Двајца градежни работници од кривопаланечко загинаа во сообраќајка доаѓајки на работа во Струмица

21 Август 2017

Двајца мртви и двајца потешко повредени е билансот од сообраќајната несреќа, што рано утринава се случи на патот Штип - Струмица, кај селото Лакавица.

Околу 06:40 часот кога од засега непознати причини патничко возило „Фолксваген Шаран“, во кое се превезувале четворица градежни работници излетало од патот, удрил во брегот и се превртело. Патниците во автомобилот биле од кривопаланечко и работеле на градежен објект во Струмица.

Возачот на „шаранот“ е задржан во штипската болница, а 55-годишниот сопатник со скршеници на ребрата е транспортиран на клиниките во Скопје.

Телата на починатите се дадени на обдукција, извршен е увид на лице место, по што ќе се утврдуваат причините за несреќата.