Во Струмица работилница за подигнување на свеста за консолидација на земјиште

09 Ноември 2017

Денеска во Домот на АРМ во Струмица, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, поддржано од проектот финансиран од Европската Унија - MAINLAND, кој го споведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, ја одржа третата регионална Работилница за подигнување на свеста за консолидација на земјоделско земјиште кај земјоделците и сопствениците на земјоделско земјиште.

„Окрупнувањето на земјоделското земјиште е неопходен чекор за развој на македонскиот аграр“, беше речено на денешната регионална Работилница.

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски вели дека малите и раситнети парцели резултираат со ограничено производство, зголемени транспортни и производствени трошоци, како и неможност за имплементација на современи технологии и развојни планови.

Според него, консолидацијата е вистинскиот начин секое земјоделско стопанство да поседува земјиште на поголема површина и со правилна форма, наспроти малите расцепкани парцели.

Во рамки на проектот „Мајнланд“ почнаа активностите за идентификување на регионите во државата каде што е потребно и можно консолидирање на земјиштето. Овој процес, напомена Николовски, ќе се одвива преку различни инструменти – од едноставна размена на парцели со или без промена на нивната форма до репарација на земјиштето со промена на границите на земјишните парцели со правилна форма.

Од ФАО велат дека до крајот на годината треба да се одберат 12 зони за консолидација.

„Тие нема само да се окрупнат, туку ќе добијат и нова патна инфраструктурна мрежа, како и нови системи за наводнување“ - рече Вилма Даугалиене, главен технички советник во ФАО.

Целта на работилницата е да се зголеми локалната свест и разбирање за придобивките од консолидацијата на земјоделско земјиште за земјоделците и сопствениците на земјоделско земјиште. Присуствуваа повеќе од 100 земјоделци, сопственици на земјиште, претставници на локални земјоделски организации, села и единици на локалната самоуправа, како и други важни локални партнери од југоисточниот регион.

Учесниците се информираа за принципите и постапките за консолидација на земјоделското земјиште, во согласност со соодветниот закон и во насока на спроведување на Националната стратегија за консолидација на земјиште 2012-2020 година.

Локалните земјоделци и сопственици на земјоделско земјиште беа запознаени со претстојната селекција на најпогодни области за консолидација на земјиште и како да изразат интерес за новите консолидациони проекти во наредните неколку недели.

Освен во Струмица, регионални конференции се одржани и во Гостивар и во Битола, а наредната е закажана на 14 ноември во Штип.

ФОТОГАЛЕРИЈА