Децата од градинката во Василево учеа како безбедно да ја поминат улицата

12 Мај 2015

Превентивна едукативна активност за безбедност во сообраќајот во Детската градинка во Василево

Секторот за внатрешни работи во Струмица, преку Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај и Полициската станица од општа надлежност од Струмица, во партнерство со локалната самоуправа од Василево, денеска, во Детската градинка „Прва радост“ во Василево организираа превентивна едукативна активност.


Целта на оваа превентивна активност е, како што рече Хризантема Рендевска, подигање на безбедносна свест кај оваа категорија на учесници во сообраќајот се со единствена цел намалување на последиците во сообраќајот.


Градоначалникот на општина Василево, Ване Стојанов, поздравувајќи ја денешната активност рече дека оваа е плод на соработката меѓу општина Василево и СВР Струмица, Отсек за превенција во сообраќајот.


„Преку едукација, како еден од најбитните фактори, уште од најмала возраст да се влијае врз развојот на свеста на децата, како тие би биле безбедни учесници во сообраќајот“ - додаде Стојанов.


Со употреба на соодветни реквизити, односно пешачки премин и семафор на децата им беше демонстрирано како и каде на најбезбеден начин да ја поминат улицата. Беше направена и практична демонстрација на правилно и безбедно поминување на отворена, необележана улица, при што дечињата на другите случајните учесници во сообраќајот – возачите им делеа флаери со едукативна содржина, преку кои се апелира да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, заради општата безбедност на сите учесници во сообраќајот.