Костадинов и Јаневски ќе си ги заменат фотелјите

17 Октомври 2017

Вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов, веќе следната недела ќе му ја отстапи градоначалничката функција на новоизбраниот градоначалник, Коста Јаневски. Но градоначалникот Јаневски, ќе му ја отстапи на Костадинов пратеничката функција во Собранието на Република Македонија.

Откако и пратеникот на СДСМ во Изборната единица 4, Сашко Поцков на Локалните избори во недела беше избран за градоначалник на општина Гевгелија, а со тоа му престанува функцијата пратеник, како и на Коста Јаневски, меѓу следните од листата на пратеници на СДСМ од „четворката“ е и Костадин Костадинов.

Костадинов стана ВД градоначалник на Струмица, кон крајот на декември, откако поранешниот градоначалник, сега премиер на Република Македонија, Зоран Заев, стана пратеник. Требаше привремено да ја врши градоначалничката функција до Локалните избори во април, но тие беа одложени до 15 октомври.

И сега од Струмичкиот регион, СДСМ ќе има тројца пратеници, Катерина Кузмановска од Струмица, Сашко Атанасов од Василево и Костадин Костадинов од Струмица.