Струмичанката Кристина Зимбакова со своја изложба во Белфаст, Северна Ирска

08 Ноември 2017

Струмичанката Кристина Зимбакова од утре во Центарот за уметност „Метрополитен“ во Белфаст, Северна Ирска, Обединето Кралство, ќе ја постави својата изложба насловена „Песни, куфери“.

Самостојната изложба на Зимбакова е во рамките на светската Конференција за Силвија Плат, насловена „Писма, зборови, фрагменти“, чија цел е да го одбележи објавувањето на „Писмата на Силвија Плат“ - том 1.

Инсталацијата „Песни куфери“ е поттикната од поезијата на Плат. Се состои од скулптура-куфер и 19 цртежи во комбинирана техника. Секој цртеж содржи натписи со наслови од значајни песни од Плат или клучни концепти во нејзиното творештво, а нивниот редослед создава приказна. Во тон со песната „Габи“ испишана на скулптурата, текстот во цртежите е сочинет од лишаи, кои се симбиоза меѓу две габи и алга или цијанобактерија. Лишаите се добиени од Македонското миколошко друштво.

Д-р Мејв О’Брајан, кураторка на изложбата, вели: „Ни претставува особено задоволство што делата на Кристина Зимбакова ќе бидат поставени за време на Конференцијата за Силвија Плат во Белфаст. Факултетот за уметност при Универзитетот „Алстер“ има долга историја и углед, а уметноста на Зимбакова е одраз на експерименталноста и имагинативноста како основни вредности што ги негува нашата установа. Самата инсталација е фасцинантна - вистинско филозофско размислување за творештвото на Плат изразено на креативен начин. Главниот елемент на инсталацијата - куферот по кој и е насловена поставката, е загадочен и нè потсетува на зборовите на Плат како и на јароста и деструктивноста преточени во нејзината поезија. Цртежите на Зимбакова се префинети, поетични и чудесни, покажувајќи ги нејзините исклучителни вредности како уметник и жарот во нејзините слики. Чест ни е што дела со ваков квалитет и страст се изложени во Белфаст, и се надевам дека дека ова ќе биде прва од мноштвото креативни соработки меѓу Ирска и Македонија преку Универзитетот „Алстер“.

Оваа е прва самостојна изложба на Кристина Зимбакова во странство, а досега имала седум самостојни изложби во земјава. Има учествувано на бројни меѓународни групни изложби, од кои позначајни се оние во Музејот за уметност „Ешкенази“ во Блумингтон, САД, и Оксфордскиот театар во Англија. Таа негува интердисциплинарен пристап кон уметноста, спојувајќи ги сликарството, поезијата и природните науки, а габите и лишаите се најкарактеристичен медиум за нејзиното творештво.

Изложбата во Центарот за уметност „Метрополитен“ во Белфаст, организирана од Факултетот за уметност при Универзитетот „Алстер“ во Белфаст, ќе биде отворена за тамошната публика до 12 ноември.