Од вечерва промена на времето: пороен дожд, грмежи, засилен ветер, пад на температурата

20 Август 2017

Во вечерните часови, особено во северозападниот регион, ќе има повремено пороен дожд и грмежи, а од утре ќе преовладува променливо облачно, ветровито и свежо време со локални врнежи од дожд и ретки грмежи. Наместа можни се поинтензивни врнежи од пороен дожд и грмежи и понекаде локално вкупно ќе наврнат и над 25 л/м² воден талог и тоа особено на северот и во планинските региони на запад и на исток. До вечерните часови врнежи ќе има и на југот и југоистокот.

Утре ветровито ќе е од преку ноќта, а ќе дува и повремено засилен северен ветер особено попладне, вдолж Повардарието и кон североисток. Дневната температура ќе е пониска за 8 до 10 степени во однос на денешната.

Во вторник ветерот се уште повремено ќе засилува, но ќе започне период на стабилно време со постепен пораст на дневната температура. Температури слични на денешниве ќе има на крајот од работната недела, но со посвежи утра.