Новата фудбалска приказна „ФК МАК-СТРУМИЦА“ ќе биде клуб на кој ќе бидат горди сите

11 Ноември 2017

По само два месеци од своето формирање, новоформираниот клуб „ФК МАК-СТРУМИЦА“ се развива многу професионално. Веќе педесеттина деца во генерациите од 2004 до 2011 година, тренираат во Куклиш и постигнуваат значителни резултати. Од „МАК-СТРУМИЦА“ велат дека се среќни од ваквиот развој на клубот.

„Веќе за следната година имаме покана од два големи турнири надвор од државата, на кои се надеваме дека позитивно ќе одговориме,  а исто така ќе влеземе под капата на ФФМ и првенствените натпревари“ - велат од клубот.

„Бевме сигурни во успехот на клубот, бидејќи пред да почнеме имавме изготвено програма на долг период. Знаеме што сакаме и тоа е најбитно за успех. Во моментов ги реализираме тренинзите во Куклиш и премногу сме задоволни како се одвиваат истите. Околу педесеттина дечиња, кои тренираат во различни категории, во изминатите два месеци одиграа неколку натпревари и постигнаа значителни резултати. Ќе продолжиме со пријателски натпревари и турнири, но мора да потенцираме дека сега резултатите од натпреварите ќе бидат во втор план и дека во иднина повеќе ќе се насочиме кон професионалната работа и програма од страна на тренерите. Во моментот се фокусираме на зимскиот период, кога тренинзите ќе се реализираат во сала. Многу наскоро, односно деновиве ќе имаме презентација на нашата програма во повеќе населени места, во кои има голем интерес за упис на нови членови, а ќе почнеме со тренинзи и на други терени. Многу ме радува фактот што неколку стопанственици ја препознаа нашата програма и професионалност и им благодариме за дадената поддршка. Исто така, голема благодарност упатуваме и до родителите на сите млади фудбалери на нашиот клуб кои безрезервно не поддржуваат“ - вели Томе Христов, тренер во „ФК МАК-СТРУМИЦА“.

Дека работите одат во позитивна насока говори и ангажманот на новиот тренер, поранешниот фудбалер Коче Чачев, кој има настапувано за фудбалските клубови Беласица, Силекс, Тиверија, а своевремено ги бранеше и боите на националниот тим до 19 години.  Раководството на клубот најавува дека постепено ќе ја градат новата фудбалска приказна „ФК МАК-СТРУМИЦА“, а делата и резултатите ќе говорат за нивните успеси.

Тренерот Христов упати повик до сите деца кои имаат желба да тренираат, а немаат можност да го покажат својот талент, а сакат да бидат дел од „ФК МАК-СТРУМИЦА“, да повелат на фудбалското игралиште во Куклиш, секој работен ден од 08:00 до 10:30 часот и од 14:30 до 16:00 часот, или да се јават на телефонскиот број 076/731-969.