Бугарија ќе донира возило за лица со попреченост за општина Струмица

07 Ноември 2017

Владата на Бугарија одобри доделување на 70.000 лева (35.000 евра) за набавка на специјализирано превозно средство за сите ранливи групи во општина Струмица.

Како што соопшти прес-центарот на бугарската Влада, неповратната финансиска помош е во рамки на проектот за социјално вклучување на ранливи групи во општина Струмица и создавање услови за инклузивно учество на лицата со попреченост во економскиот, социјалниот и културниот живот, како и остварување на основните права без дискриминација по основ на ранливост.

Финансирањето ќе биде обезбедено од средствата одобрени за хуманитарна помош од буџетот на бугарското МНР за 2017-таа година.