Премиерот Заев во Соборниот храм во изградба, кумството го превзема Верица Узунова

28 Август 2017

Големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица денеска беше одбележан и во Соборниот храм на Македонската Православна Црква во Струмица, кој е во изградба, а го носи името на Пресвета Богородица.

На свеченоста, претставници од МПЦ - Струмичка Епархија на чело со Протојереј Ставрофор - Васе Гоцевски, во чест на празникот, го извршија традиционалното благословување на славската погача, а годинашниот кум на храмот, Анастас Цамбулев со погача и локум ги почести верниците, предавајќи го кумството за идната година на Верица Узунова, директорката на ЈП „Паркиралишта Струмица“

На свеченоста присуствуваше и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, од каде упати честитка до христијанските верници.

„Ова е еден од нашите поголеми христијански празници кога ни личи да сме во нашите цркви, во нашите храмови со нашиот народ за да споделуваме христијански вредности. Споделувањето на христијанските вредности значи дека сме добри луѓе, кои сакаме да си помагаме, меѓусебно да си пружиме рака и заедно да се надеваме на подобра иднина на сите нас“ - рече премиерот Заев.

Заев нагласи дека Македонија е се што имаме, а нашата црква е нашиот покровител, надевајќи се дека овие празници ќе ја вратат добрината во душата за да продолжиме да бидеме пред се добри луѓе.