„Тортијада“ со песна и дружење на членовите на „Мобилност“

22 Октомври 2017

По 20-ти пат синоќа во хотелот „Цар Самуил“ во Банско се одржа манифестацијата „Тортијада“ на Здружението за телесно инвалидизирани лица „Мобилност“ од Струмица, a под покровителство на градоначалникот и Советот на општина Струмица.

На годинашната „Тортијада 2017“ од вештите раце на лицата со телесен инвалидитет беа направени и презентирани 14 прекрасни торти од исто толку здруженија од Македонија и една зедничка торта на гостите од Белград и Тузла. Во нивниот изглед и вкус уживаа многубројните гости меѓу кои и градоначалникот Коста Јаневски, премиерот Зоран Заев и членови на новиот состав на Советот на општина Струмица.

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, кој веќе 12 години присуствува на оваа манифестација, претходно како градоначалник на Струмица, уште еднаш ја потврди неговата континуирана поддршка и пријателски однос кон лицата со посебни потреби, а тие му возвратија со срдечно добредојде и искрени прегратки.

„Верувам дека бројката беше едноцифрена кога првпат присуствував овде, а сега сме на 20-та „Тортијада“, затоа што си ветивме дека без разлика каде не носи патот во нашиот живот, остануваме заедно да го споделуваме задоволството од она што претставува традиција, од она што претставува вредност преку дружењето, да градиме пријателства коишто навистина се вредни и на коишто сите им се радуваме“ - рече Заев, обраќајки им се на луѓето со посебни потреби, присутни на манифестацијата.

Премиерот изрази задоволство што е дел од манифестацијата и што се дружи со лицата од „Мобилност“.

„Ве сметам за искрени пријатели. Стоиме на располагање меѓусебно да си помагаме и да се поддржуваме, заради тоа што навистина животот е полесен кога градиме пријателства и кога меѓусебно си помагаме“ -  додаде Заев.

Инаку, за најдобра торта беше прогласена тортата подготвена од членови на „Мобилност“ од Кичево, втората награда за радовишани, а трета награда ја освои тортата на членовиет на „Мобилност“ од Кочани.