Коста Јаневски: Нудиме програма која обезбедува квалитетен живот на сите категории граѓани

12 Октомври 2017

Кандидатот за градоначалник на општина Струмица од СДСМ и Коалицијата „Живот во Македонија“, Коста Јаневски и денеска ги повика граѓаните за општина Струмица да ја дадат поддршката на кандидатите со број 19, за градоначалник и членови на Советот на општина Струмица.

Почитувани граѓани,

Преостануваат уште два дена од изборната кампања и уште четири денови до затворањето на гласачките места. Иднината на општина Струмица во наредните четири години е во ваши раце. Вие треба да одлучите кому ќе му ја дадете вашата доверба.

Во овој предизборен период секојдневно бевме меѓу вас. Ви благодариме на големата поддршка која ни ја давате. И големиот митинг во Струмица ја покажа вашата одлучност и неисцрпната енергија која ја имате за оваа наша Струмица, но и поддршката за мене како кандидат за градоначалник и за советничката листа на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Коалицијата.

Нашата визија за претстојниот четиригодишен мандат е јасна. Нудиме проекти кои се реални решенија на вашите проблеми, но и кои обезбедуваат прогресивен развој на општина Струмица. Струмица и натаму ќе биде секогаш прва во се.

Тоа ние и го должиме на општината, бидејќи никогаш не смееме да престанеме да бидеме тоа што сме:ОПШТИНА ЗА СИТЕ, ВО КОЈА ЌЕ ИМА ЖИВОТ ЗА СИТЕ!

Децата се нашиот приоритет. Тие се иднината на нашата Општина.

Ќе ги прошириме капацитетите во градинката „Детска радост“ во клоновите 2 и 6.

Ќе изградиме нова градинка во касарната и ќе ги довршиме започнатите проекти за изградба на градинки во Куклиш, Муртино и Просениково.

Ќе изградиме Центар за целодневен престој на деца од 6 до 10 години. Со тоа ќе се реши проблемот на родителите кои поради работни или други обврски не се во можност да бидат со своите деца и да им помагаат при извршувањето на училишните обврски.

Ќе обезбедиме бесплатен оброк за сите ученици во основното образование.

Ќе го дислоцираме средношколскиот дом на средното училиште „Димитар Влахов“ во комплексот на училиштето. Со тоа ќе се обезбеди поспокоен и помирен живот за средношколците.

Ќе ги модернизираме училиштата и ќе овозможиме квалитетна настава за сите ученици.

Почитувани граѓани,

Нудиме програма која обезбедува квалитетен живот на сите категории граѓани.

Затоа, излезете масовно в недела на 15 октомври и со својот глас покажете и докажете дека ја саката нашата Струмица.

ЗАОКРУЖЕТЕ ГО БРОЈОТ 19 и дозволете ми мене и на членовите на Советот да продолжиме да ја развиваме Струмица, општина на сите граѓани.