Сречко е најбрзиот коњ на „Ѓурѓовденските трки“ во Василево

06 Мај 2015

Коњот Сречко на Џоко Цветков од Василево го освои првото место на „Ѓурѓовденските коњски трки“ во Василево

Веќе осма година по ред на иницијатива на Добре Митев, кој седум години беше организатор, годинава во организација на неговиот син Панче Митев, кој ја продолжува традицијата на оваа манифестација, под покровителство на општина Василево, се одржаа „Ѓурѓовденските коњски трки“, кои од година во година стануваат се помасовни, како на јавачи, така и на присутни граѓани, а годинава ги имаше повеќе од илјада од струмичкиот регион, бодрејќи ги јавачите долж патеката.


20-тина коњи од регионот по полските патишта околу Василево, во должина од 5 километри, се натпреваруваа за наградите. Коњот Сречко на Џоко Цветков од Василево го освои првото место на „Ѓурѓовденските коњски трки“ и парична награда од 12.000 денари. Второпласиран е Сулејман Дурмишев од Иловица со коњот Чако, кој доби 8.000 денари, а трет Роберт Ефтимов со неговиот коњ Блажо и парична награда од 5.000 денари.


И годинава, како и минатата година, како атракција беа двете „коњските коли“ на две тркала, во духот на коњаницата на Александар Македонски, кои на отворањето, продефилираа од центарот на Василево до стадионот „Цар Самуил“.


Со овој традиционален обичај се одбележа празникот Ѓурѓовден, со надеж на поголема плодност низ Струмичкото поле.