Честитка од Бајрактаров: Најголем патриотизам е да им обезбедиме услови на младите и постарите да живеат и работат во Струмица

11 Октомври 2017

Кандидатот за градоначалник на општина Струмица од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, во својта празничка честитка до граѓаните по повод празникот 11-ти Октомври, вели дека најголем патриотизам во овие времиња е да им обезбедиме услови и причини на младите и постарите, да останат да живеат и работат во Струмица, во Македонија.

Почитувани струмичани, почитувани Македонци!

Денеска е голем ден за македонската историја, еднакво голем и за македонската иднина. Ден кога е поставен еден од темелите на македонската државност.

Македонскиот народ застана на страната на прогресивноста и самостојно се избори за својата слобода. Отпорот никогаш не е залуден кога е инспириран од сонот за сопствена слободна држава.

Слава им на сите кои се бореле и го положиле животот за македонската борба за права и еднаквост!

Праведното управување со локалните работи, со заедницата, почитувањето на интересите на сите кои заедно живееме во нашата општина, се најдобриот начин да се покаже љубовта кон татковината.

Најголем патриотизам во овие времиња е да им обезбедиме услови и причини на младите и постарите, да останат да живеат и работат во Струмица, во Македонија.

Мојата визија за Струмица е да им обезбедиме на нашите деца пристојни услови да растат во општество кое ќе се темели на чесност, праведност  и еднаков пристап до можностите за сите.

Да покажеме дека со заедничките работи мора да се управува, а не да се владее.

Да понудиме нова, современа насоката на управување во која ќе се решаваат проблемите на граѓаните посветено, транспарентно и отчетно.

Честит празник, 11-ти Октомври, да сте живи и здрави!