Започна „Струмица ОПЕН Фестивал 2017“

04 Август 2017

Со откривање на два мурала на родокрајните уметници Ване Костуранов и Никола Пијанманов, синоќа започна најновото издание на „Струмица ОПЕН Фестивал 2017“, кој ќе трае до 13 август. Стартот на СОФ2017 го означи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

Пред библиотеката „Благој Јанков - Мучето“, каде што се поставени муралите се одржа и рок забава со концертен настап на бендот „Contact 59“, во кој е и синот на светски познатиот музичар од Струмица, Зоран Маџиров, Љубен, кои овој концерт го посветија токму на маестро Зоран Маџиров.

Пред публиката беа изложени и фотографии од наградниот фото-конкурс за Струмица, а покрај корзото млади уметници твореа пред публиката.

Вечерта продолжи со настап на Паркети на Летната игранка на Леблебиџиската улица. Во следните десет дена на 5 сцени во 20 различни настани ќе настапат над 80 уметници.  

Претстојат денови полни со изложби, концерти, театар, филм и поезија.

Музичките-забавни вечери на шестото издание на фестивалот започнуваат на 11-ти август со Браќата Тавитијан и специјалните гости Јелена Томашевиќ, Сергеј Цетковиќ и Жељко Бебек.

Истата вечер ќе настапи и бендот Галија. Вечерта ќе заврши со електронска музика со Александар Галоски и Пата Пата рекордингс.

Во сабота на 12-ти август ќе настапат Дани Димитровска, рок-составот Ван Гог, една од најпопуларните балкански пејачки Јелена Розга, диџеј Мистик и Астраион проџект.

Во недела на 13-ти август на големата ОПЕН фест сцена ќе ги видиме Нино Величковски, Queen Real Tribute, електронските дуа Disconnected и Cyrillic.

Честа за затворање на фестивалот годинава ќе му припадне на најпопуларниот балкански кантавтор Дино Мерлин со прв и ексклузивен концерт пред струмичката публика, велат организаторите.

ФОТОГАЛЕРИЈА 1

ФОТОГАЛЕРИЈА 2

ФОТОГАЛЕРИЈА 3