Од утре во Струмица по 7-ми пат Летен музички камп

22 Август 2017

Од утре до 27 август Струмица ќе биде домаќин на млади музичари, 40-тина студенти на класична музика, во рамките на 7-от Летен музички камп „Струмица 2017“.

Во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе се одржи овој летен музички камп за дувачки инструменти. Еминентни професори ќе држат часови за повеќе дувачки инструменти, флејта, хорна, труба, како и за камерна музика. Стартот на овој летен камп ќе биде означен утревечер во 20:00 часот со концерт на лауреатите на Меѓународниот музички натпревар „Охридски бисери“.

„Целта ни е да докажеме дека во Македонија има добра школа. Имав искуство во септември, кога најдобриот хорнист во Берлинската филхармонија Штефан Дор, одржа тричасовен семинар, по што ни оддаде признание за она што го работиме во педагогијата. Македонија има одлична музичка педагогија, но и одредени аномалии кои сакаме да ги надминеме на овој камп“ - вели проф. доц. Александар Гошев, ментор на летниот музички камп во Струмица.

Струмичани кои уживаат во класичната музика, можат секоја вечер од 23 до 27 август да ги следат концертите во Центарот за култура.