Започна изградбата на парк на влезот во Василево

28 Јули 2015

Површината од околу 1400 м² ќе биде комплетно уредена, озеленета, испресечена со бехатонски патеки, ќе бидат засадени повеќе дрвца и грмушки

Со средства обезбедени од Бирото за регионален развој, преку Програмата за развој на подрачја со специфични развојни потреби, Општина Василево започна со изградна на парк на влезот во Василево.


Површината од околу 1400 м² ќе биде комплетно уредена, озеленета, испресечена со бехатонски патеки, ќе бидат засадени повеќе дрвца и грмушки, а за одмор на граѓаните ќе бидат поставени клупи.


Во центарот на паркот ќе биде поставено метално газебо со ротирачко пано со ознаките на општина Василево и Република Македонија. Осветлувањето ќе биде со канделабри. Како приклучен елемент на паркот, планирано е изградба на автобуска постојка.

 


Средствата за изградба на паркот во висина од над 1.800.000 денари се обезбедени од Бирото за регионален развој, односно 80%, а останатиот дел се од Буџетот на општина Василево.


Изградбата на овој парк е планирана во Програмата за уредување на просторот на градежното земјиште во руралните подрачја на општина Василево за 2015 година и истиот според очекувањата на градоначалникот Стојанов треба да биде завршен за еден месец, односно до празникот Голема Богородица, кој жителите на Василево го празнуваат за свој патрон.


Со целосното завршување на сите планирани активности, површината која до скоро беше празна и обрасната со трева, и беше прва слика со која се среќаваше секој оној што ќе влезеше во општинскиот центар, набргу целосно ќе исчезне, давајќи и на општина Василево вистински урбан изглед.