Општина Василево ќе спроведува Буџетски форум

14 Август 2015

Швајцарската Агенција за развој и соработка, на општина Василево ќе и одобри средства во износ од 825.000 денари

Денеска градоначалникот на општина Василево, Ване Стојанов, потпиша Договор за Буџетски форум, кој ќе се спроведува во периодот од август 2015 до октомври 2016 година, заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) при Амбасадата на Швајцарија во Македонија и Единицата за координација на форумите (ЕКФ).


Општина Василево на транспарентен, отчетен и парципативен начин со најдиректна вклученост на граѓаните ќе го креира и реализира општинскиот Буџет за наредната 2016 година.


Според договорот, за реализација на Буџетскиот форум Швајцарската Агенција за развој и соработка, на општина Василево ќе и одобри средства во износ од 825.000 денари.


Денеска беше одржан и првиот координативен состанок, на кој заедно со претставниците на SDC беше разговарано за сите подготвителни работи неопходни за успешна реализација на целиот процес.


Општина Василево е една од десетте општини во државата кои во споменатиот период ќе спроведат Буџетски форум.


Во рамки на Програмата Форуми во заедницата општина Василево има реализирано меѓуопштински форум заедно со соседната општина Босилово, во чии рамки општините набавија механизација за расчистување на каналската мрежа.