Гоцевска: Ќе го уредиме поројниот канал со облагородување на околниот простор со хортикултурно уредување

10 Октомври 2017

Кандидатот за член на Советот на општина Струмица од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, Драгана Гоцевска, на прес конференцијата говореше за дел од проектите и мерките кои нејзината партија ќе ги превземе во комуналната инфраструктура во општина Струмица.

Интегрален текст од прес конференцијата:

Локалната самоуправа предводена од ВМРО-ДПМНЕ во наредниот четиригодишен период ќе работи посветено на подигање на квалитетот на комуналните услуги.

Ќе инвестираме во изградба, реконструкција и санација на пазари, водоводни и канализациски системи, осветлувањето на улици, уредувањето на поројни канали, паркинзи, како и паркови и зелени површини на територијата на општината.

Струмица е земјоделски регион, па затоа новата локална власт, на површина од 30.000 м², ќе изгради нов современ Градски пазар, кој ќе содржи модерни продажни места како и голем паркинг простор.

Ќе се реконструира кванташкиот пазар и ќе се изградат нови капацитети за складирање на земјоделските производи.

Малиот пазар на улицата „Елка Јанкова“ и пазарот „Чешел“, исто така ќе бидат целосно реконструирани, со поставување на нови тезги за продажба на земјоделски производи.

Во однос на водоснабдување на населението, ќе ставиме акцент на подобрување на притисокот на водата во пониските делови на градот Струмица, а во однос на населените места приоритет ќе дадеме на реконструкција на застарените водоводни мрежи во Банско, Рич и Габрово. Во Куклиш ќе работиме на подобрување на  квалитетот на водата за пиење со користење на современи технологии за прочистување на истата.

Ќе се изградат канализациони мрежи во следните населени места: Дабиље, Добрејци, Просениково, Сачево, Банско, Вељуса и Водоча, а во Куклиш ќе се стави во функција Филтер станицата за отпадни води.

Комплетно ќе се ревитализираат сите постоечки паркови и зелени површини во градот Струмица и во населените места, а воедно ќе се уредат и нови површини за оваа намена.

Ќе се изготви и реализира проект за наводнување на зелените површини со непреработена-техничка вода.

На улицата „Благој Мучето“, која е дел од Градскиот плоштад предвидуваме менување на сегашните целосно искршени гранитни плочки, со нови, поставени врз бетонска подлога, а не врз песочна како досега.

Преку ЈП „Комуналец“ тековно ќе ги одржуваме градските гробишта со обновување на пристапните патеки, чешмите и санитарни чворови.

Изградбата на нови тротоари, како и реконструкцијата и уредувањето на веќе постојните ќе се врши континуирано.

Ќе го прошириме системот за улично осветлување, посебно во периферните делови од градот, како и во сите села во општината Струмица. Ќе бидеме ажурни во санирањето на дефектите и поставување на нови - дополнителни улични столбови.

Ќе го уредиме поројниот канал „Крушевска Република“, со облагородување на околниот простор со хортикултурно уредување, поставување на клупи, огради и канделабри.

Ќе донесеме нов ценовник за паркирање на возилата во градот Струмица, со значително намалени цени и зголемено време за паркирање.

Заради зголемените потреби за паркинг места во централното подрачје ќе бидат изградени два нови монтажни паркинзи на две нивоа.

Затоа на 15-ти октомври гласајте за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, заедно да ја започнеме новата ера за Струмица!