Во Струмица отворена изложба за американската мисионерка Мери Метјус

18 Октомври 2017

Синоќа во галерискиот простор на НУ Завод и Музеј во Струмица беше отворена изложбата „Мери Л. Метјус и Американското училиште за девојки во Битола 1888-1920“, која ја организира Пеги Хенсон, внука на Мери Метјус.

Станува збор за историски документи и фотографии, сопственост на семејството на Пеги Хенсон. Тие се хронолошки приказ на животот на Мери Метјус, како мисионерка во Американското училиште за девојки во Битола, каде што се школувале и голем број девојки од Струмица и струмичко.

„Да се биде жена во време-невреме која ги живее историските премрежија како што се Младотурската револуција, Балканските војни и Првата светска војна, без да се поколеба во својот избран пат, е херојство. Вечерва, низ одбрани фотографии и видео презентација ни беше раскажана приказната за Мери Метјус, Американка која 32 години од животот ги поминува во Македонија“ - рече во своето обраќање директорката на НУ Завод и Музеј Струмица, Василка Георгиева, упатувајќи јавна благодарност до Кристина и Михаил Цеков, што се решија овој убав настан да го споделат и пред струмичката јавност.

Вилфрид Ноузнер од Евангелско-Методистичката црква од Австрија, кој на отворањето пренесе дел од историјата за престојот на мисионерката Мери Метјус, посебно за нејзините студентки од Струмичкиот регион, вели дека според она што може да се прочита во архивските материјали за Мери Метјус, Струмица е многу поразлична од остатокот на Македонија, селата се поубави, луѓето подобро се разбираат меѓусебе, има подобро образование, посебно за жените и тоа е место на раѓање на многу важни и посебни луѓе, како што се претседатели и премиери. И денес продолжува така. Струмичани се еден посебен тип на луѓе - додаде Ноузнер.

Преку нејзините дневници, писма и фотографии, Мери Метјус ги прикажува, од прва рака, настаните во и околу Битола за време на нејзиниот престој во градот Битола. Таа била сведок на последните години на Отоманското владеење, Младотурската револуција, Балканските војни и Првата светска војна. За време на овој период, Американското училиште за девојки било институција која непрекинато работела во Битола.

Мери Метјус ја сакала Македонија и на неколку наврати престојувала во градот Струмица и струмичките села, за да ги посети нејзините поранешни студентки и да запише нови.

Изложбата во НУ Завод и Музеј Струмица ќе биде поставена до 25 октомври и струмичани ќе имаат можност да видат голем број фотографии и документи, благодарение на колеџот „Маунт Холиоке“ од Јужен Хедли, Масачусетс, САД.

ФОТОГАЛЕРИЈА од отворањето на изложбата