Ќе се гради нов водоводен систем во Пиперево

20 Мај 2015

Со овој договор ќе се пристапи и на изготвување проект и реализација на водоснабдувањето на Пиперево

Градоначалникот на општина Василево, Ване Стојанов и министерот за животна средина, Нурхан Изаири, денеска потпишаа договор за проектот „Изработка на техничка документација за систем за водоснабдување на село Пиперово“, со кој ќе се подобрува системот за водоснабдување на Пиперево, каде неодамна е поставена фекални и атмосферска канализација.


Со овој договор, во висина од 700.000 денари, ќе се пристапи и на изготвување проект и реализација на водоснабдувањето на Пиперево, за што општината ќе работи и на обезбедување средства од различни фондови.


Според информацијата од градоначалникот Ване Стојанов, со техничката документација всушност и практично ќе започнат активностите за надминување на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето што го имаат жителите на село Пиперево, односно техничката документација ќе овозможи активно барање средства за изградба на нов систем за водоснабдување.


Во моментот Пиперево со вода за пиење се снабдува од сопствен водоснабдителен систем изграден пред повеќе десетици години, кој поради дотраеност честопати има големи дефекти, па жителите неретко остануваат без вода за пиење.


Изградбата на нов водоснабдителен систем ќе значи подобрување на состојбата во една од битните сфери на човековото секојдневие.