Струмичката гимназија беше домаќин на млади истражувачи и иноватори од Македонија

09 Ноември 2017

По повод Светскиот ден на науката, денеска во фоајето на СОУ „Јане Сандански“ во Струмица беше отворена изложба на наградени проекти на млади истражувачи и иноватори од основните и средните училишта во Република Македонија.

„Иако сум професор по англиски јазик, моја прва љубов беа природните науки, се разбира благодарение на оваа гимназија и моите професори на кои секогаш се навраќам со неизмерна почит и благодарност, затоа што мене и на многумина мои соученици кои поминаа низ ова училиште, ни всадија моќ на логично размислување, темелно анализирање на проблемите од било која област и сериозен пристап кон секој предизвик. Искрени честитки до вас, млади истражувачи и иноватори. Вашата трудољубивост, креативност, и пред се, љубов кон науката, ми даваат за право да верувам дека можеби овде, меѓу вас, се наоѓа некој нов Ајнштајн, Хабл, Пастер, Флеминг, Дарвин, Вотсон или Крик, Пјер или Марија Кири, кој со своите изуми ќе ни го направи секојдневието уште понапредно и поинтересно, а човештвото посилно и поуспешно во борбата против болестите, елементарните непогоди, загадувањето, тероризмот и друго“ - рече во своето обраќање директорката на Струмичката гимназија, Невенка Стојанова, поздравувајќи ги гостите, младите истражувачи и нивните ментори.

Ова е ревија на дел од елитата млади истражувачи, истакна проф. д-р Љубица Каракашова, претседател на Сојузот на млади истражувачи при Народна Техника.

„Тука можете да видите дел од елитата и нивните наградени иновативни проекти. Имаме различни теми од искористување на отпадокот во земјоделското производство, имаме иновации во областа на електрониката, во областа на добивање здрави производи на природна база“ - рече проф. Каракашова.

Изложбата ја отвори градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, а покрај голем број ученици, наставници, изложбата ја видоа и претставници од Министерството за образование и наука и Народна техника на Македонија.

Денешниот настан на презентирање на најдобрите трудови од областа на науката и техниката на младите истражувачи и иноватори од Македонија, беше можност за запознавање со истражувачкиот дух на тие ученици и нивните ментори, а преку оваа презентација и можност што поголем број на ученици и наставници да се вклучат во овие процеси во наредниот период.

ФОТОГАЛЕРИЈА