Струмица го одбележува Денот на народното востание и Ден на борецот

11 Октомври 2017

Општина Струмица денеска го одбележува 11-ти октомври, Ден на народното востание и Ден на борецот.

Претпладнево, пред Споменикот на Револуцијата во Градскиот парк, се одржа чествување, на кое за значењето на празникот говореше градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.

„11-ти Октомври 1941 година, e ден кога македонскиот непокор уште еднаш беше потврден на дело, како многу пати до тогаш, а со осамнувањето на денот денешен, повторно осамнаа спомените за тој непокор и за слободољубивоста на македонските борци кои на дело ја покажаа и докажаа љубовта кон својата татковина. Го славиме денес овој 11-ти Октомври како Ден на востанието на Република Македонија и како Ден на борецот. Меѓу многуте напишани и кажани зборови за овој наш празник, останало запаметено дека: “Во најубавата приказна за слободна Македонија се вградени судбините на голем број млади луѓе. Затоа, ова наше востание мора да стои на пиедесталот од креирањето на вистинската приказна за македонската република... 11-ти Октомври е ден од македонската историја кој не само што е симбол на нашата борба за слобода, туку е и ден кога е поставен еден од темелите на подоцнежната македонска државност. На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание. Наша должност останува да го чуваме она за што тие го дадоа својот живот. Нашата историја не мотивира да чекориме напред и да веруваме во себе”. Токму затоа, драги сограѓани, денес имаме убава причина да му се радуваме на празникот и да бидеме горди на почитта што ја имаме за него“ - рече Костадинов.

Претставници на општина Струмица, на Сојузот на борците, на јавни институции, политички партии, училишта и здруженија, положија свежо цвеќе пред Споменикот на Револуцијата. Свежо цвеќе положија и двајцата кандидати за градоначалник на општина Струмица, Коста Јаневски и Марјан Бајрактаров, а членови на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“, интерпретираа револуционерна поезија.

Одбележувањето на празникот продолжи со турнир во мал фудбал за девојки од 8 до 14 години на Општинското фудбалско игралиште со вештачка трева, а утре во 18:00 часот ќе се одржат традиционалните Ноќни крос трки за учениците од основните и средните училишта.

ФОТОГАЛЕРИЈА