Тања Бошковиќ - лауреат на ФКТ „Ристо Шишков 2017“ во Струмица

13 Септември 2017

Вечерва во градот на раната младост на Ристо Шишков, во Струмички храм на културата, пред струмичани и голем број на гости од повеќе градови од Македонија, но и од Балканот, српската актерка Тања Бошковиќ ја прими наградата за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, која се состои од медалјон со ликот на бардот на театарското глумиште, Ристо Шишков и парична награда од 1.500 евра.

Жири комисијата на 25-тото јубилејно издание на меѓународниот Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, наградата на Тања Бошковиќ и ја додели за улогата на Марија Клаиќ во претставата „Солзите се ОК“ од Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ, а во продукција на Театарот „Ѕвездара“ од Белград.

Според жирито предводено од ланскиот лауреат босанскиот актер Зијах Соколовиќ, Тања Бошковиќ со својата перфектна актерска игра успеала низ повеќе форми да направи одлична комуникација со публиката.

„Ми преставува голема чест што ја добив наградата „Ристо Шишков“, која е посветена за актерската игра. За мене значи многу ова признание и задоволна сум од македонската публика како ја  прими преставата која ја играв. Се надевам дека нема да бидам за последен пат во Струмица“ - рече Бошковиќ.

За единствената награда на фестивалот конкурираа 40-тина актери од Македонија, Косово, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, кои во петте фестивалки денови играа во 13 претстави.

ФОТОГАЛЕРИЈА