Груевски: Многу направивме за Струмица, гласајте за Нова ера

08 Октомври 2017

„Продолжуваме да ја следиме нашата патека, со ваша целосна поддршка, со истата љубов и посветеност како првиот ден. Искрено верувам дека изборите на 15-ти октомври ќе завршат со најдобрите резултати за нашата Македонија. Нашиот народ ќе дојде до соодветни услуги, услуги какви што заслужува“ - истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на вечерашниот митинг од Струмица.

Новата ера за Струмица носи многу нови проекти од програмата. Планираме реконструкција на Градскиот плоштад и на улицата „Благој Мучето“. Во новата програма планираме изградба на современ Градски пазар на површина од 30.000 м², со модерни продажни места и голем паркинг простор. Ќе продолжиме да вложуваме и во патната инфраструктура. Планираме изградба на булевар „Климент Охридски“ на потегот од „Жито Струмица“ до излезот на градот кон Валандово. Постоечката улица ќе прерасне во булевар. Ќе се изврши проширување со уште две ленти со околни тротоари, а должината на булеварот ќе изнесува 2,7 километри. Планираме изградба и на нов булевар на потегот од улицата „Братство и Единство“, покрај автобуската станица и поврзување до обиколниот пат Струмица - Ново Село. Булеварот ќе биде со вкупно четири ленти, со што ќе се обезбеди брз проток на возила и луѓе. Ова ќе придонесе за намалување на сообраќајните гужви и побрз пристап до населените места Просениково, Сарај, Пиперево и други. Предвидуваме изградба на локалниот пат село Водоча - брана  Водоча во должина од 5 километри. Предвидуваме реконструкција на улицата „Крушевска Република“ и уредување на каналот, поставување на клупи, огради и канделабри“ - рече Груевски, повикувајќи ги струмичани да гласат за редниот број 13 и кандидатот за градоначалник, Марјан Бајрактаров и листата на советници со носителот Александар Донев.

ФОТОГАЛЕРИЈА од Митингот >>>