Струмичките лекари го одбележаа празникот на вечните лекари Св. Козма и Дамјан

14 Ноември 2017

И годинава во дворот на Струмичката болница, лекарите и медицинскиот персонал го одбележуваат празникот Св. Козма и Дамјан - вечните лекари на болните и сиромашните.

Денеска на празникот на овие светци, пред темелите на малата црква во изградба, во кругот на ЈЗУ „Општа Болница“ во Струмица, отец Димитар Крцев од Струмичката Епархија одржа празнична литургија за здравје на сите.

Годинашното, по шести пат одбележување, го организира персоналот на Одделението за уво, нос и грло при оваа здравствена установа, предавајќи го кумството - славата на вработените во Детското одделение.

Инаку, Свети Козма и Дамјан се многу познати во народот. Многу цркви им се посветени во Македонија, па и некои лекарски друштва го носат нивното име. Овој празник меѓу народот е познат како Свети врачи или едноставно како Световрача. Зборот врач (враж) и денес во некои словенски јазици (на пр. во рускиот јазик) значи лекар. Овие господови лекари наречени и Свети бесребреници имаат два празника на 1 јули (Свети врачи – летни) и на 1 ноември (според стариот календар).

ФОТОГАЛЕРИЈА