Во општина Василево, Советот прифати 15 инфраструктурни проекти

29 Мај 2015

Како што рече претседателот на Советот, Дејанчо Ефтимов, од 18 точки по дневниот ред, дури 15 точки се за инфраструктурни проекти

Домот на културата во Нова Маала ќе се реконструира и ќе се адаптира во Спортска сала, кружна крстосница помеѓу две улици во Индустриската зона кај Градашорци, ќе се гради мост на Сушевски порој, регулација на Сушевски порој и улица покрај поројот во Сушево, ќе се гради дел од фекална канализација во Владевци, изградба на улица во Добрашинци, улица во Ангелци за пристап до црквата, се само дел од усвоените предлог-проекти, што вчера на 27-та седница советниците на Советот на општина Василево едногласно ги усвои.


Општина Василево и годинава финансиски ќе го поддржи проектот „Отворени забавни фудбалски школи“ со 119.000 денари, кој ќе се одржи во Василево. Според градоначалникот Ване Стојанов, со ваквите проекти од областа на спортот, уште еднаш општината потврдува дека максимално ги поддржува сите спортски манифестации и преку спортот развојот на самите деца на територијата на општина Василево.


Советниците го прифатија и заклучокот за усвојување на стручно мислење за спроведување на превентивна дезинсекција за спречување и сузбивање на вектор преносливите заболувања на територијата на општина Василево и заклучокот за усвојување на Програмата за изведување на тридневна екскурзија на учениците од деветто одделение при ООУ „Гоце Делчев“ од Василево.


Како што рече претседателот на Советот, Дејанчо Ефтимов, од 18 точки по дневниот ред, дури 15 точки беа за инфраструктурни проекти, кои советниците и од мнозинството и од опозицијата едногласно, без дискусија ги прифатија за нивна реализација.