ИНТЕРВЈУ со Марјан Даскаловски: Во Советот ќе го слушаме гласот на граѓаните и ќе ги решаваме проблемите

12 Октомври 2017

Марјан Даскаловски, кандидат за член на Советот на општина Струмица од СДСМ и Коалицијата „Живот во Македонија“, носител на листата за советници, е роден на 4 мај 1964 година во Пиперево, струмичко. По професија е дипломиран правник. Од 2004 година е претседател на Ловното друштво „Беласица“ во Струмица. Во 2009 година е избран за член на Советот на општина Струмица кога е именуван за претседател на Советот, се до 2014 година, до изборот за пратеник во Собранието на Република Македонија. Од истата година е и претседател на Здружението за гимнастички спортови во Струмица. Од 2011 година е претседател на Општинската организација на СДСМ во Струмица.

Радио СтрумицаНет направи кратко интервју со него, пред гласањето во недела на 15-ти октомври.

Господине Даскаловски, може ли накусо да кажете каква е вашата советничка листа.

ДАСКАЛОВСКИ: Советничката листа на СДСМ и Коалицијата е спој на младост и искуство, чесни луѓе без ниту една црна дамка. Меѓу струмичани, препознатливи во својата професија, вредни и секому со подадена рака за помош и поддршка.

Со овие имиња што може да очекуваат струмичани во Советот?

ДАСКАЛОВСКИ: Како што веќе спомнав дека позади мене на советничката листа се наредени луѓе кои уживаат голем авторитет во својата средина, односно во општина Струмица и пошироко, и во своите професии докажано. Струмичани можат од нас да очекуваат голема посветеност во работата, во Советот ќе го слушаме гласот на граѓаните и ќе ги решаваме проблемите за кои Советот ќе има надлежност.

Како ќе дејствува вашата група во Советот на општина Струмица, ќе биде продолжена рака на градоначалникот или не?

ДАСКАЛОВСКИ: Најпрво сакам да кажам дека ние, советниците од СДСМ и Коалицијата ќе работиме чесно и конструктивно и сите добри предлози и проекти од градоначалникот на општина Струмица кои ќе го подобрат животот на граѓаните на општина Струмица со големо задоволство ќе ги гласаме. А пак ако некој проект не е приоритетен или ќе биде на штета на граѓаните на општина Струмица, сигурно нема да го гласаме. Тоа значи дека нема да бидеме негова продолжена рака, туку ќе бидеме негов коректив.

Зошто струмичани да се одлучат за Вашата листа на советници?

ДАСКАЛОВСКИ: Прво, многу подобро е да биде и централната и локалната власт од иста политичка опција. Зошто го велам тоа? Затоа што кога се од различни политички опции, централната власт може да прави опструкции на локалната власт и поддршката да биде минимална или воопшто да ја нема. Еве, тоа беше до сега случај во Струмица. Второ, листата на советници од СДСМ за Струмица и коалиционите партнери е составена од исклучително чесни и вредни луѓе на кој приоритет им е во наредниот 4-годишен мандат да остават траен белег и да бидат запаметени како советници кои реализирале голем број на проекти со кои им се олеснил или им се подобрил животот на граѓаните на општина Струмица и нашата убава Струмица да ја направиме уште поубава.