Јаневски: На овие локални избори, граѓаните се победниците, а јас сум само еден од нив

20 Октомври 2017

Новиот градоначалник на општина Струмица, Коста Јаневски, по превземањето на функцијата ја даде и првата изјава за медиумите, обраќајки им се на своите сограѓани, за поддршката, кои во неговата програма ја препознале неговата визија и љубов кон Струмица, а потенцираше дека сака заедно со нив да ја градат иднината на општина Струмица.

„Со голема чест, но истовремено и одговорност, денеска ја примив функцијата градоначалник на општина Струмица. Велам чест, затоа што Струмица не е било која општина, туку, најпрогресивната општина во последните 12 години, од која граѓаните очекуваат многу и тоа со право. Одговорност, затоа што мојот градоначалнички мандат ми е доверен со голем број гласови од граѓаните. Тоа се гласови на граѓани кои во понудената програма ја препознаа мојата визија и љубов кон Струмица, кои ја препознаа мојата сериозност и посветеност во нејзиниот развој. Препознаа живот во Струмица за сите. Во ова мое прво јавно обраќање како градоначалник на општина Струмица, сакам од срце да им се заблагодарам на граѓаните за поддршката која што ми ја дадоа и довербата што ја имаа во мене и во мојот тим. На овие локални избори, граѓаните се победниците, а јас сум само еден од нив, кој во наредните четири години ќе ја води општина Струмица во нови успеси. Им ветувам, ќе ги реализираме ветените проекти, ќе работиме вредно и посветено. Мојот кабинет секогаш ќе биде отворен за проблемите на граѓаните, нивните идеи и сугестии. Затоа што јас сакам заедно со нив да ја градиме иднината на Струмица. Да обезбедиме квалитетен живот за сите“ - изјави новиот градоначалник на општина Струмица, Коста Јаневски.