Познатиот руски народен хор „Пјатницки“ доаѓа во Струмица

21 Октомври 2017

Познатиот државен академски руски народен хор „Пјатницки“, на 26-ти октомври ќе гостува во Струмица, на големата сцена во Центарот за култура „Антон Панов“. Со „Пјатницки“ се и солистите, Василиса Бержанскаја, победник на државни и меѓународни натпревари, Ана Аглатова, солистката на театарот „Бољшој“, Рустем Хамидулин на виолончело, победник на државни и меѓународни натпревари, Херман Киткин на пијано, победник на меѓународни натпревари и Олга Артјугина на виолина, победник на државни и меѓународни натпревари.

Гостувањето на рускиот народен хор „Пјатницки“ во Струмица, а претходниот ден и во Скопје, е во рамките на Деновите на руската култура, кои од 18 до 28 октомври се одржуваат во земјите од Централна и Југоисточна Европа - Словенија, Србија, Македонија и Грција.

Концертот на „Пјатницки“ во четврток ќе започне во 19:00 часот, а влезот е бесплатен, но поради ограничениот број на седишта и само еден концертен настап на овој руски народен хор, може да се резервираат влезници на благајната во НУЦК „Антон Панов“.