Продолжува инфраструктурниот развој на општина Василево

17 Јуни 2015

Градоначалникот на општина Василево, Ване Стојанов, денеска преку прес конференција информираше за активностите на општината

Градоначалникот на општина Василево, Ване Стојанов, денеска преку прес конференција информираше за активностите на општината во тековната 2015-та година, односно за инфраструктирниот развој на општина Василево.


Тој најави дека продолжуваат да го менуваат и подобруваат ликот на општината, условите за живеење на жителите со континуирано вложување во инфраструктурниот развој, од кој во основа зависат многу сегменти во секојдневието.


„Деновиве, во Радичево во тек е изградба на дел од главната селска улица, која поради специфичноста на теренот вклучуваше и изградба на голем воден пропуст со што проблемот со премостувањето на поројот што го имаа жителите од овој дел на селото, ќе биде решен. Токму денес финишираат работите на оваа улица, истата ќе биде асфалтирана и целосно завршена“ - рече градоначалникот Стојанов.


Во периодот што следува, на агендата на општина Василево се многу активности во повеќе населени места. Општината со Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година, ќе се реализираат два проекти во населеното место Сушево, чија инфраструктура беше уништено од невремето во 2013 година.


Регулација на поројот и улицата покрај поројот се проектите со чија имплементација општината во голема мера ќе ги подобри условите за жителите во ова населено место.


Во населеното место Ангелци асфалтирана ќе биде улицата што води кон селската црква. Проектот што ќе биде имплементиран во соседното Градошорци е со работен наслов „Воведување на кружна крстосница помеѓу улица 3 и улица 5 во индустриска зона Градошорци, а практично во овој период ќе биде изградена, односно отворена и асфалтирана улица во индустриската зона.


Асфалтирана улица ќе добие и населеното место Добрашинци, а тоа е улицата што води до црквата во ова населено место.


„Добрата соработка со институциите на централната власт во случајот со Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ќе ни овозможи имплементација на овие проекти, чија вкупна вредност е околу 57 милиони денари, односно над 900.000 евра. Во соработка со истата Агенција, но овојпат во рамки на Југоисточниот плански регион, општина Василево како дел од овој регион, во населеното место Нова Маала, стариот Дом на културата ќе го реконструира и адаптира во современа спортска сала за потребите на Основното општинско училиште „Атанас Нивичански“ и се разбира за сите граѓани од оваа и соседните населени места. Проценетата вредност на оваа инвестиција е околу 6,5 милиони денари. Во рамки на Југоисточниот плански регион ќе бидат изработени и урбанистички планови за населените места Владевци, Ангелци и Градошорци, чија вредност е околу 2 милиони денари. Околу 16,5 милиони денари преку три проекти ќе бидат реализирани со посредство на Министерството за финансии, односно како неповратни средства се обезбедени од Европската Унија, ИПА грантот за рурална инфраструктура. Во Василево ќе се асфалтира улицата што од центарот води до индустриската зона, или попозната како стариот пат за Градошорци. Оваа улица чија проценета вредност е околу 5 милиони денари ќе биде со атмосферска канализација. Ќе биде изграден уште еден крак, односно последниот крак од канализацијата во Ангелци, со што сите домаќинства од ова населено место ќе ја имаат можноста да се приклучат на системот за канализација. Во рамки на овој грант асфалтирана ќе биде и една улица во населеното место Владевци“ - изјави градоначалникот Стојанов.


Тој додаде дека многу бргу на терен ќе започнат градежните активности за проектите за кои деновиве во тек се постапките за јавни набавки.


Во индустриската зона КО Градошорци, Изградба на дел од улица 4 и улица 10 со вкупна должина од околу 450 метри, чија проценета вредност е околу 2,5 милиони денари. Во Василево и Градошорци ќе започне изградбата на парковите, а магистралниот пат М-6 во делот на општина Василево, односно клучка Василево, Градошорци и Добрашинци ќе добијат комплетно осветлување.


Стојанов ги најави и двата проекти. Едниот е во образованието а другиот во спортот.


„Тоа се две области, особено важни, првенствено поради популацијата на која и се наменети – младите, а во чиј развој ние како локална саморава постојано вложуваме. Училиштето во Радичево ќе го опремиме со систем за парно греење изграден по најсовремените еколошки стандарди, за учениците од Висока Маала, во соработка со ТИКА ќе изградиме нова училишна зграда, а младите од нашата општина во најскоро време на свој сопствен терен ќе можат да ги учат вештините на тенисот. Работите на изградбата на двојното тениско игралиште во Ангелци се во завршна фаза. Реализацијата на сите овие проекти значи само едно: одговорна локална самоуправа чиј интерес е интересот на сите граѓани, а нивното задоволство единствен критериум и репер за нашата успешност“ - додаде Стојанов.