацијата на проектот за реконструкција на Домот на културата во Нова Маала во вредност од 11 милиони денари, како и изработката на Урбанистички планови за населените места Владевци, Ангелци и Градашорци.


Од областа на образованието, во фаза е распишување на јавни набавки за комплетна реконструкција на подрачното училиште во Радичево и поставување систем за парно греење. Систем за парно греење ќе бидат поставени и во подрачните училишта во Сушево, Добрашинци и Чанаклија, со што сите училишта во оваа општина ќе бидат обезбедени со систем за топловодно греење.