Се одржа планинарскиот марш „По патеките на Мис Стон“

01 Јуни 2015

По долгото пешачење, за учесниците, во Црквата „Свети Илија“ беше организиран заеднички ручек и дружење

Вчера голем број планинари, граѓани, вљубеници на природата, спортот, пешачењето и здравиот начин на живот, учествуваа на четвртиот планинарски марш „По патеките на Мис Стон“, кој се одржа во организација на Планинарско-алпинистичко еколошко друштво „Маратон“ од Струмица и Општина Василево.


Патеката по која се движеа учесниците на маршот, од брана Турија до селото Нивичино, кое се наоѓа на надморска висина од 700 метри, е долга околу 10,5 километри.


Активноста се врзува со настан од нашето историско минато познат како „Афера Мис Стон“, кој извршил голема афирмација на македонското револуционерно движење. Протестантската мисионерка Мис Стон, во август 1901-та година била грабната од четата на Јане Сандански и периодот до нејзиното ослободување, февруари 1902-та година, го поминала во селото Нивичино од каде по планински козји патеки е префрлена во населеното место Градашорци каде била ослободена. Патеката по која се движеа учесниците на маршот е патеката по која мисионерката пред повеќе од еден век чекорела кон своето ослободување.


Добредојде на учесниците во маршот, во славното историско село, каде војводата Атанас Нивичански успешно ја сокривал американската мисионерка Мис Стон од турските потери, им посака градоначалникот на општина Василево, Ване Стојанов.


„Горди сме со нашата роднокрајна историја, која и вие планинарите успешно ја негувате, чествувајќи ги историските датуми, личности и настани. Општина Василево која се јавува како партнер и поддржувач на оваа активност има посебен интерес истата да се популаризира и да се омасовува“ - рече Стојанов.


По долгото пешачење во Црквата „Свети Илија“ беше организиран заеднички ручек и дружење, потпевнување, кој со убавините околу Нивичино, беше вистинско природно уживање за сите што дојдоа во Нивичино на овој прекрасен сончев неделен ден.


Инаку, Општина Василево пред повеќе од три години изготви физибилити студија за развој и заштита токму на просторот околу брана Турија со акцент на популаризирање на историските моменти односно промоција на просторот како историски локалитет. Целта на студијата е создавање амбиент за развој на еко-туризам, а патеката Мис Стон е една од планираните содржини.