Во Струмица, Василево, Босилово и Ново Село победа на кандидатите од СДСМ

16 Октомври 2017

Според Дражавната изборна комисија, вчера на Локалните избори во општина Струмица, 18.504 граѓани го дале својот глас на кандидатот за градоначалник од СДСМ и Коалицијата „Живот во Македонија“, Коста Јаневски, а 11.751 глас на кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, Марјан Бајрактаров. Вчера изглегле да гласат 31.123 граѓани или 63,21% од запишаните во избирачкиот список на територијата на општина Струмица.

За членови на Советот на општина Струмица, СДСМ и Коалицијата освоиле 18.206 гласови, наспроти ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со 11.760 гласови. Според овие резултати, Советот на општина Струмица, составен од 23 членови би бил 14 за СДСМ, а 9 за ВМРО-ДПМНЕ.

Во општина Василево излегле да гласат 65,75% од запишаните граѓани или 6.862, од кои за кандидатот на СДСМ, Марјан Јанев гласале 3.604, а за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ванчо Стојанов, 3.046 граѓани. За членови на Советот на општина Василево, СДСМ освои 3.288 гласови, ВМРО-ДПМНЕ 2.851 глас, додека Демократската партија на турците освои 395 гласови.

Во општина Босилово кандидатот на СДСМ, Зоран Зимбаков освои 4.075 гласови, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Колев 3.281 глас, од вкупно излезените 7.575 или 61,50% од запишаните во избирачкиот список. За членови на Советот на општина Босилово, СДСМ со 3.848 гласови, а ВМРО-ДПМНЕ со 3.435 гласови.

И во општина Ново Село, СДСМ освои победа и за градоначалник и за мнозинство во Советот. Кандидатот на СДСМ, Боро Стојчев, освои 3.005 гласови, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Блажо Велков има 2.467 гласови, додека третиот кандидат, Драган Трајков, со 137 освоени гласови, од 50,36% излезеност или 5.764 граѓани на општината. Социјалдемократите Советот на општина Ново Село го освоија со 2.982 гласови, а ВМРО-ДПМНЕ доби 2.626 гласови.

Според Александар Чаботарев, претседател на ОИК, во општина Струмица, по завршувањето на изборниот ден, нема поднесено ниту еден приговор во записниците од избирачките места. Тече рокот од 48 часа за поднесување жалби од страна на учесниците во изборите.