По 45-минутна бркотница од Удово кон Струмица фатени 10 мигранти

11 Ноември 2017

Синоќа околу 20:00 часот од страна на патрола од униформирани полициски службеници од Полициската станица за гранично преминување и граничен надзор “Богородица“ и униформирани полициски службеници од Република Хрватска на автопатот Гевгелија - Скопје во близина на бензинската пумпа од правец кон село Удово, биле забележани две сомнителни патнички моторни возила, „Опел Вектра“ со штипски регистарски ознаки и „Форд Мондео“ со гевгелиски регистарски ознаки - информираат од СВР Струмица.

Патролата им дала светлосен и звучен знак на возилата да застанат, но истите со зголемена брзина се упатиле по регионалниот пат кон Струмица. На раскрсницата кај село Раборци го промениле правецот на движење, по што се упатиле кон село Попчево.

Според полицијата, во 20:45 часот на шумскиот пат во близина на браната Водоча, возачот  на „Форд Мондео“, излегол од возилото додека истото било во движење и се качил во опелот, кој бил во близина, и со голема брзина се упатиле кон Водоча и Струмица.

При претресот на возилото Форд Мондео пронајдени се 10 мигранти и уште тројца мигранти кои биле  во непосредната околина. Тие се однесени во Полициската станица за граничен надзор и граничен премин Богородица за понатамошна постапка.