Кој е кандидат за градоначалник на Струмица од СДСМ?

16 Август 2017

Денеска ВМРО-ДПМНЕ го објави кандидатот за градоначалник на општина Струмица за претстојните Локални избори кои ќе се одржат на 15 октомври. Тоа е познатиот струмички стоматолог, д-р Марјан Бајрактаров. ВМРО-ДПМНЕ изненади со јавно објавување на кандидатот, знаејќи дека оваа партија своите кандидати пред изборите ги чуваше во тајност до последниот ден, овој пат цел месец пред последниот ден за доставување во ДИК.

Кој ќе му биде противник од СДСМ на Марјан Бајрактаров? Во СДСМ кружат дури шест имиња, кои според нашите извори се кандидати за кои се изјаснува членството преку внатрепартиска анкета, „од врата до врата“, која од вчера ја спроведува „централата“.

Кандидати се актуелниот вршител на должноста градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, претседателот на ОО на СДСМ во Струмица, Марјан Даскаловски, пратеникот д-р Коста Јаневски, сопственикот на „Тритерол“, Лефтер Андонов, како и бизнисмените Сашо Масев и Миле Милановиќ. Но според нашите извори најсериозни кандидати кои уживаат доверба кај членството се Марјан Даскаловски, Костадин Костадинов и д-р Коста Јаневски.

Кој ќе му биде противкандидат на Мајран Бајрактаров? Од СДСМ велат дека до крајот на месецот ќе се објави името на кандидатот за градоначалник на општина Струмица, а набрзо и можните кандидати за членови на Советот на општина Струмица.

Последниот рок за доставување листа на кандидати за советници во Советите на општините и кандидати за градоначалник е до 14 септември до полноќ.