ИНТЕРВЈУ со Александар Донев: Мојот тим е со нови и чесни лица на политичката сцена, кои ќе ги решаваат реалните проблеми на граѓаните

12 Октомври 2017

Александар Донев, кандидат за член на Советот на општина Струмица од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, носител на листата за советници, е роден на 22 септември 1986 година во Струмица. По професија е дипломиран правник - магистар по правосудни науки. Работи во Државниот архив на Република Македонија во Струмица, како Виш соработник за вршење надзор и контрола. Од август оваа година е претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.

Радио СтрумицаНет накратко со Донев, како носител на советничката листа на неговата партија за изборите во недела.

Господине Донев, Ве молам за профил на Вашата советничка листа.

ДОНЕВ: На нашата советничка листа преовладуваат млади, способни, образовани, почитувани и чесни луѓе кои уживаат авторитет во својата средина.

Што може да очекуваме од имињата што се на листата?

ДОНЕВ: Од кандидатите за советници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ сум сигурен дека ќе добиеме максимален ангажман, како човечки, така и професионален, со единствена цел подобрување на квалитетот и условите за живот во општина Струмица.

Независно од епилогот на 15-ти октомври, каква ќе биде Вашата советничка група, во интерес на народот или на партијата?

ДОНЕВ: По победата на 15-ти октомври, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ќе покажат на граѓаните на општина Струмица како вистински се работи во интерес на народот.

Зошто да се гласа за Вашата советничка листа?

ДОНЕВ: Затоа што нуди квалитетни личности без дамки во својата професионална кариера, нови и чесни лица на политичката сцена, кои својот авторитет и углед ќе знаат да го вложат во претставување на граѓаните и решавање на реалните проблеми кои во три мандати на СДСМ останаа нерешени.