Екипата на „Столе Компани“ победник на првиот турнир во Ангелци

21 Мај 2015

Синоќа во финалето „Столе Компани“ ја победи екипата „Дело Транс“ од Ангелци со 3:0, а третото место го освои „Цоби Енд“ од Василево

Екипата на „Столе Компани“ од Градашорци е победник на првиот турнир во мал фудбал „Спасовден 2015“, што се одржа во селото Ангелци, а по повод верските празници Свети Спас и Свети Никола.


Синоќа во финалето „Столе Компани“ ја победи екипата „Дело Транс“ од Ангелци со 3:0, а третото место го освои „Цоби Енд“ од Василево, победувајќи ја екипата на Добрашинци.


За најдобар стрелец на турнирот е прогласен Трајче Јанев од „Столе Компани“, за најдобар играч Демче Мустафов од „Дело Транс“, а за најдобар голман Ване Ѓоргиев од „Столе Компани“.


За градоначалникот Ване Стојанов, кој заедно со општината се покровители на турнирот, 13-те екипи во изминатите пет дена во Ангелци прикажаа добар фудбал и спортско дружење.


„Она што нас не исполнува како општина, односно како градоначалник, е тоа што она што беше изградено, овие повеќенаменски игралишта, наменски се употребуваат, односно целта ни беше да биде тоа едно собиралиште за младите генерации, да спортуваат, рекреираат и пред се да се дружат на овие спортски терени. Општината во изминатиот период вложуваше многу за овие спортски капацитети, кои ги имаме во општина Василево. Сведоци сме дека и понатаму општина Василево вложува многу во спортот и во спортските натпревари. Овде во Ангелци се гради уште еден таков терен, односно се гради двојно тениско игралиште, а општината планира и понатаму да гради спортски терени во сите населени места, кои ќе служат за спортување, рекреација на младите од нашата општина“ - рече градоначалникот Ване Стојанов по завршувањето на турнирот во Ангелци.


ФОТОГАЛЕРИЈА